Црковниот хор при „Свето Благовештение“, 1936...

Прилепски хорови

Прилепски хорови

Хорскиот живот во Прилеп започнува во 1879 година, кога младиот Атанас Бадев, како ученик во Софиската гимназија, за време на летниот распуст, формирал црковен хор во Прилеп, кој пеел четиригласни духовни творби. Овие хорски композиции, најчесто наречени „концерти“, потекнуваат од руски и други словенски композитори. Еден од најзастапените композитори во репертоарот на хорот бил Димитриј Бортњански.

По Атанас Бадев, раководител на црковниот хор во Прилеп постанал Александар Јанчулев. Во учебната 1880/81 година, раководењето на хорот го презел учителот на основното училиште, прочуениот црковен псалт и мелограф – Георги Смичков. Овој културен работник бил централна личност на духовниот и световниот музички живот во Прилеп. Како самоук, тој одел во Солун и набавувал литература за музичко образование. Освен тоа, успеал да ги усвои принципите на европската линиска нотација и да се подготви за мелографската дејност. Познавањето на европската и хризантската византиска нотација му послужило да ги испишува штимовите за хорот на определени духовни композиции од европска на византиска нотација.

По Смичков, црковниот хор во Прилеп го воделе учителите Дамјанов, Јанчулев, Тошев и Беќаров. Во овој период, дејноста на прилепскиот црковен хор е значајна и по тоа што, околу него била собрана група црковно-музички дејци, кои покрај хорските обврски, се занимавале и со творечка дејност.

Креатори на световниот музички живот во Прилеп пред Балканските војни биле учителите по музика, кои истовремено ги раководеле училишните и градските хорови. Од нив, посебно внимание заслужува Христо Шалдев, родум од Гуменџа, кој студирал духовна академија во Русија. По престојот во Прилеп, каде дал значаен придонес за развојот на хорското дело, својата активност ја продолжил во Солунската женска гимназија. Освен Шалдев, во овој период треба да се спомнат и Илија Антонов, раководителот на градскиот хор и јуначката блех музика, како и Беќаров, кој извесно време учел во Чешка, а како учител во Прилеп раководел со оркестар, составен од неколку виолини, контрабас и флејта.

Од 1922 година, со црковниот хор диригирал Петар Спасески, кој бил музички образован човек. Во хорот членувале чиновници, интелектуалци, занаетчии… Освен во црквата, хорот настапувал и на самостојни концерти на духовни песни во Соколскиот дом. На 20 јануари 1936 година, хорот гостувал во хотелот „Босна“ во Битола.

По Првата светска војна, великоспрпската власт формирала пејачко друштво „Краљевиќ Марко“, чија дејност била краткотрајна и малку позната.

Во 1929/30 година бил формиран и првиот градски мешан хор, која броел над 60 членови хористи од разни структури. Со хорот диригирал Василиј Николоски, стручен наставник по музика во Гимназијата. Хорот се викал „Билјана“. Во својата програма за работа, хорот настапувал со творби од познати композитори (Мокрањац, Бинички), а изведувале и македонски народни песни во преработка.

Учителската школа и Гимназијата имале свои средношколски хорови, кои редовно работеле и настапувале на пригодни свечености. Покрај овие хорови, постоел и специјален студентски мешан хор, кој под диригентство на Славе Попески изведувал песни и приредувал концерти во прилеп, Битола, Охрид, Кичево и на други места.

Од 1935 година, при „Монополот“ постоел хор составен од работници и работнички. Со хорот раководел диригентот Благоја Квачкоски. Хорот подготвувал хорски песни и музички композиции и настапувал пред работниците и граѓаните. Хористите носеле зелена униформа со капи и значки со тутунов лист…

_____________________________________________________________

Прилеп, 14 април 1940 година
До Редов ђак
Ћирило Спасевић
Апотека сталне војне болнице
Котор

„…Петре ( Диригентот Петар Спасески ) денеска не го пушчија да си дојди, оти ни пиша дека имало многу работа и никој не пушчале, но Благоја си дојде одвај со молење од страна на владиката, заради црквата за хоро. Па се надеваме да го пушча порано и него, заради хоро.
Туку и да не го пушча ће си помини…“

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc