1917: Прилепско машко оро...

Музичка традиција

Музичка традиција…

Во минатото во Прилеп се одвивала релативно богата музичка активност. Фактот што Прилеп е еден од градовите во Македонија, каде што најрано започнало усвојувањето и негувањето на западноевропската музичка култура, јасно ни говори дека во овој крај постоела адекватна база, чии корени датираат од подалечното минато. Како значаен средновековен центар и седиште на словенски феудални великодостојници, паралелно со византиската црковнословенска музичка пракса, Прилеп имал и световни манифестации врз база на народната музика, секако, прилагодени на потребите на владеачката каста.

Новосоздадените поволни услови во македонските урбани средини и стапувањето на сцената на младото македонско граѓанство во минатите векови, довеле до појавата на таканаречената „градска песна“. Градската песна со својот стил и тематика јасно ги определува суштествените разлики меѓу класната групација. Така, композицијата на Прилепчанецот Димзов, напишана со неумска нотација, која се чува како ракопис во прилепскиот Музеј, иако е пишувана врз црковен текст и има претензии да биде музички возвишена, безвременска и несекојдневна, сепак, во најголема мера, инспирирана е од градската песна на прилепскиот регион од ХIХ и почетокот на ХХ век.

Автентичниот национален музички продукт го среќаваме кај прилепските дејци, кои се вбројуваат меѓу пионерите на македонската мелографија – Александар Конев, Георги Смичков и Тодор Гавазов. Осврнувајќи се врз мелографската работа на спомнатите културни дејци, некогашниот учител во Прилеп – Никола Ганчев Еничеров, запишал: „Песните собрани од Марко Цепенков и нотирани од прилепските музичари Тодор Гавазов и Александар Конев, претставуваат една блескава китка, на која мнозина можат да завидат“.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc