1970: Пеце Атанасоски заедно со КУД „Мирче Ацев“ на гостување во Белгија...

Пеце Атанасоски

 

Петре Василев Атанасоски е роден во село Долнени на 25 октомври 1925 година. Тој е светски признат и познат играорец и инструменталист, најпознат македонски гајдаџија и еден од најпродуктивните собирачи на македонски народни песни и ора.

Пеце пораснал во Долнени, заедно со уште девет браќа и сестри, и живеел таму се до 1944 година.
Како дете бил овчарче и се школувал само до четврто одделение, бидејќи неговите родители немале финансиски можности за да продолжи образованието.
Започнал со свирење на инструменти на возраст од 5-6 години покрај другите членови од неговата фамилија кои биле надарени свирачи на свирачи на гајда, кавал, шупелка…
Можноста да се запознае со народните инструменти и интересот на Пеце кон нив го натерале да ги научи сите инструменти кои се наоѓале во неговото семејство.

Од 1944 до 1947 година, Пеце служел во војска, и потоа оди во Скопје каде што работел како продавач во фабрика за облека.
Во тој период, тој успева да заврши осмо одделение, па дури и да се запише во средното музичко училиште.

Бил професионално ангажиран во Радио Скопје (1947) и во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец” во Скопје (1950). Од 1959 година, па до пензионирањето, бил раководител на Оркестарот од народни инструменти во Радио Скопје и кореограф на повеќе од дваесет КУД во Македонија. Од 1966 година цели 29 години ја раководел Фолклорната школа за странци во Отешево. Со своите гостувања со разни културно-уметнички друштва низ светот ги афирмирал високите достоинства на македонскиот мелос.
Открил и промовирал неколку селски пејачки групи како што се Бапчорки, Кумановско Трио, Квинтет Темјанушки и Трио Кучковски.

Носител е на 19 меѓународни награди на светските фестивали во Ланголен (Англија), Брно и во други градови. Во конкуренција на 1.800 гајдаџии од целиот свет, го освоил првото место и наградата „Златна гајда” на фестивалот во Ериче, Италија (1968). Како светски признат народен инструменталист, држел часови на разни универзитети во светот, од Лос Анџелес до Токио.

Има собрано импозантна фолклорна збирка од околу 20.000 народни песни и ора. Животот го поминал со својата сопруга Цена и двете ќерки Весна и Сузана.
Почина на 14 септември 1996 година во Скопје, како директор на Долненскиот фестивал, чиј основач беше (1973), а кој сега е именуван како Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски” село Долнени, Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај