Дваесетите години од минатиот век: Сотир Спасески сликан со свои колеги музичари

Тамбурашка традиција во Прилеп

Тамбурашка традиција во Прилеп

За разлика од тамбурата, која на овие простори е донесена од Турците во XIV век, мандолината, која е со потекло од Италија, како инструмент е присутна дури во првата половина на XVIII век. На почетокот овие инструменти наоѓаат свои приврзаници најмногу меѓу кројачите и берберите, т.е кај оние занаетчии, кои можеле да си дозволат слободно време за да и се посветат на музиката.

На почетокот, пред да се создадат првите тамбурашки и мандолински оркестри, оркестрите се составени од по 3 до 5 музичари, кои најчесто свиреле по семејните веселби, слави и излети. Во берберскиот еснаф, кој во тоа време бил еден од најбројните, имало неколку групи на музичари, кои свиреле индивидуално или групно на честите ескурзии во околината на Прилеп и по манастирските слави во Трескавец, Слепче, Прилепец, Селце. Исто така од овој еснаф произлегле и повеќе чалгииски свадбарски групи. Во тоа време, како музичари посебно се истакнувале берберите: Пане Анџијата, Андон Котески, Андон Ѓупчето, Коце Големиот, кој бил вистински мајстор на мандолината, Коце Малиот по кого е испеана и песната „Коце берберот“, мајстор на виолина и ножна хармоника.

Својот подем овие инструменти го доживуваат на почетокот од минатиот век, кога во Прилеп се забележани три тамбурашки оркестри, формирани низ градските маала: Варошко маало, на Ридот и Ѓогдере. Тогаш се формирани и првите поголеми оркестри, кои броеле и до 20-тина членови. Во овие оркестри, најчесто биле застапени виолините, мандолините, гитарите, бисерниците и други музички инструменти.

Во учебната 1906/07 година, во тогашната прилепска осмолетка, постоел оркестар составен од седум-осум инструменти: виолина, мандолина, флејта и контрабас. Во тоа време на флејта посебно се истакнувал учителот Беќаров, а во Прилеп се забележани околу триесеттина иструменталисти.

Во 1922 година во Прилеп е создаден и првиот мандолински оркестар, со кого раководел учителот Ѓорѓи Шабанче. Истата година се создадени уште два мандолински оркестри, едниот во Варошко маало а другиот на Ридот. Со двата оркестри раководел Петре Спасески (тогаш Спасевиќ). Во 1927 година братот на Петре, Сотир Спасески формирал мандолински оркестар, но поради престојните студии по фармација во Загреб, овој оркестар се одржал само една година.

Во дваесетите години во Прилеп се забележани околу триесеттина иструменталисти, од кои посебно се истакнувал Благоја Атанасоски-Квачката.

Во тоа време во Прилеп почнуваат да се изработуваат инструментите, кои дотогаш се набавувале од Солун и Битола. Први познати мајстори на инструменти биле дограмаџијата Коце Ковил, кој посебно се истакнувал во изработката на лаутата и Ицо Пата кој изработувал виолини.

По ослободувањето, прилепчанецот Илија Николовски – Луј прв во Македонија се зафаќа со аранжирање на композициите од Моцарт, Шуман, Шуберт и други копозитори, прилагодувајќи ги истите за мандолински оркестри.
Тој во 1971 година се јавува како автор на првата збирка на аранжирани копозиции за мандолински оркестри.

На иницијатива на музичките педагози Илија Јанчулески и Петар Цветкоски, во 1967 година во Прилеп за прв пат е организиран фестивал на мандолинските оркестри од СР Македонија кој започнал традиционално да се одржува на 2 и 3 ноември, по повод ослободувањето на градот Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc