Илија Николовски - Луј

Илија Николовски – Луј

Илија Николовски-Луј е роден на 7 Октомври 1913 година во Прилеп. Тој бил еден од првите организатори на музичкиот живот во Република Македонија. Првите сознанија за музиката ги добил од музичките раководители на културно-уметничките друштва во Прилеп. Музички се образувал во Белград и Софија, а дипломирал на Педагошката академија во Скопје. Како учесник во НОВ, во 1944 година формирал хор и дувачки оркестар во Втората и Петтата пролетерска бригада.

Од 1945 година работи како наставник за труба и хорна во Средното музичко училиште во Скопје но како врвен инструменталист свирел на уште десетина други инструменти. Во периодот од 1947 до 1973 година е директор на Средното музичко училиште во Скопје.
Тој како долгогодишен раководител на оваа институција дал голем придонес во поставувањето и развојот на музичкото образование. Во неговото 25-годишното раководење, Николовски водел успешна кадровска политика за единствената музичка педагошка институција, со што се едуцирале првите кадри потребни за Македонската филхармонија и за Операта со што се создала погодна почва за отворање на Високата музичка школа.

Илија Николовски – Луј прв во Македонија се зафаќа со аранжирање на композициите од Моцарт, Шуман, Шуберт и други копозитори, прилагодувајќи ги истите за мандолински оркестри. Тој во 1971 година се јавува како автор на првата збирка на аранжирани копозиции за мандолински оркестри. Автор е на „Маршот на Македонија“, како и на поголем број оркестарски аранжмани за дувачки оркестри. Има издадено збирка 12 песни за детски хор и учествувал во изработката на повеќе учебници по музичко образование. Илија Николовски – Луј се јавува како автор на повеќе маршеви и масовни песни.

„Илија Николовски го опишуваат како строг но хуман човек, одличен педагог и организатор, а неговата професија била директор во вистинската смисла на зборот. Тој бил вистински рудник за анегдоти бидејќи бил боем. Кога не бил на работа, сакал да се дружи, сакал да биде во кафеаните, имал големо друштво. Но она што го симболизира него е неговата посветеност. Ако се случело да горат училиштето и неговиот дом, тој најнапред ќе трчал во училиштето, па дури потоа да види што се случува со семејството. Бил до максимум предаден на работата. Буквално директорувал до крајот на својот работен и животен век. Кога се пензионирал – починал.“

Бранка Костиќ Марковиќ

Умрел во Скопје на 22 октомври 1973 година.

За својата работа бил одликуван со Орден на трудот од трет степен, Орден за храброст, Орден за братството и единството со Сребрен венец и признанието „3 Ноемвриската награда на град Прилеп“. Од 1979 година е прогласен за патрон на Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски-Луј“.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc