1935: Гусларот Апостол, пее и свири на Велигден над чешмата Крст, под Чаир...

Прилепскиот гуслар Апостол

Сеќавање на прилепскиот гуслар Апостол

Прилепскиот просјачко-гусларски центар

 

Прилепскиот просјачко-гусларски центар е разгранет и голем по значење центар, кој често се идентификувал со најголемиот во Македонија – битолскиот. Почетоците можат да му се поврзат со ослепените Самуилови војници, но и со прилепските бројни цркви и манастири, со панаѓурите, посебно со најголемиот, познат во целата Турска империја, Прилепскиот панаѓур, но и со локалната и семејната традиција да се има разбирање и почит кон оние, што ја имаат потребата од милосрдие на другите.

Инаку, и прилепските просјаци-гуслари, – како што забележува етнологот Александар Мешков, – како и сите други од нивниот ранг, живееле со животот и правилата на еснафлиите. Се помагале меѓусебно, меѓусебно го предавале занаетот, имале поединци кои го стекнале звањето „протомајстор“, имале и заеднички врталишта, имале и заеднички еснафски празници, засебни продавници во кои го нуделе испросеното за продавање и од каде, кога се појавувала потреба тие или нивните семејства, додека биле на пат, позајмувале пари и прехрамбени или други производи.

Прилепските просјаци-гуслари имале и богат и разновиден репертоар. Покрај обврзните преткуќници и клањалици, за кој укажува Марко Цепенков, пееле и епски песни, најмногу јуначки. Па така, изгледа Јован Цвијиќ е во право кога прилепските просјаци-гуслари ги прогласува за главни сејачи на „кралимарковските песни“ на Балканот.

Прилеп не само што бил центар на просјаците-гуслари, туку станал и центар за изработка на прочуената низ големиот дел на Македонија „прилепска гусла“, која станала урнек за многу други. Ја правеле мајстори-дограмаџии. Инаку, оваа „прилепска гусла“ е крајно едноставна во изработката, оспособена не само да ги следи песните во индивидуалните настапи, туку да послужи по потреба и како ороводен инструмент.

Крајот на Центарот се случил во 40-тите години на минатиот век и тој наполно преминал во историјата со смртта на последниот претставител – стариот, многу ценет и почитуван, третиран за рудимент на едно одминато, но славно време, гусларот Апостол Секуловски. Тој не прифатил подмладок, зашто немал таков и заедно со него заминал и неговиот занает и уметноста што се градела низ вековите, можеби и милениуми во Прилеп. Токму на овој мајстор на гуслата, ги посветувам следниве редови:

Гусларот Апостол Секуловски е роден во месец јуни 1876 година во Облаково, планинско село над Шумничката рамнина близу Битола. Според преданието, на горниот дел од селото Облаково, речиси пред три века живеел еден честит селанец по име Секула. Тој имал четири сина: Најден, Лозан, Стојче и Гроздан. Најмладиот син бил слабичок и висок, но многу здрав и храбар. Тој бил угледен човек во своето село. На Гроздан рано му починале двата сина, а како син единец му останал најмладиот Ристе. Само што потпораснал Ристе, Гроздан починал. Ристе работел низ селото како јагленар, па заради тоа што бил вреден и чесен, уживал почит од своите соселани. Се вљубил во една прекрасна девојка по име Ѓурѓа, па откако се разбрало за ова низ селото, некој злобник пуштил глас дека тие двајца се некои далечни роднини. Затоа нивната врска не била дозволена. Една ноќ, другарите на Ристе му помогнале да ја однеси Ѓурѓа во својот дом и да ја земе за жена како бегалка. Иако Ристе ѝ донесол одмена на својата мајка, сепак, наместо со радост, таа ноќ кај Гроздановци поминала без веселба и песна, а веќе во утринските часови низ селото се слушнале и првите клетви. Таткото на Ѓурѓа, не можејќи да се помири со срамот кој го доживеал, со тешко срце ја проколнал врската меѓу Ристе и Ѓурѓа: „Да даде Бог да ви се родат слепи деца!“.

Иако венчани во црквата без благослов на родителите, Ристе и Ѓурѓа имале среќен брак. Уште во првата година од бракот, во 1876 година, на празникот свети Талалеј, им се родил машки првенец, кому му го дале името Апостол. И додека младите родители се веселеле за првата рожба, Николовци биле уште повеќе лути, иако престанале да колнат заради внучето.

Малиот Апостол добро напредувал. Меѓутоа, наредната година, во почетокот на есента, Ѓурѓа го зела детето и заминала кај нивните жетвари да ги посети. На нивата добро го нахранила и го покрила, па го оставил да спие покрај некој трн. Кога сонцето изгреало, момчето заплакало. Ѓурѓа ѝ наредила на некоја Ромка да го заниша и да го заспие. Додека го нишала, детето замолчило. За да се увери дека спие, жетварката го отскрила, но забележала дека малиот Апостол чудно ги превртува очите. Ја повикала мајката да види што се случува, но веќе било доцна. Апостол добил траен деформитет на очите, а Ѓурѓа се сетила на родителската клетва. Биле повикани старите жени од селото, па и од подалеку, да бараат чаре за Апостол, ги миеле неговите очи со води од лековити извори, но лек не се нашло.

Всушност, Апостол не бил сосема слеп. Неговите очи биле превртени, очните јаболка биле толку многу накосени, така што едвај се гледале неговите зеници. Така, кога одел, морај главата да ја врти надесно и да ја зафрли наназад, за да би можел со левото око да ги гледа покрупните предмети и појасните форми. За да би гледал подобро, се помагал со прстот и со притискање на горниот дел од окото, така што го подигнувал горниот очен капак и би ја спуштил јаболчницата. Сепак, овој сосема мал остаток од видот за него бил голема утеха.

Откако се разболел за цел живот, Апостол во Облаково останал уште осум години. За тоа време ја добил сестрата Пауна и браќата Спиро и Михаил.

На празникот свети Талалеј, денот на селскиот собор во Облаково, Апостол навршил десет години. Спроти празникот, на селската веселба, од Прилеп пристигнал Коле Лауц, тогашниот прочуен гуслар, со своите помошници, за да свири и да пее. На средсело, крај црквата, утредента околу Коле се насобрало целото село, стари и млади, машки и женски, за да ги слушнат неговите возбудливи и авантуристички, јуначки и тажни песни. Меѓу присутните се нашол и Апостол. Иако малечок, тој бил восхитен од мајсторијата на Коле Лауц, од неговиот талент и гласовните способности. Селото веднаш почнало да зборува дека за Апостол би било најдобро да се научи да пее и свири како гусларот и да појде со него да заработува за живеење, а „родителите да не му го гледаат гревот“.

Татко му Ристе се согласил, туку не било лесно на такво нешто да се наговори и мајка му Ѓурѓа. Сепак, родителите попуштиле, зашто во куќата имало уште машки деца. Наредниот ден, на празникот на свети цар Константин и мајка му Елена, тој тргнал со Коле Лауц за да го учи гусларството.

Тогашните гуслари најчесто биле слепи луѓе. Средствата за живот ги заработувале со пеење и свирење на гусла, по селата и градовите на тогашната Османлиска империја. Тие биле здружени со сакати луѓе од сиромашните слоеви, коишто со коњи и вреќи ги воделе да просат храна, облека, волна, пари и други потреби за живот. Затоа, во Македонија тие биле познати како „питачи“, „просјаци“, „божјаци“, „певци“, „свирачи“ и „гуслачи“. Во време на топлите месеци тие скитале низ цела Македонија, па и надвор од неа, а во зимно време се прибирале по градовите. Во пазарните денови ги продавале испросените намирници и другите средства, а парите си ги делеле според своите утврдени и запишани правила. Со време, многумина се стекнале и со мали имоти, на кои си изѕидале скромни куќи. Гусларството тогаш и не се сметало за „питачка работа“. Гусларите биле срдечно примани во куќите, каде што се подготвувале радости и веселби.

Апостол, надарен за песни како татка си, одејќи со Коле Лауц и слушајќи го неговото пеење и свирење, за брзо време ги научил мелодиите. Навечер, пред спиење, во ливадите и во напуштените куќи, тој ја земал гуслата на својот учител и потсвирувал. Тогаш учителот му помагал и за лошо свирење го удирал по прстите. Апостол го сфатил учењето за брзо време и еден ден дошол до идеја дека може да се одвои од Коле и да постане самостоен гуслар, свој човек, уметник…

Во 1896 година Апостол формирал дружина и со неа почнал да патува. Млад, здрав и способен гуслар, следната година се оженил со Камка од Трстеник, од близината на Кавадарци, која му била сестра на неговиот водач Ристо. Тогаш Апостол имал доволно пари за да може да плати и да купи сѐ што посакале нејзините родители. Венчавката се случила во 1897 година во Прилеп. Неколку години потоа, во 1906 година, тој веќе изградил и куќа на Рид. Во бракот им се родиле три ќерки.

Како способен и вреден човек, Апостол ја обиколил цела Македонија и некои северни краеви на тогашна Турција. На своите патувања имал неколку непријатности. Некој качак од Буково, меѓу Ресен и Охрид, го принудил да оди со него низ гората и да му пее и свири турски песни или песни за турски јунаци, а за тоа време насилникот само „пушки фрлал“ од радост. Кај Галичник, пак, неговата дружина ја нападнале некои арамии „арнаутишта“, па сите членови на дружината, заедно со Апостола, ги обрале „до гола кожа“. Им ги зеле коњите, а на Апостола му зеле и 500 гроша. Во Прилеп едвај се вратиле пешки.

Апостол бил сув човек, со средна височина и со спуштени мустаќи. На очите имал „перде“ и можел само малку да ѕирка од едното око. Низ прилепските улици одел брзо, како да не бил слеп, и малку барал помош од својот стап. Свирел и пеел под градскиот Саат и низ разни тогашни анови и бакалници, во секое време, особено во сабота, кога во прилеп се собирале пазарџиите. Сите биле привлекувани од пеењето и свирењето на Апостол. Тој имал јасен и пријатен глас, како што биле и звуците на неговата гусла, која иако напукната и лепена со леб, не сакал да ја замени од страв дека новата гусла може и да не се погоди да биде толку убаво звучна.

А гуслата на Апстол доживеала лоша судбина. Кога Германците се повлекувале од Белград пред единиците на НОБ, тие ја запалиле зградата во која се чувал тој редок народен инструмент.

Апостол знаел голем број на песни. Тој пеел јуначки (епски), женски (лирски) и мешани песни со богата содржина. Имал чувство за препев, дотерување, а создавал и нови песни. Мажите најмногу му ги барале песните за Крал Марко и за јунаците од Македонија, кои се бореле против Турците, па најчесто пеел за подвизите на Димче Могилчето, Спиро Црне, Ѓорѓија Лажот и за Александар од Екши Су. Со тие, но и со многу други песни, прилепскиот гуслар Апостол ја извршувал разбудувачката улога кај поробените Македонци, ја подигал народната свест во борбата за слобода. Жените, пак, особено сакале да ги слушаат песните за праведните Авраам и Исаак, за личниот Димче и за царот Константин и мајка му Елена.

По ослободувањето од Турците, во 1912 година, неговите патувања веќе биле намалени. Неговото последно патување било кон Битола и Крушево. Тогаш се разболел од чир во желудникот, кој набрзо се покажал фатален за него.

Имено, пред сам ден Петровден во 1936 година, Апостол се договорил со своите водачи и стопани на коњите, Јован Пинѕур и Илија Телалот, па заедно тргнале за Битола, но по патот добил силни болки и се вратил дома со малку пари. Потоа малку се накренал па тргнал кон Крушево. Ни тогаш не останал долго на тоа патување, па веќе на свети Илија бил во постела во својата куќа. Кога малку стивнале болките, по неколку дена, отишол во гостилницата кај Селчаните, а пред стемнување влегол и во пивницата кај Аце, на тогашната Брегалничка улица. Тука на слушателите им се пожалил дека не се чувствува добро. Наредниот ден повторно бил легнат на постела. Десетина дена боледувал, па повикале доктор. Секогаш насмеан и расположен, Апостол ги зел гуслите и го пречекал докторот со свирка, па на негово барање и малку запеал. Во тие моменти не ни помислувал дека за брзо време ќе ги остави засекогаш. Та многу пати дотогаш се поболувал и секогаш за брзо станувал од постела. Кога почувствувал посилни напади, побарал и друг доктор. Штом прегледот бил завршен, Апостол го запрашал со изнемоштен глас: „Кога ќе дојди другиот Доктор?“. Со малку внимателност, докторот му ја кажал вистината: „Ќе дојди овие денови!“. И навистина, спроти Голема Богородица во 1936 година, во 7 часот утрото стигнал другиот Доктор и Апостол засекогаш се ослободил од болките, кои ги имал од чирот во желудникот.

Така го завршил својот живот најдобриот гуслар-уметник од Македонија, длабоката ризница на народни умотворби, песни, напеви и свирки – Апостол Грозданов Секуловски, во 60-тата година од својот возбудлив, но мачен живот. За време на своето боледување Апостол ја потрошил целата своја заштеда, па затоа морал да ги задолжи и своите садови за вода и црното зимско палто кај Аце во пивницата. На денот на смртта, пред вечерната богослужба, кога требало мртвиот Апостол да го спроведат од домот во Стара црква на опело, немало ни четворица да го кренат ковчегот со најдобриот гуслар и да го стават на мртовечката кола, иако додека бил жив толку многу бил сакан и почитуван.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc