1931: Прилепска соколска музика под диригентство на капелникот Ѓорѓи Шабанче...

Ѓорѓи Шабаноски – Даскалот

Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче, Даскалот е роден во Прилеп во 1893 година, во семејството на трговецот Јован Конески.
Во периодот кога Јован бил кмет во Прилеп, правејќи му некоја голема услуга на некој Турчин, го добива прекарот Шабан кој веднаш бил прифатен од Прилепската чаршија, а со текот на времето и неговото потесно семејство го добива презимето Шабаноски.

Ѓорѓи Шабаноски пројавил интерес кон музиката уште од најраното детство. Како дете го добил својот прв иструмент – виолина. Неговиот татко, следејќи го интересот на Гоце, преку неговите врски во странство му купил и други инструменти и музикалии.

Малиот Ѓорѓи успеал врз слуховно–музичка основа аматерски да ги совлада првите тајни на виолината. Завршил машка класична гимназија во Битола, каде што првпат се запознал со јазикот на музичкото писмо. За време на воениот рок, од својот воен капелник (диригентот на дувачкиот оркестар), научил да свири на дувачки инструменти од блех-оркестарот.
По завршувањето на воениот рок, Ѓорѓи во повеќе Прилепски маала (Ѓогдере, Варошко маало, Ридот и др.) формирал тамбурашки друштва, со кои редовно работел, организирајќи ги и раководејќи со нивната музичка и културна дејност, а истовремено работел и како учител во Старо Лагово.

Во 1925 година го формирал блех-оркестарот „Соколска Музика“ на Соколското друштво, кој бил составен од 25 музичари.
Во Старо Лагово работел како учител од 1920 до 1928 година, а потоа бил преместен на служба во училиштето во Селце.
До работното место секојдневно патувал пеш, а по враќањето од наставата наминувал во Соколаната, каде што работел со оркестарот.

Членовите на оркестарот од Соколаната биле облечени во униформа со кап,а на која бил амблемот од Соколското друштво. Оркестарот имал и свој печат, на кој покрај името, на средина стоел приказ на лира. Настапувале на повеќето свечености во градот и во зградата на Соколаната. Имале настап и на свеченоста за 2 Август 1928 година во Крушево, а 1929 година учествувале на меѓународен натпревар на дувачки инструменти во Белград, каде што го освоиле второто место. Во 1931 година учествувале на Соколски слет во Сараево, каде што го освоиле првото место.

Нешто подоцна Шабаноски ќе го формира оркестарот „Музика на Железничарите“, составен од 22 музичари и заедно со „Соколска Музика“ парелелно работел до крајот на својот живот.

Оркестарот „Музика на Железничарите“ бил формиран исклучиво од чиновници и работници на железничката секција во Прилеп, а членовите на оркестарот носеле цивилна облека со вратоврска и железничарска капа. Овој оркестар ќе го надживее својот капелник само една година и ќе постои до 1936 година.

Во 1932 година со „Музика на Железничарите“ се натпреварувал во Љубљана на натпреварот за најдобар блех-оркестар во Југославија, во паркот „Тиволи“. Таму го освојуваат првото место и признанието за најдобар блех-оркестар во Југославија.

Поради тешкото нарушено здравје едната нога му била ампутирана. По закрепнувањето добил учителска работа во ОУ „Краљ Петар I Ослободилац“ (денешно „Кочо Рацин“). На работа одел со помош на две патерици, а така одел и на проби со оркестрите во Соколаната и ложилницата, а инструментите му ги носел неговиот син Димче.

Кога во 1934 година бил формиран „Монополскиот оркестар“, активно ја помагал неговата работа.

Во 1935 година веќе бил тешко болен и на смртна постела, па нарачал да дојдат двајца непознати харконикаши, кои свирејќи поминувале покрај неговата куќа. Тогаш ја побарал виолината од неговата сопруга и за последен пат засвирил со неговата прва љубов, заедно со двајцата непознати хармоникаши.

За време на неговиот погреб, трите оркестри: Соколскиот, Железничарскиот и Монополскиот, за последен пат пред својот капелник го интонирале неговото дело – „Погребниот марш“.

Од неговиот творечки опус денес се зачувани композициите: „Прилепски марш“ и „Погребен марш“.

1 коментар

  • pavlina shabanoska-kotevska May 4, 2012

    Gorgija SHabanoski -Daskalot – se smeta za prv ucitel po muzicko obrazovanie na Ilija Nikoloski-Luj

    Respond

Коментирај

© 2011/12 dbmc