Ученичките при Солунската женска гимназија 1895-1896 г. со учителите Георги Пенев, Анастас Наумов, Бано Кушев, Атанас Бадев (5ти во горниот ред)

Атанас Бадев

Атанас Бадев е роден на 14 јануари 1860 година во Прилеп.
Основното образование го завршил во Прилеп а гимназиското во Солун и Софија (1880-1884) во I машка гимназија каде што матурирал со одличен успех.
По бунот на учениците од Солунската гимназија во 1896 година е преместен во Русе, потоа во Самоков и во Ќустендил.
За време на летниот одмор во 1879 година, формирал црковно-училишен хор во Прилеп, составен од 50-60 луѓе, меѓу кои и Ѓорче Петров, Пере Тошев и Тома Николов, тогашни ученици во класното училиште во Прилеп.
По желба на семејството, две години студирал математика и физика во Универзитетот во Одеса. По враќањето од Русија се вработил во Солун, со намера да обезбеди средства за понатамошното образование. Музика најпрвин студирал во Синодалната школа за црковно пеење во Москва, потоа кај Мили Балакриев и Николај Римски-Корсаков при Дворската пејачка капела во Санкт Петербург. По завршените студии ја истражувал и собирал македонската народна музика, бил наставник по музика и хорски диригент во Солун.

Посебно е значајна работата на на Бадев врз проучувањето на македонскиот музички фолклор. Од неговата студија „Нотна тетратка“ може да се заклучи дека Бадев е еден од првите теоретичари којшто има укажано на постоењето на сложени, асиметрични метрички групации во македонската народна музика:

7/8 (4+3); 9/8 (2+3+4); 11/8 (3+2+2+2+2)
На првиот музички конгрес во Софија, во 1904 Бадев поднесува и реферат за метричко-ритмичките карактеристики на македонскиот фолклор („За фолклорот и неговите особености во Македонија“). Тоа е прв приказ од овој вид за македонската музика. Трудот не е печатен, како и неговата збирка хармонизирани народни песни, чиј ракописи до ден денес не се пронајдени.

Компонирал главно вокални дела, световни и духовни. Зачувани се само свеската „Упражнения по черковното пение“ и „Златоустова литургия“, печатена во 1898 во Лајпциг, од која посебно се изделуваат ставовите: „Иже херувими“, „Јако да царја“, „Хвалите Господа с небес“ и „Христос воскресе“. Тоа дело, пишувано под влијанието на руската духовна музика, сведочи за еден талентиран творец, полн со фантазија и за она време голем мајстор на хорскиот слог како и на хармонскиот и полифоничен начин на компонирање

Починал во Софија на 21 септември 1908 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc