Мирче (Мирчо) Најденов е роден во 1878 година во село Мажучиште или во 1881 година во село Мало Коњари.
Од 1904 година бил четник во четата на велешкиот војвода Стефан Димитров, а од 1905 година во прилепската чета на Георги Ацев. По загинувањето на Ацев, го заменил како прилепски околиски војвода. Учествувал во големата битка кај месноста Ножот на 14 јули 1907 година, од која како по чудо успеал да преживее. Четник бил и во четата на Шакир Војвода.
За време на Балканските Војни во 1912 година бил доброволец во Македонско-одринското ополчение и служел во четата на Крсто Гермов, а поодоцна се приклучил во 1-та чета на 9-тата велешка дружина. На 7 ноември 1912 година бил ранет, за што бил награден со орден „За храброст“ IV степен.
Во Првата светска војна служел во 5-от пешадиски македонски полк на 11-та дивизија во бугарската армија, а потоа во четата на Тане Николов во Моравската воено-инспекциска област, којашто Бугарија ја воспоставила во Србија. На 28 септември 1917 година бил тешко ранет во борба при селото Обртинце (Прокупље, Србија) за време на загушувањето на Топличкото востание, по што починал на пат за воената болница во Ниш.
Коментирај