Тамбурашко – мандолинската традиција во Прилеп
За разлика од тамбурата, која на овие простори е донесена од Турците во XIV век, мандолината, која е со потекло од Италија, како инструмент е присутна дури во првата половина на XVIII век, но сепак е малку застапен само кај побогатите семејства.
На почетокот овие инструменти наоѓаат свои приврзаници најмногу меѓу кројачите и берберите, т.е кај оние занаетчии, кои можеле да си дозволат слободно време за да и се посветат на музиката, поради што добива епитет „градски инструмент“.
На почетокот, пред да се создадат првите тамбурашки и мандолински оркестри, оркестрите се составени од по 3 до 5 музичари, кои најчесто свиреле по семејните веселби, слави и излети.
Во берберскиот еснаф, кој во тоа време бил еден од најбројните, имало неколку групи на музичари, кои свиреле индивидуално или групно на честите ескурзии во околината на Прилеп и по манастирските слави во Трескавец, Слепче, Прилепец, Селце. Исто така од овој еснаф произлегле и повеќе чалгииски свадбарски групи. Во тоа време, како музичари посебно се истакнувале берберите: Пане Анџијата, Андон Котески, Андон Ѓупчето, Коце Големиот, кој бил вистински мајстор на мандолината, Коце Малиот по кого е испеана и песната „Коце берберот“, мајстор на виолина и ножна хармоника.
Од берберскиот еснаф посебно се истакнувал берберот Коце Големиот, кој одлично свирел на виолина и бил ценет раководител на сопствена група на чалгии.
Неговата берберница во Старата чаршија била една од најелитните во Прилеп и била врталиште на „кремот“ од градот. Во неа во непазарните денови кога имало помалку работа, биле чести гостите „муабетчии“, каде што покрај муабетот „паѓала“ и свирка и песна.
Својот подем овие инструменти го доживуваат на почетокот од минатиот век, кога во Прилеп се забележани три тамбурашки оркестри, формирани низ градските маала: Варошко маало, на Ридот и Ѓогдере. Тогаш се формирани и првите поголеми оркестри, кои броеле и до 20-тина членови. Во овие оркестри, најчесто биле застапени виолините, мандолините, гитарите, бисерниците и други музички инструменти.
Во учебната 1906/07 година, во тогашната прилепска осмолетка, постоел оркестар составен од седум-осум инструменти: виолина, мандолина, флејта и контрабас. Во тоа време во Прилеп се забележани околу триесеттина иструменталисти, од кои на флејта посебно се истакнувал учителот Беќаров, додека браќата Милан и Никола Смичкови на тамбури.
Во 1922 година во Прилеп е формиран и првиот мандолински оркестар, со кого раководел учителот Ѓорѓи Шабанче.
Во тоа време Прилеп се делел на два дела и границата била Оревоечка река.
Едните биле „одандерека“, а другите „одавдерека“, така што и едните и другите настојувале да бидат подобри во сите аспекти на животот, па така и во музиката.
Истата година се создадени уште два мандолински оркестри, едниот во Варошко маало а другиот на Ридот со кои раководел Петре Спасески (тогаш Спасевиќ).
Во 1927 година братот на Петре, Сотир Спасески формирал мандолински оркестар, но поради престојните студии по фармација во Загреб, овој оркестар се одржал само една година.
Во дваесетите години во Прилеп се забележани околу триесеттина иструменталисти, од кои посебно се истакнувал Благоја Атанасоски-Квачката.
Во тоа време во Прилеп почнуваат да се изработуваат инструментите, кои дотогаш се набавувале од Солун и Битола. Први познати мајстори на инструменти биле дограмаџијата Коце Ковил, кој посебно се истакнувал во изработката на лаутата и Ицо Пата кој изработувал виолини.
По ослободувањето, прилепчанецот Илија Николовски – Луј прв во Македонија се зафаќа со аранжирање на композициите од Моцарт, Шуман, Шуберт и други копозитори, прилагодувајќи ги истите за мандолински оркестри.
Тој во 1971 година се јавува како автор на првата збирка на аранжирани копозиции за мандолински оркестри.
На иницијатива на музичките педагози Илија Јанчулески и Петар Цветкоски, во 1967 година во Прилеп за прв пат е организиран фестивал на мандолинските оркестри од СР Македонија кој започнал традиционално да се одржува на 2 и 3 ноември, по повод ослободувањето на градот Прилеп.
Коментирај