Манастир „Свети Никола“, село Манастир
Манастирската црква „Свети Никола“ во мариовското село Манастир, на научната јавност и литература не и беше позната до 1954 година. Според натписот, кој се наоѓа на јужниот и северниот ѕид од централниот кораб, црквата во 1095 година ја подигнал протостраторот Алексиј, роднина на императорот Алексиј Комнен. Игуменот Акакиј, кој пред замонашувањето се викал Јоаникиј, во 1266 година, ја подигнал сегашната црква, врз темелите на малата веќе урната црква во 1095 година. Во 1271 година, за време на Акакиј, таа е живописана. Во грчкиот натпис од 1560 година, кој се наоѓа на јужната фасада од црквата, се заклучува дека сочуваните фрагменти на живопис се од тој период. Во XIX век вршени се поголоми поправки на црквата, особено на сводовите, а во 1939 година преѕидан е поголемиот дел од западниот ѕид.
Првобитната црква е трокорабна базилика, без нартекс. Корабите се разделени со четвртасти столици, поврзани со арки. Според податоците, што се сочувани во сегашната црква, може да се претпостави дека централниот кораб е засводен, а страничните, веројатно, се со отворена покривна конструкција. На источната страна корабите завршуваат со апсиди, кои одвнатре се полукуружни, а од надворешната страна тространи и оживеани со слепи ниши. На црквата постојат два влеза, и тоа на јужната и западната страна. Градена е од бигор и камен.
Целата црква е живописана. Во првата зона поставени се светии во цел раст, меѓу кои се издвојуваат светите воини. Во втората зона насликани се попрсја, а во третата – сцени од Христовиот живот. Во јужниот кораб се наоѓаат сцени од животот на свети Никола, а во северниот – ктиторска композиција, каде е претставен еромонахот Акакиј, со моделот од црквата. фреските во централниот и делумно јужниот кораб (со апстрахирање на фреските во апсидата), носат заеднички карактеристики, додека фреските во апсидата на централниот и јужниот кораб, предадени се во изразита „ретардација“ на поранешните стилови од XI и XII век. Тоа е резултат на сфаќањата на повеќето мајстори, кои учествувале во изведувањето на живописот.
Најновите научни искажувања за фреско-декорацијата од централниот наос претставуваат нови согледувања. Имено, во натписот од 1271 година, пишува дека околу декорирањето на црквата задолжен е да повика вешти мајстори и се грижи околу живописот на црквата, ѓаконот-референдар Јован, односно, истата личност, која се именува и на струшката икона Свети Георгиј. Врз основа на овој факт, со сигурност се претпоставува дека, меѓу повиканите вешти мајстори од референдарот Јован, бил и зографот Јован. Стилските и морфолошките анализи на иконата Свети Георгиј од Струга, како и фреските од манастирот, упатуваат на тесни ликовни односи. Поконкретно, стилско-морфолошките одлики од иконата на зографот Јован, треба да му се припишат фреските во централниот кораб на црквата од село Манастир.
Активноста на зографот Јован подоцна се следела и во новооткриените фрески во западниот дел на црквата „Свети Архангел Михаил“ од Варош.
Докажувањето за активностите на зографот Јован и ѓаконот-референдар Јован, значи уште еден прилог кон осветлувањето на уметничкиот живот, што се одвивал во средниот век во Македонија.
Во подоцнежните периоди, поради оштетувањето на црквата, дел од живописот е уништен.
Во Првата светска војна црквата била многу оштетена, особено западниот ѕид и сводот. Подоцна била доградена, но без фрескоживопис.
Денес во манастирот „Свети Никола“ во село Манастир има активен монашки живот, а игумен е отец Никола (Трајковски).
Коментирај