ЛОВОТ – ТРАДИЦИЈА
Друштво за одгледување, заштита и ловење на дивеч „Мукос“ – Прилеп
1996 година
Списание „Ловец“
Од водените разговори со најстарите живи ловци, утврдивме дека ова Ловечко друштво е формирано 1926 година. Негов прв претседател бил Димитар Коневиќ, учител од Прилеп.
Интересен е развојот на Ловечкото друштво од тоа време до денес, посебно кога ќе се зборува за родители и наследници ловци.
Едни од најстарите ловци од Прилеп се: Благоја Небрежанец, Ѓоре Шафкулоски, Ѓоре Бојаџиоски, Стеван Лашкоски и многу други. Интересно е што кај нив, како и кај многу други, ловот станал фамилијарна традиција која се пренесува од колено на колено. Благоја Небрежанец има четири сина и четири внуци и сите се активни ловци. Ѓоре Шафкулоски, чиј татко бил ловец, ловечките вештини ги оставил на својот син Орде. Ѓоре Бојаџиоски наследно го има својот син Бошко како ловец, а Стеван Лашкоски во ловот го замениле неговите синови Кочо и Сотир, како и неговиот внук Стеван, дипл. ветеринарен лекар. Овие се само неколку примери, а ги има многу од развојот на ова наше Ловечко друштво. Раскажувањата на родителите оставаат вечни траги во сеќавањата на потомците и тие продолжуваат по нивните ловечки врвици.
Инаку, Ловечкото друштво “Мукос” – Прилеп официјално е формирано на 1 август 1946 година, одобрено со писмо од Станицата на Народната милиција – Прилеп (под бр. 1426 од 01 август 1946 год.) во кое доследно се вели:
„Ви се одобруе да работите како Ловачко друшшво – здружение и во него да примате такси само од граѓани кои имааш извадено оружани листови од оваа станица на Народна милиција. За сите такви лица да водите список.“
Значи, прославата на Јубилејот на ЛСМ, во целост се совпаѓа со 50-годишнината на Ловечкото друштво “Мукос” од неговото официјално постоење.
Со формирањето на Ловечкото друштво, за прв претседател е избран Бошко Поп-Антоски, кој останува на оваа функција сé до 1950 година. Во меѓувреме Друштвото се дели на две ловечки асоцијации: “Дабнички Завој” што ги опфаќа членовите од десната страна по течението на реката Оревоечка и “Шаторов Камен” што ги опфаќа членовите од левата страна. Овде ќе споменеме дека во тоа време ловците немале свои простории и дека за двете друштва работело едно лице со примање на мала награда.
Веќе во 1950 година, кога и членството значително се зголемува, доаѓа до иницијатива за градење на ловечки дом. Во оваа година за претседател е избран Милан Раиќевиќ, голем љубител на природата и ловот. По негова иницијатива, целосно прифатена од ловците, во 1951 год, почнува изградбата на првиот Ловечки дом во Прилеп, на теренот на сегашната Нова пошта. Тогаш за прв пат во градот се пренесува вест дека ловечка бригада формирана исклучиво од ловци, со ударна работа и свои средства, отпочна со градба на ловечки дом. Со ударничка работа во 1952 година домот беше завршен. Ова ловечко друштво работи сé до 1968 година. Негови претседатели се: 1950-1955 год. Милан Раиќевиќ; 1955-1960, Сута Маја; 1960-1964, Душко Најдоски; 1964-1968, Борче Ристески.
На 29 октомври 1968 година се формира ОПШТИНСКА ЛОВНА ЗАЕДНИЦА, а за претседател е избран Борче Ристески. Од 1972 до 1976 година претседател е Никола Небрежанец, а од 1976 до 1978 година, до кога и работи Општинската ловна заедница, за претседател е избран Јоска Богоески.
Потоа, на изборното Собрание на Друштвото есента 1978 година за претседател е избран Душко Најдоски, 1982-1986 година Љупчо Зајкоски, 1986-1990 Благоја Ангелески. Во 1990 година на изборното Собрание за претседател е избран Драган Цакоски и денес тече неговиот втор мандат.
При формирањето, Друштвото броеше 130 членови, а во 1995 година 1.200 членови. Располага со 167.101 хектари ловнопродуктивна површина од кои се формирани 11 ловишта. Од застапеноста на дивечот, во најголем број ја има еребицата полка, па следуваат зајакот, еребицата камењарка, срната и дивата свиња. Од прелетниот дивеч во текот на ловната сезона во доста голем број се среќаваат потполошката и грлицата, а преку зимата повеќе видови пајки.
Коментирај