ЛОВЕЧКИОТ ДОМ НА „МУКОС“ – ГОРДОСТ НА ПРИЛЕПСКИТЕ ЛОВЦИ
- Сеќавања на Јоска Богески , поранешен претседател на Ловечкото друштво од Прилеп
1996 година
Списание „Ловец“
Кога познатиот ловечки активист од Прилеп, Јоска Богоески, во 1974 година беше избран за претседател на тогашната Општинска ловна заедница а потоа за секретар на Ловечкото друштво, во градот под Маркови Кули почна да се гради денешниов Ловен дом. Во него Друштвото “Мукос” работи, а истовремено ловците се собираат на ловечки разговори.
- Работевме самопрегорно и во една ловно-стопанска година го изградивме нашиот ловен дом, – вели тогашниот претседател Јоска Богоески.
- Го градевме со доброволна работа на ловците и материјална помош од повеќе стопански организации од Прилеп. Свеченото отворање беше триумф на нашите ловци, кои масовно присуствуваа. Лентата ја пресече претседателот на Ловечкиот сојуз на Македонија, Боге Кузмановски. Имаше и поканети гости. Ни се рече дека е тоа еден од најубавите ловни домови во Македонија. Се гордеевме на успехот.
Многу труд се внесе и во формирањето на фазанеријата во атарите на Орушица. Оградивме волиера, во која во прво време под домашни квачки се ведеа фазански пилиња, а после почнавме да набавуваме фазански подмладок од Катланово. Отпрвин околу деветстотини, а во наредните години и по илјада до две илјади пилиња. За нивниот опстанок се грижеше редовно вработен ловочувар. Тогаш фазанеријата стана расадник на фазански дивеч во околните терени.
Посебна грижа посветуваме на сузбивање на криволовот. Ноќно време со џип одевме на терен за да ги фаќаме криволовците во лов на фарови и други ловокрадства. Одевме во потрага и по ловокрадци кои со кафези и примки ловеа еребици камењарки. Бевме ригорозни во казнувањето, – подвлекува Јоска Богоески, кој покрај раководните функции во организација, повеќе години беше член на извршните одбори и други органи на Ловечкиот сојуз на Македонија, а беше и претседател на Дисциплинскиот суд на сојузот.
Коментирај