Локалитетот „Градок - Маркови Кули“.

Локалитетот „Градок – Маркови Кули“

Локалитетот „Градок – Маркови Кули“ е доцноантичка утврдена населба и средновековна тврдина. Се наоѓа кај утоката на Лесничка во Црна Река.

Двете возвишенија од брдото Градок се обѕидани со масивни бедемски ѕидови. Во југоисточниот и југозападниот дел од тврдината има остатоци од трикорабна базилика и помала црквичка, а во нивна непосредна близина и на поширокиот простор остатоци од стопански и од станбени објекти. Во јужниот и северниот кораб и во северната припрата од базиликата се најдени шест средновековни гробни конструкции.

Градок има остатоци од бедем широк 2 м., граден од поголеми и помали приделкани камења. На југоисточниот крај на ридот се гледаат остатоци од трикорабна базилика, ѕидана од приделкан камен, тули и варов малтер, од која апсидата и делови од бочните ѕидови се делумно зачувани. На десетина метри југозападно од неа се гледаат остатоци од мала црквичка, градена од истиот материјал и во истата техника.

Доцноантичките објекти припаѓаат на мала населба од IV-VI век, од која во средниот век се обновени дел од фортификацијата и сакралните, стопанските и станбените објекти. Наодите на монета од Јован Цимиски, неколкуте ситни примероци на бронзен накит од X-XII век, бројното присуство на фрагменти од средновековни керамички садови и предмети од ковано железо на целиот простор од возвишенијата на брдото го потврдуваат постоењето на тврдината и на дел од објектите низ средниот век.

Нема Коментари

Коментирај