Артемида Енодија од локалитетот Градиште, во околината на село Дебреште, доцен хеленизам.

Локалитетот „Градиште“

Локалитетот „Градиште“ се наоѓа на 1 км источно од селото Дебреште, а 25 км северозападно од Прилеп, близу до патот Прилеп – Кичево.

Овој локалитет изобилува со остатоци од населби од доцнонеолитското, бронзеното, железното, хеленистичкото, римското и доцноантичкото време, сe до XIII век.

Праисториските периоди обилуваат со голем број фрагменти, а се среќаваат и антропоморфни фигурини. Многу е богат населбинскиот слој од III-II век пред Христос. Се издвојуваат остатоци од згради, чии ѕидови од внатрешната страна имаат фини премази од кал, кои се украсени со линеарни композитни орнаменти. Има цврсти градби покрај самата тврдина, а малку понаисток од нив овални градби-куќи од плет.

По големата преселба на Словените, на овие простори на крајот од VI век се присутни припадниците на словенското племе Брсјаци, кои организирале своја населба и овде, во средишниот простор на локалитетот. Досега целосно е откопан долниот дел од словенска куќа, од кругот на прашко-пенковската култура. Тоа е тип на куќа полуземјанка со правоаголна основа и со покрив на две води, кој со долниот раб лежел на земјата. Источниот и западниот ѕид биле изработени од плет, влезот се наоѓал на западниот ѕид, а во југоисточниот агол имало масивна печка од кршен камен. Во нив имало и јами за складирање на жито.

Југоисточно од источната порта на тврдината има некропола со гробови од хеленистичкото, хеленистичко-римското време и од IV век. Од римското време има гробови и североисточно од оваа порта. Некропола од VII и евентуално од VIII век има западно од западната порта на тврдината, на локалитетот Млака. Некропола од VI век има во составот на христијанскиот сакрален комплекс, што се состои од трикорабна базилика со синтронос и тронос, баптистериум и мартириум. Во составот на овие старохристијански објекти се наоѓа и некропола од IV до VI век, со накит карактеристичен за овие времиња. Северозападно од нив има некропола од VII и VIII век, со многубројни примероци на накит од бронза и бакар.

Во рамките на некрополата се пронајдени остатоци од мала крстообразна црква со припрата на западната страна. Во овој комплекс од слоеви посебно е значајна тврдината. Последната фаза на тврдината потекнува од времето на Јустинијан I. Во времето на своето функционирање била опколена со вода. Нејзините ѕидови се од кршен камен. Најдебели се ѕидовите на оние страни, каде што водата не била пречка за напаѓачите. Има пет кружни кули и три петоаголни. Најраната тврдина потекнува од времето на Првата македонска војна (215-205). Токму од оваа тврдина раководел Персеј, синот на кралот Филип V. Се чини дека тврдината во последните децении на V век била надвор од својата основна функција, на што особено укажува откритието на голема масивна зграда–форталициум, со дебели ѕидови од кршен камен и варов малтер што ја изградиле источните Готи во времето на својот престој во Пелагонија.

Тврдината ја губи својата основна функција на одбрана во последните децении на VI век. Сe до XIV век овој локалитет имал населбински карактер, а од тоа време па натаму се користи исклучиво за земјоделство.

Тренчо Димитриоски:
УТВРДЕНИОТ МАКЕДОНСКИ ГРАД КАЈ СЕЛОТО ДЕБРЕШТЕ

Тврдината кај селото Дебреште, Прилепско, веројатно, е изградена уште во раната антика, во времето на македонските кралеви кога преку превојот Барбарас имало надоаѓање на бројни напади од северните племиња, главно Дарданците. На истиот локлалитет траги од населување се среќаваат уште од бронзеното време, а тврдината егзистирала и била обновена во доцната антика, како и во средниот век.

Наоѓајќи се на северниот дел на македонската држава Пелагонија како област била изложена на постојани напади од северните делови на Балканот, посебно од двете племиња Дарданци и Илири. Поради тоа во раната антика, кога Македонија била развиена држава морала да презема различни активности за одбрана од северните напаѓачи. Меѓу таквите зафати посебно место заземале тврдините кои се граделе претежно во близина на планинските превои преку кои доаѓале воинствените племиња. Еден од таквите превои се наоѓал во близина на денешното село Дебреште кај Прилеп. Познато е дека Александар Македонски уште на почетокот на доаѓањето на македонскиот престол презел енергичен поход против северните племиња при што дошол дури до Дунав каде ги победил и Трибалите на чело со нивниот крал Сирма (Плутарх, Александар Македонски, Славните ликови на антиката, 113). Со тоа тој го решил проблемот со опасноста од нападите на Македонија од страна на овие племиња. Нападите на северните племиња, Дарданци, Илири, Трибали и др., посебно се засилиле за време на Македонско–римските војни, кога на македонскиот престол се наоѓал кралот Филип V (Полибиј, Истории, Прилеп и Прилепско низ историјата). Некои од нападите биле толку силни што племињата правеле големи пустошења низ Македонија продирајќи длабоко во нејзината територија. Во 211 година пред н.е. Дарданците и Илирите ја нападнале и ограбиле Пелагонија, а претходно, во 209 година пред н.е., Дарданците со нападите стигнале дури до Орестида (Костурско). Од овие причини Филип V бил принуден да ги зајакнува своите утврдувања на северниот дел на кралството, посебно на северниот раб на Пелагонија каде и денес на многу места се среќаваат траги од стари утврдувања.

Во 200 година започнала Втората Македонско–римска војна. Римскиот војсководач Публиј Сулпициј Галба со 22 000 легионери се истовариле кај градот Аполонија во Илирија со намера, заедно со сојузниците Ајтолци, Дарданци и др., да нападнат од три страни на територијата на Македонија (самиот Сулпициј Галба од запад по Виа Егнатиа, Ајтолците од југ и Дарданците од север). Филип испратил дел од војската под команда на неговиот тринаесетгодишен син Персеј за да го сопре навлегувањето на Дарданците од север преку теснецот на север на Пелагонија (Полибиј, Истории, Н. шелдаров, В. Лилчиќ, Кралевите …, 99). Археолозите претпоставуваат дека тоа бил превојот Барбарас кон Македонски Брод. Од оваа страна егзистирала населбата со тврдина кај селото Дебреште која, веројатно, во тоа време била зајакната заради нападите на Дарданците. Старите писатели потврдуваат дека Филип V, додека тој водел војна со Римјаните, на северната граница го оставал својот син Персеј, кој подоцна исто така станал крал (179–168 пред н.е.). Не е исклучено дека тврдината кај селото Дебреште Персеј ја користел како упориште за одбрана од нападите на племињата кои навлегувале преку превојот Барбарас, кој се наоѓа во близина.

ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ“ (КАЛЕ), ТВРДИНА СО ТРАГИ ОД ПРАИСТОРИЈАТА

Остатоците од древната тврдина кај селото Дебреште се наоѓаат на локалитетот „Градиште“ (според археологот Иван Микулчиќ локалитетот се вика „Кале“) кој се наоѓа на околу 1 km источно од селото, лево од патот Прилеп–Македонски Брод–Кичево. Локалитетот е истражуван уште од 1928 година од археологот Никола Вулиќ кога е потврдено дека во античко време овде постоела тврдина (Бошко Бабиќ, Витолд Хензел и Јадвига Раухутова, Археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај село Дебреште, МАА, Скопје, 251), а подоцна, во шеесетите години на дваесетиот век овде истражува и Народниот музеј од Прилеп. Народниот музеј од Прилеп на овој локалитет врши истражувања во текот на 3 децении за кои археологот Иван Микулчиќ вели дека се правени со „преголем публицитет“, „беа потрошени енормно големи средства за ископувања“, а „резултатите се крајно скромни“ зашто целта на истражувањето била да се добие потврда за постоење на словенски град, а во најголем дел се констатирани наоди од доцната антика (Иван Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, 257–258).

За време на археолошките истражувања покрај наодите од останатите периоди констатирани се и наоди од постоење на праисториска населба на истото место. Имено, на овој локалитет се пронајдени предмети од бронзеното време, како и од подоцнежните праисториски периоди, односно железното време, па дури и наоди од каменото време, поточно од новото камено време, (неолитот). Така од овој локалитет потекнува една стилизирана глава од човечка фигура изработена од керамика со карактеристики за споменатиот период од праисторијата. Голем број наоди од овој локалитет потекнуваат од македонскиот антички период и римското време, како и од рановизантискиот и средновековниот период (Археолошка карта …, И. Микулчиќ, Средновековни градови …, Б. Бабиќ, В. Хензел и Ј. Раухутова, Археолошки истражувања …). Тоа покажува дека на локалитетот „Градиште“ кај Дебреште имало населување уште во најстарите праисториски периоди, а во подоцнежните периоди на овој локалитет била изградена тврдина од камен која често била рушена од воинствените племиња од северот на Балканскиот Полуостров, но постојано била обновувана бидејќи била значајна за заштита на превојот Барбарас преку кој и денес минува пат, кој води кон Македонски Брод и продолжува за Кичево и Охрид, античкиот пат Керамие (Прилеп) – Лихнид (Охрид) (И. Микулчиќ, Средновековни градови …). Еден наод на монета од раната антика од Александар IV (323–310/9 пред н.е.) (Костадин Кепески, Монети на македонските кралеви …), покрај кера­мика­та од тој перод, е уште еден доказ за присуството на населување на овој простор во периодот на големата македонска импери­ја. Од овој локалитет потекнува и една керамичка глава од фигура на античката божица на ловот Артемида Енодија, а како наоди од Дебреште се водат и две доцнохеленистички стели со натписи (Вера Битракова – Грозданова, Споменици од хеленистичкиот период во СР Македонија, Скопје 1987, Т. XI) која е датирана во римскиот период. Од римскиот период, без сигурна потврда, потекнува и еден хорологион (сончев часовник) изработен од мермер од рудникот Сивец кај селото Присад, Прилепско (Костадин Кепески, Хорологион од Дебреште, МАА 6, 69–73). Од овој период потекнуваат и други слични наоди, како садови од керамика и една градба од доцниот македонски период, која се наоѓала во утврдениот дел (каструм), во која се пронајдени и повеќе атински тетрадрахми (186–148 п.н.е.) (И. Микулчиќ, Пелагонија …, 75). Сето тоа потврдува дека населбата со тврдина кај селото Дебреште егзистирала уште во старата ера. Во македонско римскиот период овде биле подигнати одбранбени ѕидови со кули и две капии, кои опфаќале простор со неправилна форма од околу 2 ха. Станбените згради во утврдувањето биле распоредени со иста ориентација (З–И), наредени паралелно во правоаголниот систем на населбата. Најизразен развој населбата постигнала во ИИ век п.н.е. (И. Микулчиќ, Пелагонија …, 81, 82).

ЦВРСТ КАСТЕЛ ОД КАМЕН

Според археолозите на локалитетот Градиште кај Дебреште во раниот 4 век на нашата ера е изграден цврст кастел од камен со малтер со правоаголна форма, со димензии 175х157 m (околу 3 хектари). Ова утврдување во 6 век е целосно обновено со тоа што некои делови од ѕидот претрпеле промени и биле трасирани по нови линии, а некои од кулите биле срушени. Тогаш биле изградени и нови порти на западната и источната страна на утврдувањето, кои имале вовлечен двор и истурени кули со петоаголна форма крај нив (И. Микулчиќ, Средновековни градови …, Б. Бабиќ. В. Хензел, Ј. Раухутова, Археолошки истражувања …). Всушност утврдувањето располага со неколку кули кои и денес можат да се видат во компактна форма. Целото утврдување претставува интересен и добро зачуван објект со забележителни димензии. Од тој аспект овој културно–историски споменик би можел да претставува вистинска туристичка атракција, но состојбата во која се наоѓа денес е, навистина, очајна. Локалитетот со тврдината бил нападнат уште во 1964 година кога во негова непосредна близина се започнати големи прекопувања на земјиштето за изградба на вештачка брана. Целиот локалитет е обраснат во капини, трње и трева, а од неговата северозападна страна се наоѓа вистинска депонија која зафаќа и делови од самиот локалитет. Токму на таа страна се наоѓа големата порта со кулите, а од нејзината внатрешна страна се пронајдени остатоци од ранохристијанска црква со крипти и крстилница која била изградена во 6 век.

Според археолошките наоди кастелот во 6 век бил срушен од Аварите?, но во подоценжниот период повторно бил обновуван бидејќи бил значаен за чување на патот и главниот влез во Пелагонија од запад и северозапад. Освен споменатите наоди со истражувањата се констатира­ни траги од уште една црква од средновековниот период, како и некропола со гробови од 11 до 14 век. Меѓу наодите кои ги споменуваат археолозите се среќаваат различни метални предмети, како и наоди на златен накит. Пронајдено е и едно депо на сребрени монети на Михајло VII од доцниот 11 век (И. Микулчиќ, Средновековни градови …).

Не е познато античкото име на градот кој егзистирал на локалитетот „Градиште“ кај селото Дебреште, Прилепско. Некои имиња на градови од средновековниот период, поткрепени со историски збиднувања од тоа време, асоцираат на населбата кај Дебреште. Од Јован Кантакузин е познато дека при еден поход на византискиот император Андроник III во Пелагонија против српските феудалци, најпрво бил заземен градот Бучин (кај денешното село Бучин), а потоа му се предале градовите Деврица, Добрун и Кабаларион (Томо Томоски, Македонски градови и тврдини, 61). Ако се има предвид дека Бучин, кадешто се наоѓал средновековниот град Бучин, и селото Дебреште се наоѓаат на иста страна на рамнината Пелагонија, сосема е оправдано да се претпостави дека градот Деврица, кој му бил предаден на императорот Андроник III во 1330 година, се наоѓал кај денешното село Дебреште, Прилепско. За историчарот Томо Томоски е сигурно дека градот Деврет бил изграден на локалитетот „Кале“ кај селото Дебреште, на патот Прилеп – Македонски Брод (Т. Томоски, Нацрт карта на некои средновековни градови во Македонија, Македонско наследство, 6, копје 1999, 18). Сличен е и ставот на Иван Микулчиќ, кој кај Дебреште ја сместува средновековната населба Деурети, што е само поинаква интерпретација. Според Микулчиќ, населбата Деуритса (Деврица) е денешната Дебарца кај Охрид, а не пелагонското Дебреште.

На крајот, не може да не се забележи фактот што имињата Деврет, Деврица, па дури и современото Дебреште, имаат силна асоцијација на античкото Девриоп, што означувало име македонско племе Девриопи и област од горниот тек на Еригон (Црна Река), Девриоп, а во која влегувале градовите Стибера, Алкомена и Бријанион. Некои истражувачи сметаат дека постоел и град со исто име, Девриоп, но поголемиот број, сепак, сметаат дека се работи само за област. Дали споменатите имиња на средновековните населби не се формирани под влијанието на античкото Девриоп и етниконот Девриопи, сепак, треба поопстојна анализа и истражување за потврдување на таквата претпоставка.

Нема Коментари

Коментирај