Љубен Лапе (1910 – 1985)
„100 години од раѓањето и 25 години од смртта“
На 11-ти октомври пред 100 години во Прилеп се родил македонскиот Херодот, таткото на македонската историска наука, професор по историја, педагог, научник, академик Љубен Лапе. Самиот факт што се родил на овој светол датум на прилепската и македонска историја, како да наговестувал дека целиот свој живот ќе го посвети на македонската историска наука.
Се родил во старата куќа (денес на ул. „Марксова“ бр.78) на која стои спомен–плоча, на која пишува „Академик Љубен Лапе 1910-1985; Основоположник на современата македонска историја. ДНУ-Прилеп“. Очигледно, истата е поставена на иницијатива на Друштвото за наука и уметност-Прилеп, пред 20 години, по повод 80 години од раѓањето, а воедно и 5 години од неговата смрт. Притоа, да напоменам дека Љубен Лапе, од 1971 година, па се до неговата смрт, е почесен член на ова наше еминентно научно друштво.
Претпоставувам дека мал број на луѓе во Прилеп (само повозрасните) го познаваат него, а воедно и неговото историографско дело. Јас, ја немав таа „чест“ почитуваниот Лапе да ми биде професор, но студирајќи на Филозофскиот факултет во Скопје – Институт за историја, чиј еден од основачите е и професорот Лапе, слушав многу убави зборови за истиот. Иако тој беше починат, сепак неговиот педагошки и воспитувачки дух како да беше присутен и кај неговите колеги професори, но и кај постарите студенти. Сепак, не бев свесен за големината на овој човек. Како одминуваше времето на студирањето, а и покасно, занимавајќи се со историјата, сфатив дека станува збор за голем педагог, историограф и научник, кој ја обработува историјата на македонскиот народ, особено периодот на Македонија под турска власт, а неговиот историографски опус е огромен придонес за развојот на историската наука.
На овој „славен“ Прилепчанец секако дека местото му е во „Патеката на славните“ во Прилеп, спомен-обележје, неодамна подигнато, а посветено на Прилепчани кои одиграле значајна улога во и за Македонија, но и пошироко, во областа на литературата, уметноста, музиката и актерството. Локалната самоуправа во иднина најсериозно треба да смета на овој историограф, поради неговото големо историографско дело и да го „смести“ кај славните Прилепчани. Ова дотолку повеќе и со оглед на фактот што во 1977 година, овој деец го има добиено највисокото општинско признание за животно дело, наградата 9-ти Септември (денес, наградата „3ти Ноември“). Покрај оваа награда, Љубен Лапе ги добил републичките награди од областа на културата, уметноста, науката и образованието, како наградата „11ти Октомври“ (1972), наградата „Гоце Делчев“ (1978), наградата „Климент Охридски“, како и други најразлични признанија и ордени, што секако претставува верификација на неговите високи достигнувања. Во 1972 година е избран за дописен член, а во 1974 година станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
100 годишнината од раѓањето и 25 годишнината од неговата смрт е добар повод да се потсетиме или да научиме нешто повеќе за него и за неговото дело.
Љубен Лапе и припаѓал на предвоената борбена македонска интелегенција, која активно се борела за политичка слобода и национални права на македонскиот народ. Се школувал во Прилеп, Битола и Белград, каде што ги завршил студиите по историја. Се вработил во Подгоричката гимназија, од каде по започнувањето на априлската војна во 1941 година се враќа во Македонија. За време на бугарската окупација во Македонија се вработил како професор во Струмица, од каде заради напредните слободарски идеи и соработка со напредното движење, најпрво е преместен во Панаѓуриште, Бугарија, а од април 1943 година одведен во логорот Чучулигово, каде ја дочекал капитулацијата на Бугарија (9 Септември 1944 година).
По враќањето во Македонија, најпрво раководи со просветата во Битолската област, а потоа е помошник на повереникот за просвета на Македонија, Димче Мире. Тогаш ја изработил првата програма за историјата на македонскиот народ во гимназиите. Еден е од основачите на Филозофскиот факултет (1946), Педагошката академија (1947), Институтот за национална историја (1948), Архивот на Македонија (1951), Друштвото на историчари на Македонија (1952) и друго. Големи се неговите заслуги и за излегувањето од печат на историографските списанија „Гласник“ на Институтот за национална историја и „Историја“ на Сојузот на историските друштва на Македонија, чиј доживотен почесен претседател беше токму тој. Свој голем придонес има и во излегувањето од печат на „Годишниот зборник“ на Филозофскиот факултет во Скопје, „Македонски архивист“, списание на Друштвото на архивски работници и архиви во Македонија и „Музејски гласник“ на Историскиот музеј на Македонија.
Посветувајќи се целосно на историската наука, станува основоположник на современата македонска историографија, музеологија и архивистика. Автор е на над 230 библиографски единици, научни и стручни трудови посветени на историјата на македонскиот народ. Неговиот научен интерес го опфаќа национално–ослободителното движење во периодот од XVIII-XX век, формирањето и дејноста на Македонската револуционерната организација, странските пропаганди во Македонија, Илинденското востание и Крушевската Република, а воедно е голем почитувач и на револуционерите, Прилепчаните Ѓорче Петров, Пере Тошев и Рампо Левката.
Тој е голем архивски истражувач во земјата и странство, а како резултат, пред се, на неговото истражување излезе од печат едицијата „Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ“, во два дела, потоа, двотомниот зборника на „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“. Еден е од авторите на тритомната „Историја на македонскиот народ“, а автор е и на: Првата периодизација на историјата на македонскиот народ во југословенските енциклопедии, дел од двотомната „Историја народа Југославије“, „Краток преглед на македонската историја“ и други. „Спомените на Ѓорче Петров“ се публикувани со негов вовед и коментар, а воедно е и редактор на ова дело, пишувал и за „Животниот пат и делото на Пере Тошев“, а исто така го осветлил ликот и дејноста на Даме Груев преку неговите „Спомени“, а пишувал и за Гоце Делчев, Крсте Петков-Мисирков, Димитар Поп Георгиев-Беровски, Дончо Штипјанчето, Тодор Кусев, Марко Цепенков, Кочо Рацин и други дејци од македонската историја. Коавтор е на неколку учебници по историја, како и историски читанки за основно образование и рецензент е на вакви дела; потоа, наставни програми, прирачници и друго. Одржал голем број предавања на разни семинари, советувања, симпозиуми, конгреси и слично, како за настани од минатото така и за усовршување на наставниот кадар по историја.
Свое активно учество има и во книги кои се однесуваат на историјата на Прилеп. Автор е на дел од првата книга на двотомната „Прилеп и прилепско низ историјата“, издадена во 1971 година; потоа, „Прилепската црковно-училишна општина“, „Протоколи од заседанијата на Прилепската општина (1872-1886)“, трудови, статии и прилози во разни списанија, како: „Една непозната страна од сметководната работа на македонската револуционерна организација во Прилеп“, „Неколку податоци за Мариовско-прилепската буна од втората половина на XVI век“, „Марко Цепенков за селските задружни куќи и чифлизи во Прилепско, Тиквешко и Штипско“, „Проект-Правилниците донесени на Прилепскиот конгрес 1904 и дополнителни забелешки на Ѓорче Петров“ и други.
Тој е редактор, а воедно и автор на неколку статии на зборникот „Ѓорче Петров и Пере Тошев“ од симпозиумите одржани во Прилеп во 1971 година, по повод 50 години од убиството на Ѓорче Петров и во 1972 година, по повод 60 години од убиството на Пере Тошев.
Иако неговото творештво е огромно, огромна била и неговата скромност. Тој на еден симпозиум, на кој присуствувале голем број на млади историчари ќе рече: „Нашата историографија е млада, доста направивме, но има уште многу да се работи и да се обелоденат бројни настани од историјата на овој мал и напатен народ. Можам да речам дека, моите задачи по ослободувањето, па и подоцна, беа да се постават темелите на нашата историографска наука и школство. Немав многу време да напишам бројни трудови, но затоа пак Ве имам Вас, кои како помлади и надежни историографи, со своите трудови ќе и се оддолжите на Македонија“.
Својата хуманост, покрај тоа што ја покажувал секојдневно, истата, ја покажал и на еден впечатлив начин. Имено, штедејќи парични средства, оставил аманет по неговата смрт, да се основа „Фонд Љубен Лапе“, кој ќе биде наменет за студенти, материјално необезбедени, но солидни во студирањето, а кои покажуваат интерес, афинитет и мотивираност за изучување на историјата на македонскиот народ.
Починал во Скопје на 24 ноември 1985 година, а „неговиот“ факултет подоцна ја исполнил неговата желба.
Високото чувство на патриотизам, хуманост, творештво и благороден лик на овој ЧОВЕК, врежани се во трајно паметење на генерации историчари, научни и културни работници, не само во Република Македонија туку и надвор од неа.
Неговите заслуги се ненадминливи.
Автор на текстот: Рубин Белчески, историчар.
Коментирај