Лилјана Ракиџиева

Лилјана Ракиџиева

Лилјана Ракиџиева е родена во Струмица во 1938 година.

Својата плодна и континуирана актерска дејност Лилјана Ракиџиева ја одбележа со настапи во неколку театри во Македонија (Велес, Битола), но најцелосно и најкомплесно како драмска уметница таа се изрази на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во театарот под градот на Марковите кули најчесто беше ангажирана во толкувањето на главни и насловни ролји, но и во ролјите од епизоден карактер покажуваше страст за играње, професионалност и темелна ангажираност.

Во самиот врв на нејзините актерски остварувања спаѓаат насловните креации во популарните пиеси: „Коштана“ од Борислав Станковиќ, „Антица“ од Ристо Крле, „Бегалка“ од Васил Иљоски, „Медеја“ од Џеферсон и др. Глумата на Лилјана Ракиџиева, што се одликуваше со една понагласена нота на емоционалност и благороден патос, беше забележана и во низа други проекти на прилепскиот Народен театар, посебно во претставите: „Деца на сонцето“ од Максим Горки (Соња), „Цена“ од Артур Милер (Естер), „Итрата вдовица“ од Карло Годони (Расура), „Чест“ од Васил Иљоски (Милка), „Мушичка во главата“ од Жерж Фејдо (Лисјена), „Диво месо“ од Горан Стефаноски (Марија), „Крвави свадби“ од Лорка (Свршеницата) и др.

Лилјана Ракиџиева важеше за многу трудољубива актерка, која на секоја задача и пристапуваше мошне сериозно и подготвено. Живееше за театарот и од театарот до крајот на својата активна актерска дејност. Не изигруваше „ѕвезда“ во театарот, туку се залагаше за колективен дух во работата, за прифаќање на она што вистински е издржано и квалитетно. Тоа ќе рече дека туѓи и беа импровизациите, површностите. Едноставно, на сцената дишеше со полни гради.

Нема Коментари

Коментирај