Иван Велков: Кузман Јосифоски (Питу, Методие), (1915-1944), 1972/73 година

Кузман Јосифовски – Питу

Кузман Јосифовски – Питу е роден на 23 јуни 1915 година во Прилеп во револуционерно семејство на Цветан и Лефта Јосифоски.
Трите сестри и двајцата браќа биле активно вклучени во револуционерното движење. Од нив животите ги дале Кузман и неговата сестра Мара. Братот Аспарух бил учесник во нападот на полицискиот участак во Прилеп, на 11 октомври 1941 година, Стефанка, која за време на војната живеела во Краљево, била носител на Партизанска споменица, а додека најмалата Павлина била активист во партијата.

ПОТЕКЛО

Потеклото на неговото семејство по таткова страна му е од село Велмевци, Кичевско.
За време на Илинденското востание, по палењето на селото од страна на турската војска, Јосиф заедно со своите деца Арсенија, Рајна и Цветан се доселил во Прилеп.
Јосиф, кој и пред тоа повремено работел како фурнаџија во Прилеп, почнал да работи во фурна под Ридот, а синот Цветан кој тогаш имал осумнаесет години го пратил да го учи терзискиот занает, но по извесно време и тој го продолжил фурнаџискиот занает.
Постарата ќерка Арсенија се омажила за Ицко Волнароски, кој живеел во близина на фурната каде што работел Јосиф. Арсенија и Ицко Волнароски имале пет деца.
Ицко како трговец со волна, подоцна со својот шура Цветан, во отвориле во градот дуќан за трговија со волна.
Рајна се омажила за Филип Јованоски и имале пет деца.
Цветан се оженил со Лефта Чкатроска и со неа имале пет деца: Аспарух, Кузман, Мара, Стефанка и Павлина.

ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

Кузман, основното образование го завршил во Прилеп. Бил трудољубив и одличен ученик. Покрај учењето бил активен и во повеќе секции, а особено се истакнувал во драмската секција.
Во второ и трето одделение, по успех, бил најдобар меѓу сите ученици во училиштето. За тоа два пати е носител на ешарпа која се давала на најдобриот ученик во училиштето.
Во четврто одделение, учителот ги научил учениците да калемат овошки, по што оваа љубов кон одгледувањето и калемењето на овошки останала до крајот на неговиот живот.
Уште како мал бил многу педантен. Книгите сам си ги подврзувал и ги чувал чисти и ги носел во една црвена торбичка што му ја исткала мајка му.
Во 1926 година бил ученик во I клас гимназија. од сите предмети најомилена му била историјата. Учителката по историја многу сакала да го испрашува Кузман, бидејќи многу знаел, а и убаво раскажувал.
Бидејќи потекнувал од патриотско семејство, со директни учесници во Илинденската епопеја, бил воодушевен со ослободителната борба на македонскиот народ.
Неговата баба Ѕака имала обичај, често пати, додека Кузман бил дете да го земе в скут и да му раскажува за настани од борбите против турското ропство во кои имале учествувано нејзини блиски, како и за настани за кои имала слушнато.
Во IV клас почнал да чита текстови од рускиот писател Максим Горки, по што Горки станал негов омилен писател.

ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ

Кузман учел гимназија во Битола, бидејќи со законот за средните училишта од 1929 година, во Прилеп и во други поголеми градови се укинуваат гимназиите.

Во учебната 1929/30 година на територијата од Вардарска Бановина остануваат да работат само четири гимназии, и тоа две полни гимназии во Скопје и по една мешана во Битола и Тетово.
Во битолскат гимназија, покрај учениците од Битола, се запишувале ученици од Охрид, Ресен и Прилеп, Додека поради економска немоќ посиромашните ученици немале можност да учат подалеку од своите родни места.

Во учебната 1931/32 година, Кузман се запишал во V клас во Битолската гимназија. Паралелката броела 66 ученици и постоел само еден клас. Класен раководител му бил Александар Чухрај.
Во учебната 1932/33 година, Кузман бил во VI клас. Паралелката броела 40 ученици и постоел само еден клас. Класен раководител му бил Александар Чухрај.
Во учебната 1933/34 година, Кузман бил во VIIб клас. Постоеле две паралелки, VIIа и VIIб. Класен раководител му бил Александар Чухрај.
Во учебната 1934/35 година, Кузман бил во VIII клас. Учениците кои ја завршиле годината од двата седми класа биле споени во една паралелка со 37 ученици. Класен раководител му бил Милорад Вујовиќ.

Во гимназијата, Кузман бил примерен ученик, интелигентен и учтив.
Покрај учењето, читал и напредна литература, комунистички брошури и летоци. Поголемиот дел од илегалниот материјал го добивал од неговиот вујко Милан Младен, кој уште од формирањето на Комунистичката партија во Прилеп, во 1919 година, бил нејзин член.
Кузман исто така се истакнувал и во слободните активности.
Бил претседател на гимназиското друштво Феријална подружина, бил активен во литературната дружина и во Трезвена младина.

По завршувањето на VIII клас, во учебната 1934/35 година, Кузман полагал матурски испит, наречен „испит на зрелост“ кој содржел усмен и писмен дел.
Во тој период и покрај потешкотиите што ги имал (на 10 мај 1935 година починал неговиот татко), Кузман со успех го положил матурскиот испит.

Станал член на КПЈ во 1938 година, за време на студирањето на Универзитетот во Белград, каде што бил еден од предводниците на напредната студентска младина. Во 1939 година станал секретар на Месниот комитет на КПЈ за Прилеп, но поради несогласување со политиката на Методија Шаторов, бил исклучен од Покраинскиот комитет на комунистичката партија, но набрзо повторно бил примен во редовите на партијата.

Бил член на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје, каде што живеел во населбата Трнодол.

Кузман Јосифовски – Питу бил убиен под мошне неразјаснети околности на 25 февруари 1944 година. Според официјалната верзија, Кузман загинал на 25 февруари 1944 година, погоден од куршум на бугарски војник. Претходно била опколена куќата каде што се одржувал состанок со претставници на централниот комитет на БКП (Бугарската комунистичка партија).

Кузман успеал да се извлече и да побегне, но стигнал само некој километар подолу до денешна „Алумина“, каде што смртно бил погоден од бугарски војник. За убиството на Кузман неговата мајка и помалата сестра Павлина дознале дури по една година, и тоа случајно на првиот митинг по ослободувањето на Прилеп, каде што биле прочитани имињата на загинатите борци.

Денеска, како што откриваат историчарите, постоела телеграма на црногорскиот раководител Светозар Вукмановиќ–Темпо до Тито, во која тој барал Питу по секоја цена да се тргне од АСНОМ, а тоа негово барање било засилено особено по Преспанското советување, каде што Кузман Јосифоски се залагал за формирање на македонски партизански одреди во останатите делови на етничка Македонија и нивна заедничка броба со Македонците од Вардарска Македонија за целосно ослободување и обединување на Македонија.

На 2 август 1945 година посмртно бил прогласен за народен херој на Југославија.

*** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** ***


10 мај 1935 година. Погребот на неговиот татко Цветан. Кузман стои во средината со црн костум и бела кошула со врска.

Одлево надесно стојат:
1. Гога Крстески (поголемото дете), прв братучед на Кузман;
2. Круме Волнароски (потпрен на крстот), прв братучед на Кузман;
3. Милан Младен (стои зад Круме), братучед на мајка му Лефта;
4. Ицко Волнароски (стои меѓу круме и Аспарух), тетин на Кузман;
5. Аспарух јосифоски, брат на Кузман;
6. Илка Волнароска Сенокозлиеска, сестра на Круме, прва братучеда на Кузман;
7. Дано Волнароски, брат на Круме, прв братучед на Кузман;
8. Верка Крстеска Котеска, сестра на Гога, прва братучеда на Кузман;
9. Маре Крстеска, сестра на Верка, прва братучеда на Кузман;
10. Пепе Волнароски, брат на Круме, прв братучед на Кузман;
11. Мара Јосифоска, сестра на Кузман;
12. Кузман Јосифоски – Питу;
13. Борис Гала, братучед на лефта;
14. Филип Јованоски, сопруг на Рајна, тетин на Кузман;
15. Коца, сопруга на Милан Младен;
16. поп Кирил Стојаноски

Покрај умрениот Цветан, одлево надесно клечат:
1. Арсенија, сестра на Цветан Јосифоски, сопруга на Ицко Волнароски, тетка на Кузман;
2. Рајна, сестра на Цветан, тетка на Кузман;
3. Ѕака, мајка на Лефта, баба на Кузман;
4. Лефта, мајка на Кузман;
5. Павлина Јосифоска (детето), сестра на Кузман;
6. Донка, сестра на Ѕака;
7. Пеша Чкатроска.

*** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** ***

КОМЕНТАР кон сликата: Група студенти од Прилеп, сликани во 1937 година.

Во првиот ред одлево: Благоја Попоски – студент на Правен факултет во Белград; Борка Чеврески – кадет на Воената академија во Белград; Илија Милчин – студент на Правен факултет во Белград.

Во вториот ред одлево: Кузман Јосифоски-Питу – студент на Правен факултет во Белград; Мирче Ацев – студент на Правен факултет во Белград.

*** *** *** *** *** *** *** *** *** *** *** ***

КОМЕНТАР кон сликата: 1939: Кузман кај месноста „Пештерица“, близу до Ореовечка река, во близина на старата станица од теснолинејката, каде што врвел малиот воз.

Одлево надесно: Цане Конески-Берберот; Петар Ристески-Пената; Кочо Дамески, брат на НХ Ѓоре Дамески-Боксерот; Ордан Михајлоски-Оцка; непознат; Илија Андреевски-Кагин; Лазо Филипоски-Лавски; Кузман Јосифоски-Питу (со куси панталони); Борка Велески-Горанов; непознат.

Нема Коментари

Коментирај