1934: Патеписот на прота Сретен Михаиловиќ, објавен во списанието „Преглед“

Прота Сретен Михаиловиќ: Низ Јужна Србија

„Кроз Јужну Србију – као изасланик поглавара Српске православне цркве“ е патепис од 1913 година на свештеникот Сретен Михаиловиќ, кој поминал неколку месеци во Македонија.

„Пред да заминат црковните емисари кон своите одредени места, на состанокот во Скопје е донесена одлука, повторно сите да се сретнеме на 10 август во Битола, каде што треба да се поднесат реферати за нашата досегашна работа, но и да се донесат одлуки и за понатамошната работа.

По тој повод, тргнав од Велес на 8 август 1913 година, во 6 часот наутро, со пајтон управуван од едно момче Турчин. Денот беше убав и сончев, па затоа и патувањето беше многу пријатно. Се одморивме малку во селото Извор, а потоа застанавме под самата Бабуна, пред Авди Пашиниот Ан. Тука затекнав неколку „третопозивци“ (резервисти постари од 45 години) од околината на Уб, кои тука вршеа некаква стражарска служба. Ми се пожалија дека немаат никакви вести од дома и дека се останати без пари. Јас ги почестив и им помогнав толку, колку да можат да си купат тутун, бидејќи и јас немав доволно пари со себе. Ми кажуваа дека учествувале на битката кај Криволак и дека имале тешки загуби, при што нивниот баталјон бил целосно уништен од Бугарите. Еден ми кажа дека бил од селото Скобаља, во близина на Ваљево, и дека од нивното село биле 12 војници, но при битката на Криволак останале живи само тројца.

Кога стигнавме во близина на Прилеп, кај касарните во кои беше сместена болницата, пред чешмата стоеше еден човек со грбна прскалка за прскање на лозје. Кога наближивме до него, тој ја крена раката и му рече на пајтонџијата да застане. Ние мислевме дека човекот сака да се превези со нас до Прилеп, но само што дојде до пајтонот, почна со прскалката да го прска прво однадвор, а потоа и внатре, а потоа не испрска и нас по облеката и чевлите. Кога го прашав што е тоа, тој ми одговори на бугарски, поради што одвај го разбрав дека тоа е раствор на сублимат и дека му е наредено секој патник и кола да ги дезинфикува, бидејќи сеуште имало колерични болести во околината.

И така јас целиот накиснат влегов во Прилеп, каде што веднаш се упатив до црквата „Света Богородица“, каде што се распрашав каде живее прота Никола Божиќ. Еден служител од црквата ме одведе до куќата на поп Ѓока Шивачевиќ, каде што бил отседнат прота Никола.
Но, таму не ги најдов ни поп Ѓока, ни прота Никола, бидејќи двајцата заминале до Марков Град (Варош), за да го разгледаат градот и црквите.

Во куќата на поп Ѓока ме пречекаа неговата мајка и ќерка, сопруга немаше, бидејќи била почината. Јас, за големо чудо, не можев да ги разберам жените што зборуваат, иако бев навикнат на овдешниот говор. Кога се врати поп Ѓока со прота Никола ме повика да го разгледам Прилеп. Прота Никола од пешачењето не се чувствуваше добро и остана дома, додека јас и Ѓока излеговме на прошетка низ Прилеп. Низ разговорот му кажав дека не можев да ја разберам што ми зборува неговата ќерка, на што тој ми кажа дека ќерката му се школувала во Софија и дека зборува „по бугарски“, а не „по македонски“, и затоа не сум можел да разберам што ми зборува.

По прошетката во која ги разгледав црквите и знаменитостите од Прилеп, седнавме во хотелот „Београд“. Таму дојдоа уште 3-4 прилепски свештеници со кои се запознав, но пријатно се изненадив кога видов и двајца мој земјаци од Чачак, кои беа тука на служба. И тие како мене се израдуваа на средбата.

Утрото околу 6 часот со прота Никола тргнавме за Битола.

Повторно денот беше пријатен и ние патувавме во најдобро расположение преку рамната Пелагонија. Нашиот кочијаш беше прилепчанец и добро ја познаваше околината, па по патот ни раскажуваше за борбите кои се воделе тука и позициите на војските кои војувале тука.
Кога дојдовме до превојот кој го дели прилепското од битолското поле, здогледавме од наша десна страна една голема хумка во форма на квадрат, обележана со неколку големи крстови. Кочијашот ни кажа дека во таа хумка се погребани сите борци, кои загинале во борбите кои се воделе тука.

Слеговме од колата, ги симнавме капите, се прекрстивме и ја целивавме хумката која ги покрива гробовите на многу наши незнајни јунаци кои паднаа за славата и големината на нашата татковина. Направивме помен пред гробовите, ја отпеавме „Вечнаја памјат“ и извикавме „Вечна ви слава јунаци“.

Човек треба да биде голем поет, за да може да го искаже она што го чувствува кога ќе се најде покрај вакво место…“

Нема Коментари

Коментирај