Кривогаштани прв пат е споменато во XIV век, во грамотата за манастирот Трескавец од цар Стефан Душан, како „Кривогаштанех“. Во Слепченскиот и Трескавечкиот поменик од XVI век, спомнато е како „Кривогащни“.
Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Кривогащяни (Krivogaschtiani) е посочено како село со 107 домаќинства, од кои 440 жители христијани и 12 цигани.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Кривогаштани има 860 жители христијани. Во почетокот на XX век, поголемиот дел од жителите на селото се егзархисти. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) од 1905 година, во Кривогаштани има 680 Бугари егзархисти и 240 Бугари патријаршисти – србомани.
Со избувнувањето на Балканската војна од Кривогаштани има четворица доброволци во Македонско-одринското ополчение.
Други пописи:
1948 година – 1 913 жители
1953 година – 2 288 жители
1961 година – 2 366 жители
1971 година – 2 380 жители
1981 година – 2 356 жители
1991 година – 2 191 жители
1994 година – 1950 жители
2002 година – 1870 жители, од кои: 1860 Македонци, 8 Роми, 1 Србин и 1 Неопределен.
ПРЕДАНИЈА:
Народните преданија говорат за две легенди, поврзани за името на селото Кривогаштани. Според првата легенда, селото Кривогаштани своето име го добило по некогашниот град, кој бил во непосредна близина на денешната населба, а се викал Крив Град, односно неговите жители Кривограждани.
Втората легенда говори дека жителите од Кривогаштани ги носеле своите „гашти“ (панталони) накриво, па поради тоа жителите од околните населби им се потсмевале, викајќи ги „кривогаштанци“.
Коментирај