„Кон афирмација како конструктор“

„Кон афирмација како конструктор“

ЗАПИС ЗА ЕДЕН МЛАДЕШКИ НАПОР

КОН АФИРМАЦИЈА КАКО КОНСТРУКТОР

Во прилепката фабрика „11 октомври“ пуштена е во погон првата машина конструирана од инженерот Миле Чутаноски.

Во конструктивното биро на фабриката „11 октомври“ во Прилеп го сретнав младиот инженер Миле Чутаноски.
Беше точно 7 часот. Инженерот беше налегнат над работната маса, на која сеуште не се наѕираше белината на денот…

Веднаш почувствував дека на младиот инженер му е тешко да ја каже вистината за себе… Но, не мораше многу да ни говори. Вистината за овој млад машински инженер, кој само пред две години ги напуштил аулите на Машинскиот факултет во Загреб, се наоѓаше тука, на работната маса и во погоните на фабриката за електроизолациони материјали „11 Октомври“ во Прилеп.

Сепак, зборовите на младиот инженер фрлија најубава светлина врз суштината на машините и многубројните шеми што ги посматравме на неговата работна маса.

- Овие нацрти се однесуваат на една машина за мотање цилиндри, – започна инженерот. Во фабриката, навистина, имаме две вакви машини. Но, нивниот капацитет е мал. Затоа, откако се насети дека машините за мотање цилиндри се јавуваат како „тесно грло“ во погонот, конструктивното биро доби задача да изгради нова машина од овој вид. Со новата машина, што ја конструиравме сами, ќе можеме да правиме трансформаторски цилиндри долги 1600 милиметри и со внатрешен дијаметар од 200 до 500 милиметри.

- Кој ја конструира оваа машина, – го прашавме инженерот Чутаноски.

Младиот инженер се насмевна и откако се исправи од работната маса рече:

- Претставува оригинална замисла на нашето конструктивно биро. Внимававме да ја констуираме за наши услови. Од први февруари ќе почнеме да ја изработуваме.

- А нејзината предност?

- Новата машина за мотање цилиндри ќе има континуиран менувач на брзината. Брзината ќе може да се натокми спрема квалитетот на хартијата и погонските услови. Машината ќе ја правиме од заварена конструкција. Сметам дека ќе покаже предност над малите машини за мотање цилиндри.

Инженерот Миле Чутаноски, меѓутоа, не е конструктор само на машината за мотање цилиндри. По негови нацрти во фабриката „11 октомври“ во Прилеп е веќе реализирана една машина наречена извлекувалка, која се користи во технолошкиот процес.

Оваа машина немаше потреба да ја „посматраме“ низ испишаните шеми и цртежи во конструктивното биро. Шефот на конструктивното биро, инженерот Миле Чутаноски, ни ја покажа на нејзиното работно место. Во веригата на технолошкиот процес за добивање трансформаторски цилиндри оваа машина веќе врши одредена функција и ги покажува своите особености.

Со младиот инженер минавме низ одделението каде што се разделува лискунот. Откако се најдовме во одделението за производи од бакелит и други материи, младиот инженер започна одново да ни раскажува:

- Оваа машина ја направивме сами. Се вика извлекувалка. Ни помага да добиеме цевки од бакелит и друго со поголеми димензии, на пример од 500 милимети внатрешен дијаметар. Машината ја нарековме извлекувалка затоа што има задача да ги извлекува цевките.

- Дали машината претставува ваша оригинална идеја – го запрашавме инженерот.

- Да, – рече тој. Во неа има оригинални идеи. Кај машината се изведени некои модифицирања, за разлика од другите машини од овој вид. На пример, исклучено е рачното вртење што ги следеше постарите од овој тип. Машината покажува и други предности.

- А нејзината стопанска оправданост? – го прекинавме.

- Гледате, машината ја користиме во технолошкиот процес. Работи од 20 ноември минатата година. Порано, при рачното вртење, секој трет или четврт цилиндер се добиваше напукнат. Значи, најголемата предност на машината е што го намалува шкартот. И уште нешто: машината ја олеснува работата на оние што го раководат овој технолошки процес.

И тука, крај веригата на производството, за своето прво дело, инженерот ни говореше срамежливо. Тој повеќе сакаше да ни раскажува за тоа како утре ќе биде преуредена оваа фабрика на лискун и бакелитизирани производи. Во фабриката ќе бидат донесени нови машини. Некои, меѓутоа, ќе бидат направени од соработниците на конструктивното биро.

Насетивме што сака да ни каже младиот инженер: неговата „извлекувалка“ и машина за мотање цилиндри претставуваат сепак само увод на една творечка работа што стои пред секој млад конструктор. Впрочем, младиот инженер Миле Чутаноски ни говореше и за една нова замисла – печка за сушење трансформаторски цилиндар…

Зарем средбата со овој инженер од конструктивното биро на фабриката „11 октомври“ не покажува дека младечкиот напор во областа на науката и техниката е навистина секојпат конструктивен.

Р. Марковски

„Нова Македонија“, јануари, 1959 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc