Карпуш Благоев Бошковски – специјалист по судска медицина.
Карпуш Благоев Бошковски е роден во Прилеп на 22 февруари 1951 година. Медицина завршил во Скопје. Од 1976 година работел на Институтот за судска медицина и криминалистика при скопскиот Медицински факултет, каде што и специјализирал. Докторската дисертација од областа на судската медицина ја одбранил во 1987 година, кога е избран за доцент на Катедрата по судска медицина.
Во 1993 година како еден од пионерите на етиката, ја основал Катедрата по етика и медицинска дентологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Бил продекан на Медицинскиот факултет (1999– 2004). Од 1997 година бил редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувал во неколку интердисциплинарни проекти. Публикувал и презентирал над 100 труда.
Доследно следејќи ги чекорите на основоположниците на македонската судска медицина, тој се бореше и се залагаше оваа област поскоро да добие институт достоен за професијата и за науката, а кој денеска се смета за еден од најстручните и најсовремени балкански форензичарски центри.
Како претседател на Здружението за судска медицина на Македонија, рамо до рамо со своите колеги од судска медицина, тој беше дел од истрагата на секоја поголема несреќа, воена криза, а го водеше и Здружението на лекари по судска медицина.
Професионалниот живот, како и неговите колеги, го посветил на примената на основните етички норми и на имплементацијата на меѓународните етички стандарди, но единствено тој успеал да ја реализира својата заложба, да ја документира оваа област, за што оставил бројни трудови.
Почина на 9 јуни 2007 година во Скопје.
Коментирај