ЈОВАН АТАНАСОВ ПРИЛЕПЧАНИН – ПОСЛЕДНИОТ ПРИЛЕПСКИ ИКОНОПИСЕЦ (1846-1908)
Со економското развивање на градовите во XIX век, кое следувало како резултат од развивањето на занаетчиството, мануфактурата и трговијата, отпочнало градењето на голем број цркви, од кои поголем број се познати со убавите иконостаси. Поголемите градови во Македонија (Битола, Прилеп, Велес и Штип), како и повеќето села, граделе цркви, кои биле огромни по своите димензии (за разлика од XV-XVIII век) со големи и раскошни иконостаси, чие врвно достигнување се иконостасите во црквите од Свети Никола во Крушево (изгорен во 1903 година), Свети Спас во Скопје, Свето Благовештение во Прилеп и највелелепниот од манастирот Свети Јован Бигорски. Додека, од една страна, имало големи уметнички достигнувања во поглед на резбарските работи, од друга страна, во живописот и иконописот имало една стагнирана уметност, без вредни уметнички квалитети, поставени врз занаетчиска основа. Прогресот на земјата, кој најдобро се чувствувал на економското поле, единствено се огледувал во богато украсените икони, работени врз златна позадина и со сребрени окови. Меѓутоа, овој надворешен сјај и украс, не можел да ги сокрие слабите творечки остварувања. Имињата на зографите и иконописците, кои ни се познати во ова време, за нас се важни поради тоа што им останале верни на старата сликарска традиција и религиозна иконографија, адекватни на старите средновековни зографи. Од тој аспект се гледа и работата на последниот прилепски иконописец, бидејќи тој не располагал со никаква творечка сила, туку се манифестирал исклучително како занаетчија, кој успешно ја совладал занаетчиската страна на иконописот.
Јован Зограф е роден во 1846 година во Прилеп, каде што и починал во 1908 година. Вистинското име му е Јован Атанасов Будимовски. Занаетот го учел кај својот зет од сестра, Адамче Зограф, со кого работел цели 17 години, прво како негов ученик, а подоцна како ортак. Од зачуваните икони, на кои јасно се познаваат рацете на двајцата зографи, се заклучува дека ни едниот, ни другиот зограф, не биле инветивни мајстори. Тие работеле како и мајсторите на дебарско-зографските школи, а особено по углед на зографот Дичо од Тресонче. Овој зограф оставил доста икони во Прилеп и во прилепскиот крај и со својата техника доста влијаел врз работата на прилепските иконописци. Влијанието на дебарските мајстори, а особено на елементите од иконостасите го инспирирале Адамче, а подоцна и Јован, на своите икони да сликаат цели детали, карактеристични за резбарските работи. До денес, во Прилеп се зачувани мал број икони, што му се припишуваат на Адамче, но неговиот ученик Јован се покажал многу поплоден. Неговата работа, врз основа на зачуваните и сигнираните икони, може да се следи од 1878-1906 година, Од него, исто така, зачувани се икони со мал формат, кои според третманот и според техничкото изведување, може да му се припишат на овој иконописец (како иконите во црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп).
Своето главно дело, иконописецот Јован го оставил во црквата Свети Кирил и Методиј (Параклис) во Прилеп. Освен неколку икони од понов датум, сите други икони се работени од овој мајстор. Да се потсетиме дека црквата Свети Кирил и Методиј е подигната во периодот од 1925-1932 година во непосредна близина на урнатиот стар параклис, кој бил подигнат уште во 1884 година. Откако стариот параклис бил урнат во 1925 година, се претпоставува дека овие икони се пренесени, заедно со целиот иконостас, во новоизградената црква. Денес немаме сигурни извори за изгледот на стариот иконостас, па затоа не може да се изврши никаква реконструкција. Оваа претпоставка е донесена врз основа на царските двери, на која насликаната сцена на Светото Благовештение е работенa од овој мајстор, а истото прави целина со целиот иконостас.
Според ова, постои можност работата на иконописецот Јован да се следи за периодот од 1888-1906 година. На иконостасот се наоѓаат осум големи икони, кои се работени во 1892 година, освен иконата во чест на Свети Трифун, која е од 1893 година. Лево од царските двери се наоѓаат иконите: Пресвета Богородица со Христос Богомладенецот, Свети Кирил и Методиј, Свети Илија и Свети Трифун; а десно: Господ Исус Христос Седржител, Свети Јован Крстител, Свети Три Ерарси (Свети Василиј Велики, Свети Јован Златоуст и Свети Григориј Богослов) и Свети Николај Чудотворец. Од другите икони, кои се во сопственост на црквата, ќе ги издвоиме: Пресвета Богородица со Христос Богомладенецот (1887), Света Троица (1892), Вознесение Христово (1893), Свети Георгиј (1894), Свети Атанасиј (1895)…
Работата на иконописецот Јован не е ограничена само на градот Прилеп. Тој изработил икони и за црквите во Мало Рувци и Дупјачани (прилепско), за Агларци и Дедебалци (битолско), како и за манастирот во Согле (велешко). Според податоците од неговиот син Милан Зуграфоски, Јован работел и за гробјанската црква во Смедерево, и тоа околу 60 дена. Според извршените проверки од седумдесеттите години од минатиот век, како и според тврдењето на Загорка Расолкоска-Николовска, се претпоставува дека иконите на Пресвета Богородица со Богомладенецот Христос и Господ Исус Христос Седржител, кои се наоѓаат лево и десно од царските двери, како и иконата на Свети Архангел Михаил, кои се работени на златна позадина, според техничката обработка, би можеле да му се припишат на Јован Атанасов Прилепчанин.
Исто така, во црквата Свети Николај во Штип има неколку сигнирани и датирани икони од овој мајстор, како што се: Христовото Рождество (1878), Христовото Погребение (1879), Свети Кирил и Методиј, Слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите и Христовото Вознесение (1881).
Во 1957 година Музејот од Прилеп откупил една икона, Пресвета Богородица со Господ Исус Христос, која е потпишана и датирана од Јован Атанасов, иконописецот од Прилеп. Истовремено, бил откупен и приборот и материјалот за сликање, една книга на грчки јазик („Историја на светата земја Палестина“ од Хризантос Камаразис), која на Јован, најверојатно, му служела како прирачник за сликање, како и неколку негови цртежи и копирни картони. Овој материјал бил откупен од неговиот син Милан Зуграфоски.
Според инвентарната книга, интересно е да се забележи дека откупени се и: Камења за рибање бои, шпагла со дрвена дршка за ставање грунд, железно стругало за рамнење на подлогата во форма на триаголник со дршка, шила за копирање мустри, дрвено шило, црвена боја завиткана во газа, кристален непечен гипс од кој се правело аморфен гипс за грундирање на иконите. Освен тоа, биле откупени и 23 четки со разни димензии, кои спаѓале во приборот за сликање на Јован. Четките ги изработувал сам од влакна на верверици, јазовци и диви свињи. Танките и меки четки ги ставал исклучително во гускини перја, кои повторно ги ставал на дрвени дршки, додека тврдите и дебели четки ги сместувал во железни придржувачи на дрвени дршки. Од боите што ги употребувал за работа на иконите, Музејот ги откупил следниве: кармин, сиена печена, миниум, бела оловна (ујстубеч), темнокафеава, црна од гар, болоњска креда, жолт кадмиум, гуми-гута, сина земјена боја, турско црвена, кошенила, деквајс и др.
Според откупениот материјал и според испитувањата на иконите, се доаѓа до заклучок дека тој работел на истиот начин, на кој работеле и другите зографи-иконописци во Македонија, односно, како што е пропишано во сликарските прирачници. Во тие прирачници, освен што е дадена иконографијата за светителите, постојат оддели со упатства за употреба на материјалот, за правење и рибање боја, за употреба на злато и лак, како и други упатства. Дали иконописецот Јован имал прирачник од овој тип не ни е познато, но, како што веќе спомнавме, ја поседувал книгата на грчки јазик, која најверојатно ја користел како прирачник за разни иконографски теми, зашто на неколку места во книгата биле пронајдени остатоци од боја.
Јован Прилепчанин работел на чамови или на тополови штици, кои биле стари 3-4 години. Иконите од помал формат ги сликал директно, врз грундирана основа на штицата, а кај иконите од поголем формат, кои не можеле да се изработат од едно парче штица, спојниците ги покривал со платно и потоа грундирал. Така се изработени и сите икони од иконостасот во црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп.
При сликањето на иконите, Јован најпрво го изведувал цртежот со помош на копирен картон, а после сликал со боја. На иконите многу често употребувал злато, кога требало да слика нимбови, богата драперија, а понекогаш и заднина. Златото го набавувал од Франција и од Цариград, а го добивал во листови (цариградското злато било во слободни листови, а француското било поврзано во пакетчиња од по десет парчиња, наречени „тефе“). Големата употреба на златото придонесувала за убавиот изглед на иконите.
Иконографските теми ги копирал директно, според содржината и формата, од иконите на иконостасот во црквата Свето Благовештение. Затоа иконите од иконостасот во црквата Свети Кирил и Методиј изгледаат како бледа копија на големиот и раскошен иконостас од црквата Свето Благовештение.
Во творечката работа на иконописецот Јован не може да се установи развојната линија на неговиот подем. Работите од неговата зрела фаза, која би била некаде во деветтата и десеттата деценија од XIX век, не се разликува многу од оние работи, што ги изработувал подоцна. Во изборот на темите, многу често се повторувал, работејќи иста тема во повеќе формати.
Со смртта на иконописецот Јован, од кого се зачувани преку 50 икони, завршува традицијата на старите мајстори од Прилеп и околината. Големиот број зачувани икони изработени од последниот прилепски иконописец од почетокот на минатиот век, како и музејскиот материјал, претставуваат доволен повод да се направи ретроспектива на неговата дејност. Јован Прилепчанин, со начинот на својата работа, придонесол старите сликарски традиции да се задржат во Прилеп и во неговата околина до крајот на XIX век и првите децении на ХХ век, вклучувајќи се во општата положба на Македонија, каде што овие традиции се задржуваат до крајот од втората деценија на ХХ век. Поконкретно, оваа традиција на средновековното ѕидно сликарство завршува со смртта на Димитар Андоновски-Папрадишки, кој почина во 1954 година.
Протоереј Златко Ангелески
Коментирај