ЈОРДАН ТОДОРОВСКИ ШЕМКО
(првоборец, учесник во НОБ од 1941 година, политичар)
Роден во Прилеп на 15.11.1922 година, од татко Милан и мајка Параскева. Од крајот на 1934 година, па сé до 1942 година, уште како дете, а потоа и како младинец, работи во Прилеп како кондураџиски работник кај мајсторот Орде Миноски, а потоа и кај мајсторот Димче Јане. Како гимназијалец се интересирал за спорт и бил активен во фудбалот како фудбалер на тогашниот СК „Гоце Делчев“ од Прилеп. За одбележување е неговото учество како фудбалер на натпреварот помеѓу СК „Гоце Делчев“ од Прилеп и ФК „Македонија“ (поддржан од бугарските власти), одржан во 1941 година, кој завршил со победа на СК „Гоце Делчев“. Уште во 1940 година, како кондураџиски работник бил вклучен во синдикатот на кондураџиската бранша од страна на Пецо Пепељугоски „Црвениот“ и Блаже Бошкоски, што му овозможило контакти со напредни младинци, а воедно и кај него да се пробуди интересот за политиката, читајќи разни летоци и извадоци од марксистичка литература.
Во 1941 година бил примен во СКОЈ и почнува да се занимава со организациони работи како водач на две младински групи (еден во кварталот Тризла и еден во кварталот Ѓогдере, а подоцна и во кварталот „Рид“), но бил и диверзант за пренос на разни материјали, чување илегалци, оружје и слично. Активно учествувал на состаноците на СКОЈ-евската организација, предводени од Пецо Пепељугоски во тоа време. На тој начин се поврзува и со Димо Наредникот, па од него добива оружје на чување во неговиот дом. По нападот на Участокот во Прилеп на 11.10.1941 година, во неговиот дом ги засолнува учесниците: Драган Спиркоски „Максо“, Душан Петроски „Кашата“, но и Борко Темелковски „Лилјакот“, Киро Натески „Рако“ и други. Паралелно со ваквата дејност, од 1942 година работи разни работи како општ работник, а во јули 1943 година на краток период се вработува во Монополот во Прилеп. Во месец јуни 1942 година станува член на Комунистичката партија и со тоа многу поактивно се вклучува во движењето на отпорот. Во партијата го вклучува Пецо Пепељугоски во групата на Љупчо Аџимитров, заедно со: Донче Шапкаро од Прилеп, Андон Слабејко – Берберот (загинат во 1942 година), Митко Цветаноски „Ганчо“ (загинат во 1944 година), Киро Пунте, Перо Кусиот (загинат во 1944 година). Во текот на втората половина од 1942 година, заедно со Митко „Ганчо“ обезбедува материјална помош (прва помош, леб, оружје и слично), дејствува како диверзант и активно го помага одредот на „Црвени стени“. Во 1942 година како илегалци ги чува: Блаже Спиркоски, Пецо „Црвениот“, Драган Максо и Блаже Бошкоски „Бабиќо“ – сите од Прилеп. Во тоа време доставувал материјали за читање во прилепските села: Дабница, Дреновци и Присад. Во 1942 година во неговата куќа, заедно со Митко „Ганчо“ прават магацин за оружје, чувајќи различни воени предмети: пушки, револвери, динамит, капси и сл.
Во месец септември 1943 година, после кратка работа во Монополот, отвора трговски и занаетчиски дуќан во Прилеп, ортачки со Орце Стефаноски. Дуќанот за кратко станува база на младинци и други активни луѓе од партијата, па во март 1943 година активностите од дуќанот стануваат провалени. Во текот на 1943 година особено е активен во различни диверзантски акции и дејствија во соработка со неговиот другар Митко Цветаноски „Ганчо“. Од 4 мај 1943 година, со одобрение на партијата, се вклучува како активен борец во редовите на југословенската армија (спроведен од Велко „Стариот“ и Најдо Димоски од Прилеп), прво како борец и делегат на вод. Од 4.05.1943 година до август 1943 година е партизан во месноста „Азот“, во тесна соработка со Трајче Петковски и Стоилко Планински. Во август 1943 година се поврзуваат со Дебрца и се приклучуваат кон Баталјонот „Мирче Ацев“, а подоцна во Првата македонска-косовска бригада (формирана на 11 ноември 1943 година во с. Сливово, Дебрца), сé до декември 1943 година. Од декември 1943 година до 10 септември 1944 година, заедно со Митко „Ганчо“ стануваат курири на Главниот штаб за Македонија за превоз на нови борци и пошта од Прилеп за Грција. Како партизан активно учествува во борбите на походот во Албанија и Грција, борбата Фуштани (18.12.1943 год.), Пожарско, Мрежичко (26.12.1943 год.), Богомилскиот поход (дел од Февруарскиот поход во 1944 година) и во ослободувањето на Прилеп. Од септември 1944 година до 05.01.1945 година бил комесар на баталјон во бригадата Н.О. и од 10.01.1945 до 05.05.1945 година бил помошник комесар на дивизијата Н.О. (КНОЈ). Од 05.05.1945 година до 29.07.1945 година бил на Виш партиски курс во Белград и од 01.08.1945 година до 30.04.1946 година бил Шеф на Персоналниот отсек во VIII дивизија КНОЈ (Корпус на народната одбрана на Југославија). Од 01.05.1946 година се вработува како офицер во УДБ (Управа за државна безбедност) на Македонија, во Скопје. Во периодот од 1.05.1948 година до 20.07.1949 година завршил Воено-политичка школа на ФНРЈ во Белград.
Во војната изгубил двајца браќа Станко и Крсте Шемкоски и една сестра Славка (ранета како дете борец).
Се стекнал со воен чин Полковник во Југословенската армија.
Во месец февруари 1946 година стапува во брак со Марика Мрмева (Мрмеска), родум од Прилеп, со потекло од староградска имотна фамилија. Од бракот со Марика има три деца: Славица, Љупчо и Снежана.
Во работната кариера извршува високи политички функции во македонското и југословенското општество. Во 1950 година е распореден на служба во Обласното одделение на СВР во Штип, потоа и во Битола. После 1951 година извршува високи функции во безбедносните служби и во политичкиот живот, станува и началник во РСВР сé до 1964 година. Најголемиот дел од својот работен век го поминува во Скопје. По пензионирањето се вклучува активно во активностите на Здружението на борци на Македонија, Здружението на воени ветерани итн.
Одликуван е со бројни ордени, награди и признанија за храброст и заслуги за државата и народот, а меѓу најзначајните се:
• Одликуван е со Орден за заслуги за народот II ред, број 2760, од страна на Президиумот на Народното собрание на Федеративна Народна Република Југославија, на 30.03.1946 година;
• Одликуван е со Орден за храброст број 53800, од страна на Президиумот на Народното собрание на Федеративна Народна Република Југославија, на 13.01.1948 година.
• Одликуван е со Орден „Братство и единство“ II ред, број 10653, од страна на Президиумот на Народното собрание на Федеративна Народна Република Југославија, на 13.01.1948 година;
• Одликуван е со Орден за воени заслуги III ред, број 68, од страна на Претседателот на Федеративна Народна Република Југославија, од 15.12.1957 година;
• Одликуван е со Орден на трудот III ред, број 68, од страна на Претседателот на Федеративна Народна Република Југославија, од 29 ноември 1959 година.
Починал на 25.11.1976 година во Скопје, на возраст од само 54 години. Погребан е на 27.11.1976 година со највисоки државни почести во Алејата на заслужни граѓани на гробиштата „Бутел“ во Скопје.
Во чест на Јордан Шемко и неговата фамилија, денес во Градот Прилеп две улици го носат нивното име и тоа: улицата Јордан Тодоровски Шемко и улицата Браќа Шемкоски.
Коментирај