Јон Пашата

Иван Димов – Пашата

Иван Најдов Димов попознат како Јон Пашата е роден 1878 година во Тројкрсти.

Во 1897 година заминал на печалба во Влашко, каде што работел се до 1900 година, кога и се вратил во родниот крај. Истата година украл од Шебедин бег пушка и два револвера, се одметнал и се вклучил во редовите на ВМОРО. Во 1902 година станал четник во четата на Ѓорѓи Сугарев.

За време на Илинденското востание во 1903 година бил во состав на здружената чета на Крсто Гермов-Шакир, Димче Сарванов–Могилчето и Иван Кафеџијата, по чие разбивање во септември 1903 година застанал на чело на самостојна чета, која дејствувала во реонот на Преспанско, а подоцна во Кичевско и Битолско. Во 1904 година бил назначен за реонски војвода во битолско, кога заедно со Димче Сарванов-Могилчето и Трајко Кралот дејствувале против грчката вооружена пропаганда во Македонија. Во тој период, во состав на неговата чета, како четник бил Грујо Акелов, кој подоцна станал самостоен војвода во битолско.

Во 1905 година бил назначен за помошник војвода на Димче Могилчето и заедно со група од 6 четници дејствувал во реонот на пелагониските села десно од реката Црна, се до Џавато (Џаваткол). На 1 јули 1905 година, Димче Могилчето заедно со Јон Димов-Пашата и Трајко Кралот, од заседа го убиле злогласниот Шефкија бег, кој имал чифлик во село Могила. Убиството на Шефкија бег, за кого се сметало дека куршум не го бие, силно одекнало кај турското и македонското население, додека овој настан силно го растревожил битолскиот валија Селим ефенди.

Активниот четнички живот влијаел на неговото здравје и во 1907 година Јон Пашата се разболел од дифтерија, од која по кратко боледување умрел во Битола на 20 септември 1907 година.

Неговото тело е погребано во дворот на црквата „Света Недела“, а поради интересирањето на турската власт во Битола, чие тело е закопано во дворот на црквата, останките на Јон Пашата биле пренесени во гробот на тукушто почината девојка од Битола.

По смртта на Јон Пашата неговиот реон го презема демирхисарскиот војвода Алексо Стефанов.

Нема Коментари

Коментирај