Јас сум Македонец, идам од Македонија!

Јас сум Македонец, идам од Македонија!

НАРОДНИ КАЖУВАЊА

ЈАС СУМ МАКЕДОНЕЦ, ИДАМ ОД МАКЕДОНИЈА

(Раскажува Ице Симиџиоски, од Прилеп, магистер по фармација, сега во пензија, стар 71 година.)

Во Прилеп живееше еден поп. Се викаше Налет. Фамилијата на поп Налет потекнува од селото Брод, Мариово. Ова село се најдува кај Завојот на Црна Река. Во турско време во селото живееле во задруга. Задругата броела над сто члена. Еден ден, дури мажите биле по работа в поле, дошле тројца Турци во нивната куќа. Турците почнале да и меркаат невестите и девојките. Агите меѓу себе си зборувале која невеста и девојка со кого ќе спија. Постарите жени разбрале шо сакаат Турциве. Им рекле:

- Ајде бре, шо зборувате!?

- Молчете бре! Ти си таја црна аспра?!

- Ајде, станувај!

Жените затрепериле од глата до петиците. Агите накострешени како диви вепри. Квечерината мажите се вратиле од работа. Жените им раскажале. Мажите се договориле вечерта да ги отепаат сите тројца. Вечерта Турците влегле в стапица. И грабнале. Ги отепале и заминале од селото Брод. Се шо имале товариле на коњи. Кинисале за село Мало Коњари, Прилепско. Селото Мало Коњари било во рацете на турскиот паша од Битола. Пашата имал потреба од ефтина работна рака. За убиството во селото Брод разбрал и турскиот паша. Го разгледал овај случај и донесол решење да не се казнуваат селаните, бидејќи отепаните Турци биле виновни оти е повредиле честа на фамилијата. Во селото Мало Коњари се преселиле околу 1850 година. По некое време се преселиле во Прилеп. Во Прилеп имало големи површини земја,
немало кој да ја обработува. Оваа фамилија добила голема површина земја.

Турците во Прилеп беа многу суеверни. Ние знаеме дека кокошките си легнуваат рано. На вечер кокошките и ваќа перде, не гледаат. Ова по турски се викало Таук пердеси. Еднаш попо Налет бил викнат во уќуматот на саслушавање. Откако го саслушале, попов требало да се потпиши. Си мислел да не падни в склопци, сакал да се допраша и со други луѓе. Во уќуматот им рекол:

- Леле, ме вати Таук пердеси, не можам да се потпишам!

Попот Налет и гледал Турците како овцата шо го гледа волкот. Тој пат попот Налет куртулил.

Еден ден поп Налет спорел со шефот на поштата. Зградата од поштата била од попот. Спореле која вера е поарна, рисјанската или мухамеданската. Најпосле попот Налет му рекол на шефот од поштата:

- Ефенди шеф, ќе земиме две корита, ќе ги наполниме со вода, во едното јас ќе се искапам, а во другото ти. Ќе пуштиме еден жеден коњ да се напија вода. Коњот ќе се напија од водата во која јас сум се искапал, а не од водата во која ти се искапа, бидејќи вие не сте крстени!

Шефот се налутил, сакал да го заколи. Попот Налет личел на врапче што ги колвал своите ловци! Еден ден попот Налет седнал на еден камен со скрстени раце и почна да ми расправа:

- А бе Ице, а бе внуче, едно време се јавија арамии во прилепските села. Краделе по црквите! Арамите биле мешани, имало и рисјани и Турци. Нејce. Јас бев во едно село и разбрав оти арамиве ќе одат во то село. На селаните им реков сѐ што има во црквата да се скрија. Во црквата имаше обесено една метла. Дошле арамите, влегле в црква, е зеле метлата! Арамите никој не ги кани, тие сами влегуваат!
Еден ден поп Налет бил викнат на саслушавање кај кајмакамот во Прилеп. Пред белегието се собрале сите видни прилепчани. Попот Налет не знаел одвет да си дај пред кајмакамот. Попов паднал на земја, на душеме. Турците излегле од белегието и звикале на собраните луѓе:

- Попо умре!

Попот се нашол во небрано, го стегнале во менгеме. Над попот се наведнале: Матеја Димшоски, Браќа Лепавцовци, Крапчевци и други.
Попот им рекол:

- Старувам, не знам шо одвет да дам! Гу пуштиле. Итар поп.

Зимно време. По улиците на Прилеп голем снег и мраз. Грчкиот владика Венедик бил качен на една маска. Пред анот од Шишковци имало ептен голем мраз. Зад маската стоел поп Налет и други попој. Попојве е боцкале маската со еден остен. Маската фрлала чифтина, грчкиот владика паднал од маска на мраз. Поп Налет ми расправаше:

- Bo 1835 година во Прилеп почна да се гради црквата „Свето Благовештение“. Јас бев момче од петнајсет години, со количка и носев камењата од пред портите на кои седеја жените. Овие камења и клававне во темелите од црквата!

На Војордание, зимно време, поп Налет ќе се слечел по гаќи, го кршеше мразот од реката и се капеше во неја. Пред куќата од поп Налет и аптеката имаше едно клаинче. Водата од ова клаинче со ќумци беше спроведена во црквата „Свето Благовештение“.

Околу 1850 година во Прилеп дошол еден српски даскал. Даскалов се прибрал во меаната близу до воденицата Карабдалица. Поп Налет, поп Дунда и уште еден поп се научиле оти земјата се вртела околу сонцето и оти така настанува дење и ноќе. Триве попој пошле кај даскалот во мејаната. Го замолиле да им објасни како се врти земјата околу сонцето. Даскалот им рекол:

- А бре попчина, картана да е полна со вино, да ја кренам, да го испијам сето вино, тогаш сета земја ќе се врти и околу мене!

Поп Налет ми раскажуваше оти во Битола гледал накажани луѓе, осудени на смрт, на грозна смрт, врзани со чингели за месата, закачени на Атпазар, живи на цингели и со дни умирале.

По пробивот на Солунскиот фронт во 1918 година еден бугарски војник остана во Прилеп кај Вита Мартиноска. Вита Мартиноска беше стара мома, седеше карши грчката црква. Еден ден Вита Мартиноска го викнала поп Налет да е венча со бугарскиот војник. Поп Налет и венчал. За венчавањето разбрал поп Даме Пеливановиќ. Тој беше управител на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп. Го зел на одговорност. На поп Налета му рекол:

- Оче Налет, како можиш да венчаш Турчин со рисјанка?

Оче Даме, тој не е Турчин, тој е рисјанец и се вика Борис.

Попојте се јаделе еден со друг. Поп Даме напаѓал, поп Налет се бранел. Најпосле поп Налет бил казнет. Го испратиле на епитимија, на свештеничко заточение во манастирот „Света Богоројца“, Кическо. Тогаш поп Налет имал стотина години. На стари години влегол во мрежата од поп Дамета која полека се стегала. На заточение бил испратен во 1920 година. Во манастирот „Света Богоројца“ останал шест месеци. Живеел аскетски. Од заточение се врати пак во Прилеп и во 1924 година неговата душа се вивна горе на небото. Тој живееше од 1820 до 1924 година.

Во турско време во Прилеп живеја триесетина Влашки фамилии. Се држеле како Грци. Сите биле трговци. Итри луѓе. Во 1868 година Власите биле избркани од црквата „Свето Благовештение“. Како надомест добиле само петнајсет илјади гроша, бидејќи и тие учествувале во градењето на црквата „Свето Благовештение“. Власите барале четириесет илјади гроша. Во Прилеп пуштија еден муабет дека црквата „Свето Благовештение“ е стара црква, а нивната нова, со намера да привлечат поголем број верници. Ко да се собереле во нивната црква биле тројца и дете. Во црквата „Свето Благовештение“ верниците истакнале:

- Проклет и триклет да биди секој тој кој шо ќе го пречекори прагот од грчката црква!

Ко да минеле верниците пред грчката црква не се ни прекрстувале.

Во Корчанската долина, Албанија имаше еден град кој се викаше Москополе. При крајот на XVIII век овај град имал околу шеесет илјади души. Населен бил само со Власи. Денеска на то место постои само едно арнаутско село. При крајот на XVIII век меѓу трговците се развило едно движење во Грција, а нарочито во Русија за ослободување на Грција. Самото население на Москополе се занимавало со трговија. Тие биле познати трговци на Балканскиот Полуостров. Москополците имале големи симпатии за ослободување на Грција и затоа турските аскери го
напаѓале Москополе. Али Паша Јанински, одметник од турскиот султан, наполно ги истерал Москополците. Го разрушил и градот.
Москополците се раселиле низ Балканскиот Полуостров. Се населиле и во Македонија: во Битола, Прилеп, Солун, Крушево, Трново, Магарево, Маловишта, Гопеш и во други места. Власите во Прилеп на чаршузлите им велеле:

- Блазе си ви, си имате магарина, си ојте во Црници и Никодинска планина по дрва, а пак ние вака седиме по дуќаниве!

Власите во Прилеп се занимавале со трговија.

Султанот Махмуд II, којшто дошол на турскиот престол по убиството на својот татко реформатор, СеЛим III, во 1826 година создал регуларна војска, наречена низами, а јаничарската војска и дервишкиот религиски род, со една одлука ги растурил. Арно ама, јаничарите дигнале една буна во Цариград во 1826 година. Оваа буна султанот Махмуд II е уништил со регуларната војска.

Грчкото востание за ослободување траело од 1821 до 1829 година. Грчките востаници имале големи симпатии на запад, а пак Русија влегла во војна со Турција. Војната завршила со Едренскиот мир во 1829 година. Во оваа војна Албанците биле на страната од кај Турција. Арно ама, бидејќи не добиле пари за своето учество во војната против Русија, и поради тоа што во Турција бил растурен јаничарскиот и дервишкиот род, Албанците со извесни сили се упатиле преку Прилеп за Битола во 1830 година. Началникот на гарнизонот во Битола му наредил на редовната турска војска да напрај вежба. Како посматрачи на вежбата биле Арнаутите што дошле во Битола. Војната вежба била кај касармите. Началникот на гарнизонот тајно им наредил на офицерите при изведувањето на вежбата да се пуштаат турските војници на Арнаутите. Станало касапница. Во оваа касапница ретко некој куртулил. Во 1831 година една голема албанска војска од триесет илјади војници, на чело со Шкодранскиот паша, војската поминала низ Прилеп. Во Прилеп се задржала два-три дена. Кондисале по куќи. Во куќите кај што кондисале и терале луѓето да им ги водат коњите и опинците да им ги чистат. Јаделе на вересија, без пари. Од јадење вилиците им се умориле. Ваквото јадење се викало дишпараси.

Војската заминала за Битола. Кај селото Вашарејца, Битолско и дочекал Хуршид паша со регуларна турска војска: пешадија, кавалерија и артилерија. Хуршид паша водел шеесет илјади турски аскери. Тука албанската војска била поразена. То што останало живо, се повлекло и се утврдило на Бабуна. Хуршид паша и гонел. Стасал во Прилеп. Сакал да го запали градот, бидејќи прилепските Турци и Арнаути имале симпатии спрема албанските војници. Рисјаните од Прилеп се исплашиле. Испратиле еден прилепчанец кај владиката Григорие во Битола. Владиката веднаш стасал Во Прилеп. Тој му објаснил на Хуршид дека рисјаните немале никаков кабает. Пашата и натерал рисјаните да копаат ровој за турските аскери. Турските аскери биле распоредени кај Заград, кај селото Леништа и по Џадето за Велес. Во оваа борба Арнаутските војски биле наполно уништени.

Во Прилеп кај Параклис и Монополот имало утврдени кули за напаѓање на непријателот. Овие кули биле од памтивека. Во кулата кај Параклис живеела една фамилија. Оваа фамилија се викала Мулаусиновци.

Мулаусиновци биле многу лоши и проклети. Се им беше пречка. Турскиот паша со топ фрлил две гранати на самата кула. Мулаусиновци биле избегани. Прилепските Турци и Арнаутите избегале од Прилеп, скоро сите прилепски Турци се повлекле со арнаутската војска.
Мулаусиновци во Прилеп имале многу чифлизи. За себап напрајле една чешма. Велеле:

- Врапче ќе се напија, добиток ќе се напија, чоек ќе се напија!

Арно ама, Мулаусиновци од кулата пукале на луѓето шо иделе да пијат вода од чешмата. Ете ваков бил нивниот себап!

Bo 1843 година една група муслимани, торбеши, се сетиле оти некогаш биле рисјани, решиле да се вратат во својата рисјанска вера. Еден ден на полноќ стасале во манастирот Свети Јован Бигорски. Во манастирот се покрстиле, се вратиле во рисјанската вера, добиле рисјански имина, некој Митре, некој Пројко. Арно ама, некој бег од Дебар разбрал за овој случај. Бегот чутел. Од уши в уши разбрал пашата во Битола. Е сега, пашата му рекол на еден од торбешиве шо се вратил во рисјанската вера:

- Ти пак да се вратиш во муслиманската вера!

Паша ефенди, како да се вратам кога меѓу забиве имам уште свинско месо шо го јадев ко се покрстив!?

Пашата наредил со клешти да му се извадат сите заби.

Во секое наше село турската власт имала по еден полјак, ислужен војник, ислужен турски аскер. Полјакот прво морал да ислужи во турскиот аскер, a пак после да биди полјак. Во прилепскиве села имало турски полјаци, наоружани до заби. Тие биле искусни турски аскери. Служеле по десетина години во турскиот аскер. Полјаците биле cè и сја во селата, биле како кралој. Се мешале и во фамилијарни работи, решавале која мома ќе појди и за кое момче. Земале и нивје. Најубајте нивје биле во нивни раце. На селаните им тежеле овие полјаци. Турција се крепеше на овие полјаци. Таа беше дупната вреќа, јама без дно. Селаните постојано иделе на давија во белегието во Прилеп. Барале да има рисјани полјаци, со стап да го вардат полето, а не со оружје. Во белегието во Прилеп на селаните им велеле дека турските полјаци се око и уво на турската власт. Селаните се жалеле кај пашата во Битола. И оваа жалба не помогнала, одговорот бил ист. Турската власт во Прилеп и црковната општина решиле да испратат по еден делегат во Солун и Цариград. Од турската страна како делегат бил испратен чесниот и разбран Турчин, Ахмед ага. Тој бил армаџија, брашнар. Од рисјаните како делегат бил испратен Диме Бабата. Диме Бабата и другпат учествувал во делегации. За вакви работи бил погоден, устатлија.

Ахмед ага и Диме Бабата ошле дури кај везирот во Цариград. И везирот одговорил како и пашата во Битола. Отишле и во Солун кај валијата. Најпосле се вратиле со празни раце во Прилеп. Ахмед ага во Прилеп им објаснил дека одговорот е негативен. Се обратил до прилепските Турци со следниве думи:

- Драги браќа, нам на Турците Московецот не ни го дотера умот, а камо ли јас и Диме Бабата. Само едно да знајте овие работи шо и прајме ние Турците, аир и бериќет нема да видиме!

По уништувањето на албанските азби во 1831 година на Бабуна, Хуршид паша влегол во Прилеп. Навратил и во уќуматот. Во уќуматот затекол тројца што работеле во уќуматот. Хуршид паша го прашал едниот:

- Кој си ти и што работиш?

- Ефенди паша, јас сум Мемед Цицка. Јас муфтијата, кадијата и кајмакамот им прам кафина!

- А кој си ти?

Ефенди паша, јас сум Наумче Кучка. Јас на големците им палам ќибуците!

Турските големци во Прилеп пушеле тутун со долги чибуци, ги мрзело да се наведнуваат! Наумче Кучка им палел чибуците, морал го стегал опинокот. Се виткал како сува прачка!

- Ами ти кој се бре?

- Ефенди паша, јас сум Алија Дрчко. Јас му го водам коњот на муфтијата!

Црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп е изградена во времето на султанот Махмуд II. Овај султанувал од 1808 до 1839 година. За градењето на црквата најзаслужен бил Аци Ристе Дамјановиќ Логотет. Логотет значи застапник на битолскиот владика за рисјаните во Прилеп. Тој едновремено бил и веќил, застапник на турската власт за рисјаните. Сите наредби од турската власт и од владиката иделе преку него. Рисјаните биле должни да го слушаат. За градењето на црквата Аџи Ристе Дамјановиќ Логотет одел повеќе пати во Цариград. Најпосле добил ферман од султанот за градење на црквата. Овај ферман го добил на сам ден Свето Благовештение во 1835 година. Со ферманот се добила блага вест. Тоа бил на сам ден Благоец и затоа црквата е крстена „Свето Благовештение“. Местото на кое е изградена црквата било од баба Мита. Аџи Ристе Логотет на баба Мита и рекол:

- Бабо Мито, поклони го местово, ќе градиме црква. Со тоа тебе ќе ти се обезбеди едно ќоше во рајот ко ќе умриш!

Градењето на црквата траело цели три години. По барање на прилепските Турци црквата требало да влези метро до метроипол в земја. Прилепските Турци на мајсторите во работата им пречеле, турската власт испратила еден Арап. За Арапов било напрајно едно одре од базје до денешната камбанарија. На ова одре Арапот седел и одвреме навреме со кременарката пукал за да и плаши прилепските Турци. Во 1838 година црквата е изградена. Црквата е осветена на сам ден Благоец во 1838 година. Тој ден во црквата бил попопен Димитрија Икономоски. Во црквата за Аџи Ристе Дамјановиќ Логотет бил изграден еден специјален стол, трон. На тој стол тој седел. Од столот на верниците им јавувал наредбите од турската власт и од владиката. Секогаш се обраќал со следниве зборој:

- Браќа рисјани и вие неколцина Власи…

По некое време во Прилеп во дворот од Стара Црква, зад олтарот од црквата „Свето Благовештение“, на местото од денешната костурница, е изградено првото македонско училиште. Во ова училиште јас учев во 1910, 1911 и 1912 година. Ова училиште го урна бугарската власт. Пред да се изгради ова училиште, во Прилеп имало учители коишто на четмо читање се учеле во манастирите „Свети Арахангел Михаил“ и „Света Богоројца Трескавец“. Такви даскали биле: Ристе Думбал, во почетокот на ХVІІІ век, Ангеле Смичкоски, даскал Коте и други. Нивното учење се состоело во читање на псалтиро, часловено и други црквени книги. Се читало на црквено-славјански јазик. Некој од овие даскали учеле во то прво наше македонско училиште. Околу 1852 година дошле и други даскали, како Димитрија Миладинов, Рајко Жинзифов, пламениот говорник Јордан Аџи Константинов Џинот, Глигур Прличев. Под влијание на беседите од Јордан Џинот се создала една плејада од млади момчина полни со омраза спрема грчкото духовенство, кое после укинувањето на Пеќката патријаршија во 1766 и Охридската архиепископија во 1767 година, имало за цел cè што е славјанско да погрчи и затоа нашите славјански книги по манастирските библиотеки и горело. Во овие млади луѓе се истакнувале браќата Лепавцовци, Крапчевци, Аџи-Илиовци, а нарочито браќата Биолчевци: Нико, Диме и Коста. Коста бил познат како Коста Карата. Коста Карата беше роден за карање и тепање со Грците, а Ничо Биолче, најстариот брат, едно утро одејќи в чаршија во еден сокак го сретнала една „анка“. „Анката“ се приближила до него и со камата го удрила в стомак и по некое време умре. Не била анка, туку Турчин препраен во анка, а пратен за пари од Грци. Диме Биолче бил роден за дипломата. Браќата Биолчевци се воспитаници на Јордан Константинов Џинот. Коста Карата и Диме Биолче се умрени од своја смрт.

Во 1866 година во Прилеп дошол како учител пловдискиот граѓанин, Никола Генчев Еничаров. Се дружел со напредни младинци, патриотски настроени младинци. Во тоа време во Прилеп имало триесет и шест занаети здружени во еснафи. Секој занат си имал свој еснаф. На чело на еснафот стоел еден коџобашија. Од овие еснафи и други граѓани, секоја година на први јануар, се образувала управата на Црковната училишна општина во Прилеп. На први јануар секој еснаф праќал по еден делегат в црква. Триесет и шест еснафи, триесет и шест делегати. Од овие делегати се изабирале само дванајсет делегати. На овие дванајсет делегати се додавало уште шест граѓани. Овие осумнајсет делегати е сочинувале управата на црковната училишната општина во Прилеп. Решенијата донесени од оваа управа важеле за сите прилепчани.
Управата имала свој претседател и секретар.

Во училиштето изградено во 1843 година имало две одделена во кои се учело само грчки. Во споредба со македонските одделења, грчките одделења биле поопремени. Затоа управата на црковната училишната општина во Прилеп донесла решење во училиштето да има само наши одделења, македонски во кои ќе се учат како страни јазици грчкиот и турскиот јазик. Арно ама, влашко-грчкото население во Прилеп не било задоволно од ова решење и со една давија се обратило до грчкиот патријарх во Цариград. Никола Ганчев Еничаров разбрал дека дошло писмо од Патриката во Цариград. Ова писмо требало да се прочита на верниците идниот ден. Идниот ден бил рисјански празник. Се решило идното утро, уште во темни зори, секој од браќата Биолчевци со свој другари да ги ватат трите порти од црквениот двор. Сабајлето верниците масовно иделе в црква. На верниците им велеле:

- На помош да ни е денешен! Писмото од патриката да не дозволиме да се прочита во црквата!

Тој ден црквата била преполна со верници. Од Битола дошол грчкиот владика Венедикт. Дал знак да се прочита писмото од грчкиот патрик. Аџи Попо се качил на говорницата. Го отворил писмото. Ко почнал да го чита, во црквата се чул громкиот глас на Коста Карата:

- Не го сакаме патриката! Неќиме грчки патрика!

Веднаш како ровја одекнал гласот на сите верниците:

- Го неќиме патриката!

Грчкиот владика се нашол во небрано. Му дал знак на Аџи Попо за да слези, да не го чита писмото. Адет било евангелието да се прочита на грчки јазик. Владиката почнал да го чита на грчки јазик, пак грмнал гласот на Коста Карата:

- Неќиме грчки! Неќиме грчки!

По него сите верници звикале:

- Неќиме грчки!

Грчкиот владика видел, невидел го прочитал евангелието на црквенославјански јазик. Од тој ден секоја врска со грчкото духовенство се прекинало. Ова станало во 1968 година. После многу давии и преговори Грците добиле петнајсет илјади гроша како надомест. Црквата „Свето Преображдение“ во Прилеп е изградена во 1871 година.

Илија Биолче беше учител и книжар во Прилеп. Тој бил зет за ќерка на Аџи Спиро Аџи Илиев. Силен говорник, висок човек, личен маж, комита во Драма и Кавала. Ко загинал неговиот војвода, Илија Биолче го заменил.

Во Прилеп како тргоец на селски ситни работи: кошули, минтани и други чешити беше познат Ѓорче Плаше. Ѓорче Плаше ми расправаше за Јордан Аџи Константинов Џинот дека бил учител во Прилеп во 1858 и 1859 година. Јордан Аџи Константинов Џинот и мразел грчките фараниоти, грчкото свештенство. Учителствувал во училиштето во Стара Црква изградено во 1843 година зад олтарот од црквата „Свето Благовештение“. На зградата од училиштето имало една железна полуга, на која имало обесено една камбана. Во училиштето учеле околу триста ученици. Имало само еден нужник. Нужникот бил секогаш заклучен. Служел само за грчкиот владика Венедикт. Грчкиот владика идел во Прилеп на три до шест месеци за да ја собери владиштината, даноците. Учениците немало каде да одат по нужда. Оделе по куќи или во двориштето.

Јордан Аџи Константинов Џинот револтиран од тоа нешто, еден ден со клоца на вратата, ја скршува вратата и на учениците им рекол:

- Ученици, сега е слободно и влегувајте по нужда!

Грковласите велеле:

- Џинот, за резил не напрај пред владиката!

Отишле на давија во белегието кај кајмакамот. Давијата била против даскалот, против Џинот. Кајмакамот веднаш го викнал Џинот. Му рекол:

- А бре даскале, оти крши вратата?

- Ефенди кајмакам, училиштето има триста ученици. За нив нема нужник. Тој што беше под клуч, беше за грчкиот владика. Владиката иди на шест месеци да ја собери владиштината!

Кајмакамот бил разбран човек. На Џинот му рекол:

- Даскале, штом е така, баш папазот кој ќе дојди нека стегни тој газот вака и нека трча во Битола. На то згора Грковласите е поткупиле турсакта власт. Џинот бил протеран во своето родно место Велес. По една година го испратиле на заточение во Адама, Анадол, Мала Азија. Еден од турските аскери по пат го тепал со еден камшик. На врвот од камшикот имало кугла од олово, топче, скокалче. На Џинот му го истерал едното око. Во околијата на Адана бил на заточение во едно село. Живеел во една колиба надвор од селото. За Џинот животот станал суров, денови без леб, ноќи без сон, вечери без светло огниште без оган, издрпан, вошлосан, истоштен, понижуван, горчина во душата. Тој научил да го голта сето тоа. Само еден Турчин, некој си Ибраим го помогал. Ибраим му дал една тамбура. На заточение останал четири години. На четвртата година го викнал кајмакамот во Адана. Пред кајмакамот Џинот се појавил во искинати алишта, во партали.
Кајмакамот му рекол:

- Стој на врата, не влегувај внатре!

Го ослободил. Пешки заминал за Стамбол. Нашите Македонци во Стамбол го облекле и испратиле во Велес. Ете така Грковласите во Прилеп му го копале гробот на Јордан Аџи Константинов – Џинот, ама си го отворале и нивниот.

Јордан Аџи Константинов Џинот кога ќе дојдел грчкиот владика во Прилеп, ќе го натерал служителот од училиштето во еден мангал да клај лути пиперчина, владиката да кија. Владиката протестирал. Џинот велел:

- Ова е за да му помини на грчкиот владика поранешната кашлица!

Во Прилеп грчкиот владика се ваќал за кревки гранки.

Во нашата стара куќа под кирија седеше Диме Велков. Диме Велков беше сапунџија. Жената му се викаше Ката. Немаа деца. Ката беше од Црвенковци. Имаше пет браќа. Еднио од браќата се викаше Илија. Илија беше татко на Милан, Цане и Трајко Црвенкоски. Милан беше посинет кај тетка му Ката. Вероватно во 1910 или 1911 година, еден Турчин во аскерска униформа, со маузер пушка в рака, дошол кај рибарите на бело дење, дошол кај дуќанот од Диме Велков. Турчинот со пушката отепал неколку души рисјани, меѓу кои и Андона Тошески. Ранил и неколку души. Турчинот е наперил пушката и на Димета Велков. Пукнал. Диме Велков и кренал рацете за да се заштити. Го ранил во дланката. Си спомнам и денеска кога брат ми, сестра ми и јас плачевме и викавне на порта:

- Леле тато, Димета го отепаа!

Гледавне кога Димета Велков го носеја под мишка по улица. Зад него идеше сета чаршија. Татко ми Дамче беше аптекар. Со месеци му ја преврзуваше раната. Диме Велков со раката остана алипен.

Сум чул дека околу 1895 година кај Саатот во Прилеп имало една бакалница. Во бакалницата работело едно момче од Белакаповци. Стопанот на бакалницата не бил тука. Еден Турчин дошол, зел зајре, еспал и не сакал да плати. Момчето од Белакаповци се спротивило. Турчинов се налутил и со кама го отепува во бакалницата. Илија Црвенкоски дигнал една голема демонстрација во чаршијата. По демонстрацијата Турците го затвориле Илија Црвенкоски. Го отерале в затвор во Битола. Црвенковци беа трговци со жива стока. Еден ден момчето Мицко бил пречекан од истиот Турчин, од истиот тепач. Тепачов мавнал со камата и на Мицка. Го заклал в планина кога се враќал од кај стоката.

Ѓорче Петров е отепан во 1921 година од Тодор Александров. Во моментот на убиството на Ѓорче Петров хорот од Прилепската гимназија беше на екскурзија во Охрид. Јас не појдов во Охрид. Сната на Ѓорче Петров, тетка Ленка, жена на брат му Спира Петров Тројачанец, дојде кај нас и ни рече:

- Девер ми Ѓорче Петров е отепан на една конференција на ВМРО, на која се решавало да се отпочни пак комитска акција во Југославија и Грција. Ѓорче Петров бил против оваа комитска акција.

Ѓорче Петров на оваа конференција рекол:

- Доста го измачувавне тој народ со комитлаци. Ако можиме да му помогнеме со дипломатија!

Во Прилеп првата чета е образувана во времето кога некој си Турчин по име Ќучук Сулејман почнал со својата тајфа да напаѓа на честа на момите и невестите. Еден ден го ватил попот Цека, го малтретирал, му ја симнал калимијавката, капата. Во капата извршил голема нужда. Повеќе пати селаните од селата Дрен, Смолани и Царевич иделе на давија во белегието во Прилеп. Давијата не помогнала. Најпосле, откако попот Цеко бил малтретиран, управата на црквено училишната општина во Прилеп носи едно решење да се формира една чета која ќе го истреби Ќучук Сулејмана и неговата тајфа. Селаните се жалеле и кај татко му од Ќучук Сулејмана. Тој им велел:

- Шо да му прам? Рслан е!

Општината во Прилеп спремила дванајсет таками, комитски алишта и оружје. Такамите и оружјето и скрила во куќата од Фота Роканоска, чиј син, Ничо Роканоски бил еден од комитите. Ова било веројатно во 1880 година. Преседател на општината бил Аџи Мирче Бомбол. Тој рекол:
- Да не се расправаме со оружје со Турците, ако ни удрат еден топ, партали од нас ќе летаат!

Арно ама, во управата имало луѓе кои не се согласувале со мислењето на Аџи Мирчета Бомбол. Четата била формирана. На чело на четата застанал Спиро Црне. Во четата биле и: Ѓорѓија Лажо, Методија Лажо, Ничо Роканоски и други комити. Еден ден четава го начекала Ќучука Сулејмана во Дренската планина. Пукнале по него. Ќучук Сулејман бил ранет. Жив го ватиле, а после го отепале. По некое време разбрала турската власт каде е изворот, кој ја формирал оваа чета. И ватила општинарите. Аџи Мирчета Бомбол на стари години го затвориле во Битола, а пак попот Аврамија, вујко на Перета Тошев бил испратен на заточение на островот Родос. Попот Аврамија и заколнал четниците на верност пред пиштол, кама и евангелие. Оваа чета имала и ајдучки карактер. Аџи Тоде Кузманоски Аџи Илиев од оваа чета бил пречекан на Дервен. Го ватила четата и го уценила со осумстотини златни турски лири! Овие пари се платени на четата и Аџи Тоде Аџи Илиев бил ослободен.

ЈАС СУМ МАКЕДОНЕЦ, ИДАМ ОД МАКЕДОНИЈА
(Продолжение од минатиот број)

Bo 1893 година во Прилеп почнало да се гради училиштето „Свети Кирил и Методи“. Црковната училишна управа решила во Прилеп да се изгради гимназија. За оваа гимназија Аџи Мирче Бомбол дал петстотини златни турски лири како поклон, Ице Фукара триста златни турски лири, а околу петстотини лири биле собрани од еснафите и побогатите прилепчани. Аџи Мирче Бомбол својот внук од син, Јордан Бомбол го таксал на манастирот „Света Богородица Трескаец“ доброволно да работи. Јордан Бомбол дал обврска во гимназијата да служи бесплатно, место да оди на работа во манастирот. Станал директор на гимназијата. Аџи Мирче Бомбол имал два сина: Ристе, татко на Ордана, и Коста. Ордан Бомбол свршил Правен факултет во Монпелие, во Франција. Таму и докторирал. Бил директор и на едно училиште во Солун и судија во Варна. Училиштето е изградено во 1894 година, а со градењето е почнато во 1893 година. Го ѕидале мајсторите Лауца и Тасламиче. Функција на инжинер вршел како аматер даровитиот чоек Ѓорѓи Аџи Панов Аџи Илиев.

Ордан Бомбол пишувал:

Нема поарна земја од Македонија. Зимата е умерена, а не ко на север, ушите и носот да ти паднат од студ, ниту пак жештини како Африка. Во Македонија летата се подносливи. По нашите планини милиони овци можат да се напасуваат, а во зимно време овците со грош и петпари во Солунско Поле да пасат, со никакво зимоиште.

Митат паша бил еден од најголемите турски државници во XIX век. Тој бил идеолог на Младотурската револуција и организатор на тајната организација „Соединение и прогрес“. Бил везир во 1872 година. Во 1872 година истакнал една ваква мисла:

- Македонците не се иста национална единица со Бугарите!

Едно време бил паша во Дунавскиот вилает со седиште во Русе.

Во турско време бил адет на Велигден на Чаир прилепчани да играат оро на тапан и зурли. Во Прилеп познати играорци биле Пипиџановци. Пипиџановци биле дребни луѓе по раст, ама големи мајстори на орото. На еден Велигден на оро, на тапан се ватиле на оро Обалија и еден од Пипиџановци. Предварително се договориле, се опкладиле кој ќе надигра, Обалија или Пипиџан. Обалија бил голем маж, облечен во џамадан. Пипиџан изведувал сојтарилоци и мајсторилаци во орото. Најпосле се скинал тапанот и Обалија рекол:

- Арно оти се скина тапанот, Пипиџан мамето ми го расплака!

Според една легенда Турците Марку Куле го освоиле во 1392 година. Гарнизонот што го бранел Марку Куле не сакал да се предал на Турците, не сакал да ја предал тврдината на Турците. Затоа турските аскери, водени од Тимур паша, го опколиле калето, не можеле да го освојат. Се јавиле четириесет доброволци турски аскери да влезат во калето од кај северната порта. Арно ама, сите аскери изгинале. Местото кај што се закопани овие аскери се вика Крклари, што значи четириесет јунаци. Од долготрајната опсада се појавила глад во калето. Бранителите пред да го напуштат калето клале тапани коишто бувтале на ветар. Турските аскери си мислеле оти бранителите на калето се спремаат на јуриш. Една баба им рекла:

- Море уто, море будали, тие си заминаа спрема Заград по планината!

Турските аскери влегле во селото Варош и Калето. Тимур паша и прашал аскерите:

- А бре, што видовте во Варош?

- Ефенди паша, видовне многу шркви, а на ѕидојте од црквите има насликано луѓе на коњи качено, со копја, со манцири, кошули и со јатагани!

- А, рече, то не го гибајте, оти само Турчин можи на ат да јава, а друго рушете!

Панаѓурите во Прилеп почнале редовно да се одржуваат од 1852 година. Одржувањето на панаѓурите имало постара традиција. Сѐ до 1875 година се одржувале панаѓури во големи димензии. Браќата Ицко и Аџи Мирче Бомбол биле сираци. Многу енергични и пргави за работа. Обајцата биле момци кај Аџи Илија и негојте синој. Аџи Илија дошол во Прилеп во почетокот на XIX век во селото Големо Радобил, Прилепско. Аџи Илија имал шест сина и две ќерки. Својата ќерка Марија ја дал за жена на својот калфа, Аџи Мирче Бомбол. Браќата Бомболовци се збогатиле. Ицко Бомбол пред сто и двајсет години заминал по трговија во Беч, Австрија. По трговија оделе и синојте на Аџи Илија. Редовно оделе по трговија. Во почетокот на месец мај 1852 година Ицко Бомбол заминал по трговија за Беч. До Смедерево патувал со коњи. Од Смедерево се качил на ѓемија по Дунав. По еден месец патување, стасал во Беч. Ко слегол на пристаништето, го видел некој Австријанец. Ицко Бомбол бил облечен во ќурк и со фес на глата. Австријанецот помислил дека е од Турција. Арно ама, Австријанецот знаел турски јазик. Се доближил до Ицка Бомбол. Го прашал:

- А бре чоече, од кај си? Што си? Што си дошол во Беч? Этот

- Ти реков, ми рече. Ицко Бомбол му одговорил:

- Јас сум Македонец. Идам од Македонија по трговија!

Австријанецот му излегол во пресрет, му праел друштво, му кажувал од кај да купи, од која фирма. Купувањето и товарењето на стоката траело еден месец. Цел јуни. Со помош на Австријанецот, стоката ја товарил на ѓемија и по Дунав се вратил. Австријанецот се викал Алфред. Алфред заедно со Ицка Бомбол кинисал за Македонија. Алфред рекол:

- Кинисувам со тебе за да ти се најдам по пат! Ти си јабанџија чоек!

Патувале еден месец. Дошле во Смедерево со ѓемија. Од Смедерево со коњи каравани и на крајот на јули се вратил Ицко Бомбол во Прилеп. Ко стасале во Прилеп, Аџи Мирче Бомбол му рекол на брата си Ицка:

- А бре брате, кој ти е овој голтарак?!

- Брате Мирче, ми се најде за некоја круна. Овај е јабанџија. Многу ми помогна.

Алфред неколку дена шетал низ Прилеп. Заминал за Солун кај австрискиот конзул. Оттука со параход заминал за Трст и од Трст за Беч. Овај јабанџија бил во служба на обавештајното одделение во Министерството за надворешни работи во Беч.

Бомболовци стоката ја средувале од први до петнајсти август, а од петнајсти до триесет и први август траел панаѓурот. Некои големи трговци од Битола имале во Прилеп магацини. Панаѓурот траел само петнајсет дена, до крајот на август. За време на панаѓурот во Прилеп се збирале десетина илјади трговци. Се праело алашфереш за триста илјади златни турски лири. Веднаш по панаѓурот сите еснафи почнувале да работат за идниот панаѓур. Цела година градот вриел од работа. Жени, невести, моми преку цела година ткаеле јамболи, килими и други рачни производи. На панаѓурот и Турци сиромаси изнесувале кадаиф и баклава за да земат некоја пара. Панаѓурите го издигнале во економско, просветно, а подоцна и во револуционерен дух градот Прилеп. Но, во 1873 година веднаш по панаѓурот, кога трговците и еснафите се снабделе со сѐ што им е потребно со спечалените пари, ги наполниле дуќаните со стоки. Една вечер страшен јанган, пожар, можеби и подметнат, ја уништил сета чаршија. Тогаш изгорел и Дрвениот саат, кој поново го изградил мајсторот Лауца. Од тој пожар многу дуќани и дуќанџи наполно пропаднале. Последниот панаѓур се одржал во 1875 година. Тогаш една тајфа турски разбојници, за време на панаѓурот, го раниле Ицка Бомболо, а некои биле и отепани. Настанало едно страшно бегање, дуќаните останале отворени. После овај настан не се одржувале повеќе панаѓури во Прилеп. Кајмакамот во Прилеп дал еден проглас до населението за да се врати по дуќаните. Разбојникот се викал Кучук Кадри. Причини за неодржување на панаѓури се овие:

- Босанско – Херцеговачкото востание од 1875 година;

- Срско – Турската војна од 1876 година и

- Руско – Турската војна за ослободување на Бугарија од 1977-78 година.

Патиштата не биле сигурни и затоа во Прилеп не се одржувале панаѓурите. Во тоа време се изградила и железницата, Барун Хиршова железница Скопје, Градско, Солун. Прилеп престанал да биде центар за Средна Македонија и Јужна Албанија. Бугарија се одделила, а Босна и Херцеговина и Новопазарскиот Санџак по Берлинскиот договор од 1878 година паднале под окупација на Австроунгарија.

Во 1896 година во Прилеп дошол еден грчки владика од Битола за да го попопува Кузмана и еден друг поп. Требало да појдат во манастирот во село Слепче, Прилепско. Таму ќе се попопувале. Грчкиот владика се качил во пајтонот од Пецакот. Се качиле и овие што ќе се попопувале. Прилепчани знаеле за ова попопување. Пецакот намерно заминал низ чаршијата. Пред пајтонот прво се испрчил Спиро Спасески, кондураџија. Викнал против грчкиот владика. Пајтонот поминал пред касапите. Касапите со црева и чкембиња фрлале по владиката. Еден од коњите избодиле со ножеј, ремењето ги искинале, на парчиња ги исекле. Пајтонот не можел да оди, коњите не тргале. Грчкиот владика слегол од пајтонот и пешки ошол во поштата. Поштата беше во куќата од поп Налет, кај Оревоечка Река. Прилепчани се собрале околу реката. Владиката сакал да прати абер до пашата во Битола. Некој прилепчанец донесол газија. Прилепчани сакале да ја запалат поштата. До поштата беше аптеката од Џорџу. На прилепчани им рекол:

- Ако е запалите поштава, ќе изгори и аптекава, тогај кој ќе ве лекува?

Прилепчани се разбрале. Стасала една турска коњаница. Со мавање и растерала демонстрантите.

Во турско време во Прилеп се јавила една бура на негодување во Варошко Маало. Поп Спасе, којшто бил поп во Варошко Маало, со првенците од маалото Коне, Шапче и Диме Зероски, побарале од управата на црквата „Свето Благовештение“ да се отвори црква и во Варошко Маало. Како мотивација за отворање на црквата навеле дека жените од маалото, во кое имало стојпечеесет куќи рисјански, ко да оделе во празнични деној во црквата „Свето Благовештение“ минеле низ чаршија, Турците и гибале. Управата на црквата „Свето Благовештение“ одговорила дека не можи да се изгради црква во Варошко маало, бидејќи касата ќе се дели и црквата „Свето Благовештение“ финансиски ќе ослаби. Во Варошко маало се дигнало голема врева. Диме Зероски, својот син Стефан, кој што бил свршен за една мома од Џувалекоски, донесол католички поп од Битола, готов бил за унијата да стани. Варошкомаалци сакале унијати да станат. За овие кавги разбрал српскиот конзул во Битола, Боди, по потекло Влав. Дошол веднаш во Прилеп, во Варошко Маало. На првенците им рекол:

- Српското правителство ќе отвори и црква и училиште, а на тие што ќе се посрбат ќе им дава и пари.

Четворица прилепчани, материјално финансиски пропаднати, се ватиле за оваа јадица. Нивните глај се местеле според капата на друзи. Спиро Џамбал, анџија се запишал во тој тефтер. Тодор Поп Антов, којшто бил јазаџија – собирач на даноци на едно или повеќе маала. Турската власт му го дала данокот под закуп. На пример, дај ни две илјади гроша, ако можиш собери три илјади. Арно ама, малците откажале од Тодора. Тој станал недоволен, немал од каде да живее. Се пишал и тој во тој тефтер. Третиот бил Диме Јаглика, а четвртиот Диме Пеливано, татко на поп Дамета Пеливановиќ.

Брат му на Спира Џамбаз, бил зет за ќерка на богаташот, Грко, му вели на брата си Спира:

- Брате, јас ќе ти дам пари, не оди по тој пат!

Арно ама, Спиро му рекол:

- Брате, кај што плукам, не лижам!

Една квечерина во 1898 година го сретнале Тодор Поп Антов кај мостот Кемерлија во Прилеп, Стојан Лазов и некој си од Мрсевци. Го нападнале со секири. Тодор бил висок и снажен, се одбранил. Едниот од нив пукнал со нагантот и го отепува. Од соседните куќи истрчале Турци. Трчале по тој што пукал. Стојан Лазов го стасале. Тој бегал по Дабничка Река. Турците по него фрлале со камења. Се скрил кај некој таксим. Со камењата му ја смачкале глата. Мрсета го ватиле и осудиле на заточение. Народнио пејач ја испеал оваа песна:

,,Гавазот, Чемков и Стојан Лазов,
со духот живеат горе на небото…“

Чемков бил од Штип. Во Прилеп дошол во 1895 година. Заедно со Гавазов се самоубиле во куќата на Белазелковци. Турските аскери и заптии ја запалиле куќата. Врлиле и лути пиперчина за да кијаат. Нивните трупој амали и носеле. Трупојте и клале на мостот кај Аџи Спирковци. И дупеле со ножеј јагленисаните трупој. Заптиите и аскерите викале:

- Сиким анани!

Од нервна траума Темана Белазелкоска онемела, јазикот и се ватил и три години не можела да зборува.

Еден ден терористите на ВМРО го сретнале Спира Џамбаз и дење со пиштоли го отепале на улица. Спиро Џамбаз седеше во куќата од Ламбро Тозиевиќ. Ламбро Тозиевиќ му беше на Спира зет за ќерка. Синот на Спира Џамбаз, Иван Џамбаз бил член на ВМРО во Прилеп. Недоволен од убиството на татко му, продолжува по патот од татко му. По извесно време и него го отепале на улица терористите на ВМРО. Тале Јаглика замина на тој век од терористите. Минде Велиспедџијата му беше зет за ќерка на Талета Јаглика. Минде бил терорист на ВМРО во Прилеп. Минде велел:

- Ние го суредивне Талета Јаглика.

Еден ден поп Спасе Мицев Игуманов одел в црква во „Свето Благовештение“. Карши Аџи Митревци, Аџи Ристевци од портата на баба Санда Шишкоска излегол Алекса Талев Палислама и некои други терористи. Куќата од баба Санда се најдува меѓу Аџи Поповци и Напевци. Алекса Талев Палислама пукнал на попот Спасета со пиштол. Осум куршуми му наредил. Попот бил многу јак. Бил тешко ранет. Дома лежел девет месеци. Сам се лекувал, немал поверење во докторите, се плашел да не го испратат горе. Три дни после атентатот испратил триста наполеони по еден чоек во комитетот на ВМРО. Комитето рекол:

- Не сакаме шпионски пари!

Поп Спасе одел во Цариград кај Стојан Новаковиќ. Овај поп бил носител на српското влијание во Прилеп. Попот и Кон Шапче благовремено се повлекле, но создале една јатка.

Кога Алекса Талев Палислама пукнал на попот мислам дека со него бил некој од Брдаровци.

Даме Груев во 1904 година во една борба со турските аскери кај селото Слатина, Македонски Брод, бил ранет. Останал на лекување со еден комита. По некое време стасал војводата Мицко, побратим на Дамета Груев. Се запознале во затворот во Битола. Мицко го забрал Дамета Груев. Се разбрало оти Даме Груев е ранет и заробен од војводата Мицка. Во тој момент Пере Тошев не бил во најдобри односи со Дамета Груев. Пере Тошев се забира в планина со пушката манлихерка в рака да го бара Дамета. Во планината го нашол војводата Глигур Ламе, за кого уште не се знаело, не биле сигурни дека се ориентирал кон српската партија. Пере Тошев му кажал на Глигура Ламета зошто е дојден. Тие го влечкале Перета Тошев кон Поречието. Една ноќ Пере Тошев се претворил оти спија и чул кога четниците од Глигура Ламета си зборувале оти сакаат да го отепаат, пиштолот и пушката да си ги поделат. Пере Тошев им рекол:

- Оваа моја гла е загарантована со главите на членовите од вашите семејства!

Перета Тошев го пуштиле. По оваа работа ВМРО му дала еден ултиматум на српските конзули во Македонија: или Даме Груев ќе биде пуштен на слобода или сите српски даскали во Македонија во една ноќ ќе ги истепаме.

После тоа Дамета Груев тајно го испратиле во Скопје и го предале на српскиот конзул. Дамета Груев го ослободиле.

Пере Тошев се видел со Глигура Ламета в планина. Глигур Ламе се праел оти не го гледа, бил оптегнат на една ледина. Пере Тошев му рекол:

- Стане бре Глигуре, гледаш оти началството иди!

- О брате Пере, шо прајш?!

Војводата Глигур Ламе заедно со Дамета Попос ки го отепаа полјакот Асана во село Долнени, Прилепско и така Глигур Ламе стана комита.
На некој комита од четата на Ѓорче Петров му загинал еден саат со ќостек, комитата се пожалил. Ѓорче Петров станал и одржал еден говор. Рекол: Ние комитиве излезени сме да го браниме овај народ од арамии, а не да се крадиме меѓу себе! Глигур Ламе станал и рекол:

- Тој што го украл да се обеси!

Ѓорче Петров одговорил:

- Момче, претреси го Глигура Ламета!

Момчето, комита го претресол и саатот го нашол кај Глигура Ламета.

Пере Тошев е роден во 1865 година во Прилеп. Бил ученик во Солунската гимназија. Еден ден кај него биле пронајдени револуционерни книги. Перета Тошев го истерале од гимназијата. Отишол во Пловдив, таму продолжил со школувањето. Во самата завера за соединување на Источна Румелија со бугарското кнежество и Пере Тошев учествувал. По обединувањето на Бугарија, српскиот крал Милан Обреновиќ со мотивација дека рамнотежата на Балканот е пореметена на Бугарија и објавува војна. Во оваа војна како доброволци учествовале Пере Тошев, Ѓорче Петров, Андреј Лапчев. Андреј Лапчев бил од Ресен. Пере Тошев во еден голем судски процес во Солун е осуден на сто и една година затвор. Во моментот на читањето на пресудата, Пере Тошев му рекол на обвинителот:

- Ефенди ебвинителе, овај век е скала, едни се качуваат горе, а други одозгора од скалата слегуваат долу!

Во овај процес биле осудени десетици луѓе. Во моментот кога и носат на заточение со пранги на нозе во Подрум Кале, во Мала Азија, кога и терале низ Солун, Пере Тошев прв почнал да ја пее песната од Христо Ботев: Жив е тој, жив! Сите заточеници ја прихватиле оваа револуционерна песна. Турските заптии и аскери мавале со кундаците на заточениците, а нивните мајки, жени и сестри со плачење ги испраќале.

Во 1912 година пред да отпочни Балканската војна, Пере Тошев бил во Софија. Сите револуционери разбрале за договорот меѓу Србија, Црна Гора, Грција и Бугарија против Турција оти Македонија по војната ќе биди поделена помеѓу Србија, Бугарија и Грција. Пере Тошев бил очаен за тој договор оти ќе се дели Македонија на три дела. Живеел во мизерија. Тешко болен од стомакот, решил да се врати во Прилеп. Извадил пасош и на железничката станица во Софија неговите другари и тој забележале дека на пасошот еден лист во ќошот бил нагорен со цигара. Другарите го пишманеле да не си оди дури не се разбери што значи тој знак, но тој чврсто решен заминува за Македонија. Кај Ристовец ја преминал границата и веднаш бил следен од невидимо полицејско око. Ко стасал во Градско, неговиот комисионер, Кондов, негов роднина, му рекол:

- Пере, остани ноќеска овде да спијаш, а утре сабајле ој си!

Пере Тошев не се согласил со тој предлог на Кондов и кинисал со еден кираџија за нивниот чифлиг во Житољуб, Фариш. Кондов се научил од селани дека чуле пукотници од пушки. После пет дена пратиле телеграма во Прилеп дали Пере стасал во Прилеп. Неговите внуци: Коце Тошев, Фана Тошева и Спиро Тошев тргнале за Дреновска клисура. Го нашле телото од Перета Тошев закопано плитко заедно со телото од кираџијата во ендекот покрај патот. Го закопале скромно во Житољуб, оти Турците не дозволувале да се донеси трупот од Перета Тошев во Прилеп. Така завршил големиот револуционер, кој за Македонија го даде својот живот.

Во времето од 1893 – 1895 година претседател на владата во Бугарија бил Стефан Стамболов, другар на Христо Ботев. Војводата Мирче Ацев од село Оревоец, Прилепско бил пајтонџија на Стамболов. Еден ден Мирче Ацев се договорил со една група атентатори, со пајтонот застанал на определеното место и четворица атентатори со сатори в раце го отепале Стамболов во пајтонот, бидејќи Стамболов со еден декрет наредил да се распушти ВМРО. Стамболов бил приврзеник на соединување на Бугарија со Турција по пат на персонална унија, односно султанот да биди султан на турската империја и цар на Бугарија. Ова се косело со интересите на Царска Русија. На оваа персонална унија со симпатии гледале европските сили, сметајќи дека една голема Турција ќе можи да дај отпор на рускиот талас кон топлото Средоземно Море. Под редакција на Царска Русија е создадена песната Од врх Пирин Планина очаен глас се чуе, Македонија плаче…

Првата турска населба била во селото Варош, Прилепско. Во Варош вода немало за абдес и затоа Турците не се задржале во Варош. Се населиле покрај Оревоечката река, полна со бистра и планинска вода. По некое време се населиле кај Зибието, кај Скршената џамија во Прилеп. Населбата била војничка. Оттука се префрлиле во денешните села Мало и Големо Коњари, Прилепско. Во Мала Азија имало едно место кое се викало Коњар, а турскиве аскери биле од Коњаре, Мала Азија и така дошло до името Мало и Големо Коњари. Покасно Турците од Анадолија се населиле во селата Канатларци, Мусинци и Ерековци, Прилепско.

Стојан СИЛЈАНОСКИ

(Објавено во: „Стремеж“, броеви 1 и 2, 1976 година)

Нема Коментари

Коментирај