Анте Марковиќ на митинг во Прилеп.

Избори ’90

Први повеќепартиски избори

Првите повеќепартиски избори во Македонија се одржаа на 11 ноември 1990 година.

Политичките партии, што имаа регистрирано свој огранок, секција или централа на прилепското подрачје, учествуваа во овие први повеќепартиски и плуралистички избори. Сите тие, без исклучок, предложија свои кандидати за пратеници во републичкиот парламент и одборници за составот на новото општинско собрание. На листите, пред прилепските гласачи, биле промовирани 83 кандидати за пратеници, од кои, дури 8 мина како независни кандидати, со што Прилеп бил прв во Македонија, и 345 кандидати за општински одборници.

Од општина Прилеп биле избрани 7 пратеници, за што биле формирани 7 изборни комисии, и тоа за изборните единици од 52 до 58. Од политичките партии на прилепската сцена доминирале: Социјалистички сојуз – СП, Сојузот на реформските сили и СКМ_ПДП со по 60 кандидати, Социјалдемократската партија (53), ВМРО-ДПМНЕ (50), МААК (20), Лига за демократија (17), Странката на Југословените (12), Демохристијанска партија (8) и ПДП (3).

Осумте независни кандидати биле: Благоја Силјаноски, Живко Магдески, Пандо Бачанов, Илија Глигороски, Венче Ѓорѓиоски, Назмија Сулејманоски, Стеван Боцески и Ладе Наумоски.

Од 108 илјади жители во Општина Прилеп, во избирачките списоци биле запишани 68 илјади гласачи. На изборите на 11 ноември 1990 година, своето право на глас го искористиле 73% од запишаните гласачи. Од вкупно 83 кандидати за седумте пратенички места во Парламентот на Македонија, право за учество во вториот круг избориле 27 кандидати.

Вториот круг од изборите се одржа на 25 ноември 1990 година. Во вториот круг излегле околу 77% од запишаните гласачи. По завршувањето на гласањето во вториот круг, биле познати и имињата на пратениците од општина Прилеп:

1. Благоја Чкатроски (ВМРО-ДПМНЕ) = 4132 гласа;
2. Никола Апостолоски (ВМРО-ДПМНЕ) = 3883 гласа;
3. Петре Трајкоски (ВМРО-ДПМНЕ) = 2704 гласа;
4. Цветан Јовчески (ВМРО-ДПМНЕ) = 2517 гласа;
5. Борис Ѓорчески (ВМРО-ДПМНЕ) = 2350 гласа;
6. Симон Наумоски (СРС) = 1797 гласа;
7. Алил Џафероски (СКМ-ПДП) = 3040 гласа.

Нема Коментари

Коментирај