Иван Драганов Куцаров...

Иван Куцаров

Иван Драганов Куцаров бил потпоручник и шеф на разузнавачкото одделение на 15-от артилериски дивизиски полк на бугарската фашистичка војска во Прилеп.
На 19 септември 1942 година под негова директна команда е извршено злосторството кај Дабнички Завој врз 17 прилепчани и дабничани.

Иако прогласен како воен злосторник во Втората светска војна, не бил предаден да му се суди на народниот суд во Прилеп.
За неговите ѕверства во Бугарија е осуден само на 15 години затвор.

ДАБНИЧКИОТ КОЛЕЖ…

Сведоштвото на Петко Велкоски, роден во 1914 година во село Прилепец, кој заедно со Тоде Ристески – Келешот од село Дабница се единствените преживеани во колежот кај Дабница, ноќта на 19 септември 1942 година:

„Во петокот вечерта, влегоа во стражарницата Куцаров (Иван Драганов Куцаров, шеф на Разузнавателното одделение на 13-от артилериски полк во Прилеп) и неколку агенти и војници.
Ни наредија да легнеме помешечки и ни ги покрија главите со шинели.
Не беше тешко да разбереме: во затворот од мавање беше умрел Сотир Дамески од Дабница. На носила го изнесуваа неговото тело. По некое време пак ни рекоа да легнеме и пак ни ги покрија главите со шинели.
Го изнесуваа Рампо Левката – беше пред умирање. Го однесоа некаде во касарната…
Таму и го убиле – и ден-денес не се знае каде е закопан. Во саботата претпладнето одделија една група од 13 дабничани и 6 прилепчани и не пренесоа во затворот, а сите што беа во затворот пред тоа ги однесоа во стражарницата и коњушарницата.
На сите ни беше јасно дека ќе бидеме ликвидирани. Веќе се беше стемнило кога не изведоа низ една мала врата на касарната.
Ноќта беше топла и блага, ама без месечина, речиси, темна. Ја поминавме Дабничката Река, во чие корито, во тоа време, од годината никогаш немаше вода, и излеговме на патот од Прилеп за Дабница.
Одевме бавно, зашто ги придружувавме претепаните другари – тие одвај можеа да одат. Се влечкаа потпрени на нас.
Не придружуваа триесет војници: пет напред, пет назад и по десет од нашата лева и десна страна. Ги водеше, се знае – Куцаров.
Кога излеговме на патот, овој крвник ни рече:


– Знаеме дека има шумкари. Ако не нападнат, сите ќе ја слушате мојата команда!


Тргнавме по патот. Кога изминавме околу два километра од касарната, кај местото Завој, пукна една, па уште една, па уште една пушка.
Куцаров нареди да легнеме. Првин легнаа, речиси паднаа, другарите што беа претепани кои не повлекоа и нас. Лежевме на сред пат. Куцаров издаде наредба до обезбедувањето да не остават и да тргнат неколку чекори напред.

Сите тргнаа и не оставија сами и легнати по што издаде нова наредба:

– Нишани!

Па веднаш потоа:

– Пукај!

Беа триесет души и секој имаше пушка. Во текот на една или две минути на нас беа испукани сто и педесет куршуми.
Грмеше наоколу како да се отвори небото. Некои другари беа смртно погодени и веднаш умреа. Некои беа полесно и потешко повредени.
Јас бев сосема лесно ранет: само еден куршум ми ја издраска кожата на вратот.

Јас, лесно ранет, при полна свест, слушав се што можеше да се чуе, гледав се што можеше да се види во темнината. Двајцата другари врзани пред мене беа тешко ранети. Орде Кабацо, со кого бевме врзани за рацете, умираше веднаш до мене, тешко дишејќи и испуштајќи некој пискав глас. Крвта што околу мене клокотеше како мало поточе, беше негова крв.
Слушнав дека некој од оние што пукаа падна во несвест. Го фати крвта, како што велат старите. Тресна на земјата како вреќа.
Куцаров побара вода од војниците. Побара матарка. Му одговорија дека никој нема. Поручникот почна да ги пцуе:

– Какви мажи сте кога не можете да издржите ликвидирање на бандити, кои работат против бугарското царство и против царот!
Реков веќе дека имаше другари што даваа знаци на живот. Куцаров оддели една тројка, им нареди да ги стават бајонетите на пушките и да ги доубијат преживеаните.
Почна бодењето…

Првин го избодеа Добрета Јовановски, кој беше пред мене. Додека го бодеа, преку неговото тело, во вратот ме закачи еден удар на бајонет. Ножот ми влезе можеби и цел сантиметар во вратните мускули. Се згрчив и молчев. Знаев: не смеам да давам знак на живот. Почувствував крв. До Добре беше врзан Сотир Џигиџик.
Почнаа и него да го бодат. И пак се случи истото: го бодеа, пак преку неговото тело, и пак во вратот, ме закачи еден бајонет. Ми влезе длабоко во вратот. Почувствував како крвта наеднаш плисна и како почна да ми слегува по телото, да ме влажи со својата леплива топлина.
Го избодеа и Сотир. Ја пресекоа ортомата меѓу нив двајца и ги повлекоа неколку метри напред, влечејќи ги за рацете и за нозете. Се вратија назад. Сега јас бев на ред. Кабацо во меѓувреме умре. Кога дојдоа до мене престанав да дишам. Претпоставувам дека ја видоа крвта што ми течеше од вратот и секако помислија: Готов е! Ја пресекоа ортомата меѓу мене и Кабацо, двајца ме фатија за рацете и почнаа да ме влечат. Главата ми удираше во тврдата правлива земја на патот, но молчев.
Ме фрлија над Добре и Џигиџик. Бодењето продолжуваше. Одвреме-навреме ќе довлечкаа нечие мртво тело и ќе го фрлеа на купот, што се повеќе растеше. Тоа значи ќе го фрлеа преку мене. Така сите осумнаесет души.
Крв течеше од мене, ама и од раните на телата на моите другари. Почна да ме притиска тежината на мртвите тела што почнаа да студенеат веќе, немав воздух, почнав и здивот да го губам. Толку бев натопен со крв што ми се стори како да сум во казан со врела вода. Тогаш запамтив засекогаш: крвта никако не мириса. Леплива е и тешка, но не мириса.

Кога бодењето заврши, еден од војниците му рапортира на џелатот Куцаров дека ликвидирањето е готово. Јас не гледав ништо, ама се слушав. А и како не ќе слушам кога сето тоа се случуваше на неколку чекори од мене. Свеста ми беше чиста како солза. Куцаров на петмина војници им нареди да останат на стража, крај купот од дваесетина човечки тела, а тој со другите војници тргна назад во касарната – да донесе нова група за стрелање. Знаев дека не смеам да останам вака: можеби ќе дојдат и ќе ме закопаат жив!
Почнав да правам план за бегство.
Онаа притаена далечна надеж дека ќе се спасам почна се повеќе да се разгорува во мене. Користејќи ја темнината, со движење на телото, рацете и нозете, почнав да се измолкнувам од купот. Внимателно се ослободив од телата на другарите.
Се ослободив – можев да ја кренам главата! Пред мене беа војниците, зад мене касарната, лево од мене ридот, а десно сувото корито на Дабничка Река.
Почнав да се влечам кон коритото. Знаев дека не смеам да станам, само се влечкав.
Дојдов до работ од патот – долу, на четири-пет метри длабочина беше коритото на реката. Наоколу имаше суво трње. Се фатив за него, тоа под мојата тежина попушти и јас со шум паднав долу.
Се открив…
Месечината почна да се најавува со некоја слаба светлина. Војниците почнаа да пукаат по мене, а јас трчав по сувото корито на Дабничка Река и имав само една цел: да влезам во една од браздите што пролетните порои ги избраздиле и бев сигурен дека тогаш ќе се спасам.
Тие пукаа по мене, а јас ќе потрчав па ќе легнев, божем сум погоден. Така три-четири пати. На неколку чекори од мене се наоѓаше една голема бразда што водеше на другата страна на брегот. Тоа беа последните неколку чекори што требаше да ги направам.
Почнав да ползам – не сакав ништо да ризикувам. Кога влегов во браздата знаев дека сум спасен. Излегов на другата страна на брегот во еден тутун. Трчав, и трчав, и трчав, а устата се повеќе ми се собираше од сувотија. Дојдов до местото Кукул и оттаму, преку Баба Планина, дојдов во Прилеп.
Се прибрав во куќата на Павле Павлески и побарав врска со Комитетот. Дојде Борка Ордановски и нему му раскажав се.
На патот меѓу Прилеп и Дабница останаа убиени: Добре Јовановски, Сотка Сотироски, Орде Паноски, Андон Слабејкоски, Киро Ќососки, Адем Адемоски, Димко Мрчески, син му Аце Мрчески, Андон Нунески, Ордан Кузманоски, Алекса Шаламаноски, Андон Нунески, Атанас Нунески, Орде Велкоски, Душан Бешироски, Алекса Бешироски и Тоде Кремчески. Седумнаесетмина подло убиени.
Велам: седумнаесетмина, зашто Тоде Ристески – Келешот се спасил. Вели дека кога припукале, некој куршум му ја скинал ортомата и тој во таа општа пукотница успеал да избега преку ритчето. Можеби е така, не знам…“

Куцаров планирал жртвите од Дабничкиот масакар да ги закопа во песокот покрај Дабничка река но во последен момент се премислил поради можноста телата лесно да бидат откриени и откопани од диви животни…
Изутрината Куцаров заминал со мотор да бара нова локација каде што ќе бидат закопани жртвите… Локацијата ја нашол во близина на воените магацини кај Црвени Брегови а за да нема сведоци помеѓу стражарите, истите биле заменети со негови доверливи луѓе. Телата на убиените откако цел ден лежеле на патот, вечерта биле натоварени во камион и закопани во близина на оградата од магацините.

1 коментар

  • louis vuitton luggage January 2, 2013

    I went over this site and I think you have a lot of great information, saved to bookmarks (:.

    Respond

Коментирај