Интервју со Благоја Спиркоски – Џумерко во „Екран“
10 јули 1987 година
СИЛУВАВ ЕДНА МАЛОЛЕТНА БРАВА
Наместо разговор, донесуваме неколку исечоци од „монологот“ на Благоја Спиркоски – Џумерко, артист во Народниот театар во Прилеп кој беше во стилот: „Му велам на син ми дека со стрико и вујко не се станува глумец, дека треба да му пеј петлето.
Прилепчанец ако не ти направи некој марифет, никој друг договоривме, излезе човекот,не пречека пред зграда, и веднаш вели: „Јас живеам на петтиот кат, немаме лифт, ќе одиме пешки по жештинава“, и уште додава: Ќерка ми кога ќе сака да се повози во лифт ја носам во „Липа“.
Се качивме до третиот кат, а тој, божем се збунил вели: „Абе не сум горе, долу живеам на првиот кат“!
Добро, ќе ти го паметиме ова, ќе дојдеш и ти на наш терен!
Така ги пречекува гостите Благоја Спиркоски Џумерко, артист во Народниот театар – Прилеп.
Неговата сопруга Кица вели:
О, таков е тој, на сите истото им го прави. Еднаш во Прилеп беше дојден еден негов колега, артист од Скопје и рекол човекот да купат бакса пиво и да дојдат кај нас, да се видиме. Купиле, а овој и нему му рекол дека сме најгоре.
Дури на петтиот кат му кажал дека станот ни е на првиот кат, а колегата му рекол: „Повели, носи си ја баксава до долу, јас си одам „пеш“!
Десната рака на Џумерко му е во гипс. Паднал од столче на претстава и додека тој офкал од болки, публиката слатко се смеела, зашто мислела дека така треба да биде. Сега ги очекува парите од Заводот за осигурување (зашто се повредил на работно место) и вели, со тие пари ќе го носи семејството на летување. Љубезно не нуди по еден пијалак.
Вели:
Ти бе момак, сакаш една ракија. Да ти кажам јас сум дивјак бе море машко! Кафе не пијам и ретко дома имаме таква работа, а ракиче, винце врткам, се наоѓа. Затоа сега кажи шо ќе се напиеш?
Сега за муабетов да се договориме. За мене што да ти кажам“, вели: „Си одам на риба, долу на Црна. Имам комплет опрема, две рала чизми, се. За викенди си одам со жената и со чупето со шатор.
Има таму едно местенце, ќефој бркаме. Чупето ми е четиригодишно. Марија се вика, не оди в градинка, со мајка ми си седи. Има таму дворче, слобода. Во станов сум од пред седум години кога еден ден силував една „малолетна“ брава. Морав да седам негде, четворица сме!
Дента кога ги посетивме, Спирковци се подготвуваа за прославата на матурата на синот Јовче.
Кица веќе ги имаше направено солените кифлички, слатките, а мезињата беа купени.
Џумерко веднаш и удри „реклама“.
Вели:
„Домаќинкава напрај едни тутки за утревечер“. Јовче матурската вечер ќе ја прослави заедно со другарите во хотелот „Липа“, потоа, ќе полага приемен испит на факултет, па ќе замине во ЈНА.
Наголемо се подготвува за приемниот, ќе се обиде да се запише на факултетот за драмски уметности.
Значи: уште еден глумец во семејството. Родителите не се многу задоволни од изборот ама, велат, таму не му се мешаат. Неговата работа е тоа и сам треба да си одбере.
Тешко ми е само со Џуме, а камо ли со двајца глумци дома, вели мајка му. Се обидов да го одвратам, ама вели дека само таму сака.
Покрај тоа, нема ниту еден друг факултет, за кој може да рече дека му е резерва, па ако не успее на едниов, да оди на другиот.
Јас сум занесенко, вели Џумерко, а син ми е некако полабав. Потоа, јас сум комичар, а тој мислам дека подобро ќе се снајде ако биде трагичар. Ама, без разлика на се, ако не му пеј петлето, глумец не се станува со вујко и стрико. Јас ништо не можам да му помогнам ако не го бидува. Само ќе му направам мечешка услуга.
Сепак, во изборот не му се мешам, ама некако во последно време се почесто дискутираме на висок тон.
Му велам, гледај ме, партал се сторив, а тој си тера по свое. Јовче е сигурен во својот
избор, не отстапува и се надева на успех. и додека сите тие се со некоја грижа, Марија (која никако не е Маца или Маре, кратенка што е карактеристична во Прилеп) засега е најбезгрижна. Таа е миленичка целото семејство. Џумерко може со часови да зборува за „Чупето мое“, така си ја вика знае да и раскажува најоткачени приказни од типот: Си играле еден слон, маслинка и офул, ја носи на снимање, и ги открива тајните на театарот.
Еднаш, додека на Маркови Кули снимаа некои кадри за серијата „Македонски приказни“, Крале Марко (Џумерко) требаше да се тепа со Црна Арапина, а Марија од страна навивачки
му дофрли: „Тато, уби го Црна Арапина“.
Еднаш го отепаа татко ми, ама тој пак си стана, вели Марија. Сега не плачам кога ќе го отепа некој, а порано се плашев.
Аман бе луѓе, „му ги вратиле бодовите на овие“, вели Џумерко.
Еве, сега ми јавија по телефон. Не се интересирам за фудбал, ама ова не го бидува. Едно време и јас играв. Прво бев во „Победа“, потоа ме пратија во „Тетекс“, нешто како на усовршување. Убај пари земав за тоа време, ама се откажав. Дојдов в театар и тука останав. Сега со фудбалот скаран сум, не ме интересира.
Во Прилеп пеколен ден. Заминуваме а Џумерко се понудува да не испрати. Му се заблагодаруваме со забелешка дека знаеме оти излезот не е преку терасата.
Џуме, не е двапати Велигден нели?
В. Лазаревска
фото: г. Арнаудовски
Коментирај