Ноември 1937: Осветувањето на темелите за Институтот за тутун

Научен институт за тутун

Институтот за тутун во Прилеп е научен институт во областа на тутунопроизводството.

Научниот институт за тутун е формиран по иницијативата на Рудолф Горник во 1924 година кога била основана првата експериментална станица за истражување на тутун во Прилеп, како единствена од таков тип на Балканот. Во 1928 година Горник станал нејзин управник, а кога во 1936 година експерименталната станица прераснала во Институтот за тутун, раководел со него се до 1939 година, кога станал началник на Државниот тутунски монопол во Белград.

Од 1946 до 1954 година повторно бил директор на Институтот за тутун во Прилеп. Во овој период дал особен придонес во осовременувањето на производството на тутун и во истражувањето на нови тутунски сорти подобни за македонското поднебје. Како резултат на неговата научноистражувачка дејност, добиени се ориенталните сорти на тутун: Прилеп 10-3/2, Прилеп 12-2/1, Јака Кире-чилер и Отља. Исто така се занимавал со интродукција на нови сорти на тутун од типот „Вирџинија“ и создавање на нови хибридни сорти на тутун отпорни на пероноспората на тутунот. Рудолф Горник од 1952 до 1954 година бил уредник на списанието „Тутун“.

Денес Институтот за тутун во Прилеп е научен институт во областа на тутунопроизводството и претставува член на универзитетот „Свети Климент Охридски“.

Во рамките на институтот постојат повеќе одделенија:
- Одделение за агротехника на тутунот
- Одделение за заштита на тутунот од болести, штетници и плевели
- Одделение за хемија на тутунот, тутунскиот чад, резидуи од пестициди и биохемија
- Одделение за генетика, селекција и семеконтрола
- Одделение за технологија, ферментација и фабрикација
- Одделение за економско планирање и програмирање

Како членка на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, Институт за тутун – Прилеп организира последипломски студии за:
- Производство на тутун
- Обработка и преработка на тутун.

Нема Коментари

Коментирај