ИЛЈАДА ПАТИ ДА ДОЈДЕШ…
2 април 1975 година
„Млад борец“
Во Мариово деновиве…
Навистина, кој пат води Мариово?
Требаше да чекаме цела недела за да го фатиме оној редок „Пониекспрес“ што без амортизери цели пет часа пуфка и туфка врз стрмите полина на Лигураса, што тече поспоро од Црна, иако нафта го турка по стрмините. Со „Вилусот“ на другарите од Армијата, се чини пак, многу брзо ги прелетавме оние нивни „Три дни зад Госпо“ и во тоа е несреќата: пеш ќе видевме многу повеке. Вака, често доаѓаме во ситуација случајните планински осаменици да ги прашуваме каде е Мариово. А бевме во Мариово.
Што е Мариово?
Мариово, најпрвин е Лигураса. Азган дотка, би рекле мориовци.
Ги разгрнала надолго и нашироко своите поли и ти се подава во сета своја убавина. Планините во колор-филмовите изгледаат прекрасно, се капат во невозможни бои. А Лигураса е како на филм. Питомина и дивина во едно. Испреплетени, без рески граници. Композиција од бои, шумови, тишина.
Во Лигураса окото и увото не уловуваат само дивеч. Ке се наведнеш понекогаш врз некоја, коска. Човечка. Беспрекорно измиена од времето. и без да сакаш проработува твоето внатрешно уво: некаде длабоко, како од под земја, слушаш ехо на заскитан човечки глас, последен издив на непознат воин.
А Црна засекла длабоко во планината и рамнодушно си шуми по брзaците, или молчи во вировите. Оти, тука во Мариово, Црна е најтаинствена, минува низ места кои само на неа и се познати. Велат, по рекотекот нејзин има еден долг лак каде човечка нога не стапнала. Но колку да е црна, Црна отстапува пред човекот. Кај Чебрен еден ден ќе извиши моќна брана што ќе ја скротува водата и ќе ги разгалува срцата на мариовци со eлектрично видело во секое време на денот и ноќта.
Што уште е Мариово?
Мариово и ден-денес е Стале Попов. Барем што се однесува до Расимбеговиот мост каде уморените патници ја гасат жедта на крајпатната чешма, со вода од срцето на Лигураса. Планина – доилка.
А ако веќе некого задои планината – тој е нејзино чедо, и затоа – голем, и затоа – храбар. Ете, иако недоволно, ова нека биде објаснување за народот што бил грст луѓе, а нашол сили да се стегне во тупаница и да удри по челото на отоманската империја.
Ете затоа велиме дека Мариово е Стале Попов, баба Цона, Калеш Анѓа, Толе Паша, Младен, Стана, Дотки, дрвари, ставни ергени и попчиња.
И илјадапати овде да дојдеш чиниш не е тоа Мариово. Оти со секоја повторна средба поинакво ти се чини.
Па прашуваш: – Каде е? Има ли уште Многу до Мариово?
- Уште малку, де. Три дни зад Госпо – ќе чуеш одговор од жените што во бардиња зафаќаат на Paсимбеговиот мост вода од чешмата.
А бидејќи Госпо си го оставил уште во клупите на првото одделение би требало да очајуваш. Едно што не можеш да го претставиш, па згора на тоа и три дни по него да одиш. Види белја! Тоа ти се вика здрав планински расудок и смисла за хумор, шега мариовска.
А пред Мелница, родното село на писателот, гола црвена ридинка што потсетува на купиштата дијатомејска земја во атарот на цигларницата „Партизанка“ во Прилеп. Земјата е црвена и ти се чини е уште поцрвена од крвта на двајца работници што живееле од неа. По еден одрон биле затрупани и никогаш повеќе не ги зарадувале своите деца со прилепски алви и шеќерчиња на први во месецот.
Во Мелница е тивко. Селската чешма тече само во делото на писателот. Овдешната секнала, или тоа е така само навидум. Барем до Илинден кога во Мариово ќе запиштат гајди и ора се развиорат.
- Мариово исто така е Дуње. Или Витолишча. Сеедно. И таму и таму ќе ви речат:
- Ухааа… Арни сеа. Продавници иjаме, самопослуги, бифијна, пошчи, водоводи. Само едно нејаме. Пат, момче, пат нејаме. А шом нејаме пат, нејаме ни автобус.
Имаат доста мариовци. Преку 60.000 грла Овци, 4 осумгодишни училишта, исто толку амбуланти, преку „триста луѓе“ се на работа во „државно“. Но немаат пат, па сигурно затоа имаат многу стари дотки и ергење. Се загустеле, не се омажиле, не се ожениле. А тешко е да се биде без другар или друшка Покрај опојниот шум на Црна и пролетните ветрови што доаѓаат од кај Лигураса и Каравашина.
Така ли е Ацкио?
- Ами така е.
Велам зошто пустееме. Ваа планина не вика, ама овците не даваат. По цели дeништа Во планина, за в село нема време. Белки ќе излезе срејќа — вели Ацкиот кој има веќе 36 години и исто толку неженет.
Срејќа мора да излезе. Не само за стариот ерген Ацкио или за Јана, Цона, Донка од Дуње или Витолишча, туку и за цело Мариово.
Оти, Мариово денес е сё поблизу до цивилизацијата. Каравашина има јаглен, богати, велат, се тамошните наоѓалишта. А јагленот ќе донесе асфалт асфалот пат, а патот – се знае: автобус, којзнае од кога наречен желба.
Попушта пред новото и гордата Лигураса. Во нејзините пазуви како бумбари во ливада брмчат моќни градежни машини, се гради нова делница, пеат градителите песна на трудот.
Не ќе мине многу време за да го јавнеш „фиќото“ па по нов пат да појдеш на риба по Црна, и не ќе те додржи срцето да не запреш крај орото мариовско, да ја погледаш Јана или Стана како играат на земја не гaзaт, а на појасот пари златни им ѕвечат. Ако си ерген, нека ти е честит риболовот.
Л. С.
Коментирај