1961: Илија Милчин и Дарко Дамески и во филмот „Мирно лето“

Илија Милчин

Илија Милчин е роден на 19 јуни 1918 во Прилеп.

Студирал на отсекот за театарска уметност на Музичката академија во Белград (1941). Дипломирал на Правниот факултет во Софија (1942). Кон крајот на четириесеттите години посетувал постдипломски студии за режија на Државниот театарски институт (ГИТИС) во Москва. Пред почетокот на Втората светска војна, во Прилеп формирал аматерска театарска група, чиишто членови кон крајот на војната се приклучиле кон Културно-уметничката група „Кочо Рацин“ во Горно Врановци (1944). Учествувал во формирањето на Македонскиот народен театар/МНТ (1945), каде што работел како актер и режисер (1945-1983), а ја извршувал и функцијата директор на Драмата (1964-1969).

Формирал и раководел Областен македонски народен театар во Горна Џумаја (денешен Благоевград), Република Бугарија (1947/1948). Во Државна средна театарска школа во Скопје работел како наставник по актерска игра и по историја на театарот (1947-1951). Работел како вонреден професор по актерска игра на отсекот за соло-пеење (1968) и на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје (1970).

До 1973 година бил шеф на Катедрата за актерска игра на Факултетот за драмски уметности, а од 1999 година на овој Факултет на отсекот за актерска игра бил хонорарен професор по предметот правоговор.

Селективна театрографија: Улоги: Платон (Платон Кречет, 1945); Малволио (Ноќ спроти Водици, 1951); Јаго (Отело,1954); Д-р Пхил, Леоне Глембај (Господа Глембаеви, 1956); Волпоне (Волпоне, 1961); Губернаторот (Смртта на губернаторот, 1962); Антонио (Венецијански трговец, 1970); Галилео Галилеј (Галилео Галилеј, 1972); Игњат Наци Глембај (Господа Глембаеви, 1974); Степан Трофимович (Бесови, 1978); Панглос (Кандид, 1980); Живадин Филиповиќ (Југословенска антитеза, 1985); Татко Бенеша (Калугерички тишини, 1987); Петре лажот (Спиро Црне, 1989).

Режии: Стаклена менажерија од Тенеси Вилијамс (1954); На дното од Максим Горки (1954); Вештерките од Салем од Артур Милер (1955); Глорија од Ранко Маринковиќ (1957); Школа за озборување од Шеридан (1959); Кога бранот бучи/Деветтиот бран од Никола Јонков Вапцаров (1960); Црнила од Коле Чашуле (1961); Антигона од Софокле (1967); Дабот и ангорските зајаци од Мартин Валзер (1969); Три сестри од Антон Павлович Чехов (1970); Деца на сонцето од Максим Горки (1973); Хеда Габлер од Хенрик Ибзен (1976); Бесови од Фјодор Михајлович Достоевски (1978); Деца на сонцето од Максим Горки (1981/82); Антигона од Софокле (1982/83).

Филмографија (улоги): Мис Стон (1958); Мирно лето (1962); Пресметка (1962); До победата и по неа (1966); Македонска крвава свадба (1967); Република во пламен (1969); Човек во црно (1970); Македонски дел од пеколот (1971); Исправи се, Делфина (1977); Пресуда (1977); Црвениот коњ (1981).

Покрај актерскиот и режисерскиот ангажман, Милчин и преведувал, најчесто од руски, српски, хрватски и од француски јазик. Има преведено над триесетина драмски дела: Малограѓанска свадба од Бертолд Брехт; Госпоѓа министерка од Бранислав Нушиќ; Господа Глембаеви од Мирослав Крлежа; Шест лица го бараат авторот од Луиџи Пирандело; Домот на Бернарда Алба и Крвави свадби од Федерико Гарсија Лорка; Стаклена менажерија од Тенеси Вилјамс; Вообразен болен од Жан Батист Поклен Молиер; Д-р од Бранислав Нушиќ; Васа Железнова од Николај Васиљевич Гогољ; Кралот на Бетајнова од Иван Цанкар; Глорија од Ранко Маринковиќ; Нора од Хенрик Ибзен; Зојкиниот стан од Михаил Афанасиевич Булгаков; Калуѓерички тишини од Слободан Шнајдер; Смртта на Дантон од Георг Бихнер и други.

Награди: Награда „11 Октомври“ (1963 и 1980); Награда на град Скопје „13 Ноември“ (1973); Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МНТ) Војдан Чернодрински за улогата на Таткото во претставата Обесеник од Борислав Пекиќ, режија Владимир Милчин, продукција МНТ (Прилеп, 1979); Награда за животно дело на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 1987); Награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје (Нови Сад, 1987).

Умрел на 1 март 2002 во Скопје.

Нема Коментари

Коментирај