Харалампија Попов е македонски просветен деец и револуционер, деец на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.
Харалампија Попов е роден во Прилеп. Во 1899 година ја завршил Солунската машка гимназија, XIV генерација. Во Солун станал член на ВМОРО. Се вратил во Прилеп заедно со соучениците Михаил Небреклиев, Илија Кепев и Михаил Копанов, но бидејќи тој бил револуционерен деец, за разлика од нив, не бил назначен во прилепските училишта од раководството на општината, предводена од Крапчев и Самарџиев и во учебната 1899/1900 година бил без работа. Следната 1900/1901 година бил назначен за учител во класното училиште во Дојран. По завршувањето на учебната година, заради револуционерната дејност, бил отстранет од Дојран и се прибрал во Прилеп, каде што новото црковно-училишно раководство, блиско до ВМОРО, го назначува за учител.
Во септември 1910 година, во градот властите апсат над 70 градски првенци за време на обезоружителната акција на младотурците. Биле задржани Петар Ацев, Михаил Попев, Ѓорѓи Небрежанец, Милан Кафеџијата, браќата Раеви, Алекси Колиштрков, учителот Харалампија Попов, свештениците Иван Попадамов, Георги Шивачев, Михаил Смичков, Димитар Јанчулев и други.
По избувнувањето на Меѓусојузничката војна во јуни 1913 година, на 18 јуни Харалампија бил уапсен заедно со другите прилепски учители, свештеници и првенци. Бил ослободен од затворот заедно со Ѓорѓи Палисламов, но на 15 јули двајцата, заедно со сите учители, откажале да ја потпишат декларацијата дека се Срби, па повторно биле уапсени и по кус престој во затвор, биле екстернирани во Бугарија.
Коментирај