Некрополата Грамаѓе

Некропола Грамаѓе (Старо Бонче)

Локалитетот Грамаѓе е во склоп на комплексот Висока–Старо Бонче и се наоѓа покрај еден од локалните земјени патишта што ги поврзуваат селата Подмол и Бонче.

Се работи за некропола–тумба со издолжена форма. По целиот простор се расфрлани поголеми и помали камења, а некои се со таква взаемна поставеност што уште на прв поглед асоцираат на гробни конструкции. Во 2012 година извршени се почетни истражувања на локалитетот, поточно, отворени се два гроба во нејзиниот јужен дел. Според движниот археолошки материјал, кој е пронајден во гробовите, тие се датираат од V до III век пред нашата ера.

Гроб 1:
Гробот 1 има ориентација северозапад-југоисток. Формата на гробот е правоаголна, долг е 2,40 метри а широк 1,30 метри. Основата на гробот е карпа–плазика која се наоѓа надлабочина од 0,60 метри. Две од страните, поточно едната надолжна и едната попречна, оформени се со вертикално поставени камени плочи, додека останатите две страни се оформени со помали аморфни камења. Дебелината на камените плочи од двете страни варира од 8 до 12 сантиметри. Како инвентар на гробот, пронајдени се само фрагментирани наоди од керамички садови.

Гроб 2:
Гробот 2 се наоѓа на 0,90 метри источно од гроб 1. Должината му е 2,90 метри, ширината 2 метри, длабочината 0,95 метри. Поставен е под прав агол со гробот 1. но со ориентација североисток-југозапад. Страните на гробот се изведени со масивни камени плочи, дебели од 6 до 13 сантиметри., чија основа била вкопувана во плазиката на дното од гробот.Стабилноста била потпомогната со помали аморфни камења, редени покрај камените плочи, а со вакви камења биле оформени и аглите на гробот. Плазиката,гробната основа, била вкопана за сантиметри, со должина е 2 метри и ширина 0,97 метри. Како и во гробот 1 и тука се пронајдени фрагментирани наоди од неколку садови, но и две железни фибули од „малоазиски“ тип.

Александар Мургоски

Нема Коментари

Коментирај