Локалитет Горни Чаир (Кукул)
На околу 5 километри северозападно од Прилеп се извишува ридот Кукул – Баба. Со систематски археолошки ископувања истражувано е утврдувањето на акрополното плато, при што се потврдени културни хоризонти од енеолитот, доцномакедонскиот период, доцната антика и византискиот средновековен период. Со оглед на тоа што од овој локалитет мошне прегледно можеле да се следат движењата на непријателските трупи од правците на превоите Дервен и Плетвар, главни комуникациони грла од север и североисток кон Пелагонија, ова утврдување имало голема стратешка важност во наведените временски епохи. Со откриените монети на Филип V, хронолошки се потврдува користењето на утврдувањето и во доцно македонскиот период. Во подножјата на ридот евидентирани се неколку локации на кои се вршело погребување во гробови од типот „циста“, но и во гробови издлабени во камен. Исто така, истражувани се и две гробници издлабени во карпа на блиските локалитети Горни чаир и Визбата.
Коментирај