Дел од гробиштата и карпата „менхир“.

Големо Мраморани

Големо Мраморани е поранешно село во општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Селото се наоѓало на околу 10 км северозападно од Прилеп и околу 3 км северно од селото Мажучиште, во подножјето на планината Негре. Пред распадот на Отоманската империја тоа било напуштено, жителите иселени, главно во селото Бело Поле, но и во селото Сенокос и на други места.

Денес местото на кое било сместено ова село го обележува една голема карпа во облик на менхир (долг или висок камен), во чија близина се наоѓаат и остатоците од селската црква со голем број гробови. Црквата, според темелите, не била многу голема градба, претставувала еднокорабна црковна градба со средни димензии, но во неа биле вградени како сполии и елементи од постара градба, сосема веројатно, ранохристијанска црква, на која укажува еден мермерен споменик, капител со изработен крст, како и други мермерни и камени блокови, тегули (покривни ѓерамиди) од античкиот период и слични показатели и остатоци од постара градба.

Речиси во самите гробишта, на мало растојание од црквата, се среќава и еден голем винарник – објект за гмечење грозје и правење вино, а уште еден таков објект, но со помали димензии, се наоѓа на периферијата на гробиштата, поточно на околу 50 м источно од карпата „менхир“. Овие камени објекти, како објекти биле користени во производството на вино уште од антиката, а можеби и во подлабоката историја. На просторот на кој биле сместени црквата и гробиштата се среќаваат и други културни траги, како обработени форми по карпите, така и фрагменти од керамички садови, питоси и друг археолошки материјал. Интересно е дека слични наоди се среќаваат на поширокиот простор, а на неколку стотици метри западно околу една огромна карпа со неправилна топчеста форма била сместена и една населба од многу постариот, бронзен период. На околу 700 м северно од овој локалитет, има остатоци од стар манастирски комплекс, како и мнопгу други археолошки остатоци.

Археолошки локалитети:

Гробишта – осамени наоди од рисмко време;
Стара Црква – црква од среден век;
Манастир – црква од среден век;
Големо Мраморани – населба од бронзено време.

Нема Коментари

Коментирај