Прва Светска војна: Ескадронот JASTA 25, од Канатларци на фудбал во Прилеп

Првата фудбалска топка…

Првата фудбалска топка според една верзија, донесена е уште во текот на Првата светска војна од германските војници. Дури се спомнува и името на германскиот војник Јуп, кој топката ја донесол во месноста Табана, на самиот влез на Ореовечка река во градот.

По верзијата според учителот Благоја Стојаноски-Жабата, кој тврдел дека првата топка во Прилеп ја донесле француските војници. Ветеринарниот лекар Димитар Москоски тврдел дека првата топка ја донесол младиот Александар Колароски, и тоа по завршувањето на Првата светска војна, откако неговото семејство се вратило од емиграција во Франција.

Постои и верзија дека првата фудбалска топка е купена во книжарницата „Зора“. Покојниот наставник по ликовна уметност, Кирил Миноски, тврдел дека фудбалската топка на овие простори ја донесле германските војници. Првото „чалгање“ на топката било во месноста Табана. Тогаш, на тоа место, имало работилница за штавување на кожи, а на спротивната страна од левиот брег на Ореовечка река, пред куќата на Бумбаровци, децата играле фудбал.

Рампо Топчиоски тврдел дека првата топка во Прилеп е донесена пролетта 1918 година, и тоа од германските авијатичари од ескадронот JASTA 25, стациониран во Канатларци, а првпат во градот топката се затркалала во Старо корзо.

Со точност е утврдено дека во задниот дел на дворното место од црквата „Свето Благовештение“, каде што се сега куќите на Цапевци и Самарџиовци, најпрво почнало да се игра фудбал. Во рамките на она што постои како материјална вистина, веродостојно е да се каже тоа дека, топката во Прилеп е донесена или во 1917, или во 1918 година.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc