1971: Наставниците Здравко Богатинов, Милчо Апагиев и Благој Тасев вршат подготовки на експлозивот

„Наесен со нова програма“ – Од семинарот во Прилеп

НА ОДБРАМБЕНИТЕ ПОЛИГОНИ НА СР МАКЕДОНИЈА

НАЕСЕН СО НОВА ПРОГРАМА

 

16 јули 1971 година
„Фронт“

„Од неодамна одржаниот состанок во Скопје, на кој стануваше збор за младинските борбени единици, еден младинец рече дека предметот „Одбрана и заштита“, кој се изучува од основните училишта до факултетите, треба треба постручно и посовремено да се предава, за младината во училиштето да стекне доволно не само теоретско туку и практично знаење од одбрамбената проблематика.
Пред да беше „протекла“ мислата на овој припадник на младинскиот одред, Републичкиот завод за унапредување на школството во Скопје, веќе ги беше изработил планот и програмата за одржување на семинар со наставниците по предметот „Одбрана и заштита“ за целата територија на Македонија.

Собрани во добро опремените кабинети на Центарот за народна одбрана „Лазо Филипоски – Лавски“ во Прилеп, наставниците неколку дена се запознаваа со новата програма на предметот по „Одбрана и заштита“ во средните училишта, со новите учебни средства и нивниот начин на примена.
Тоа значи дека во новата учебна година на предметот „Одбрана и заштита“ ќе се обрне многу поголемо внимание, особено на практичниот дел на обуката.

Така учениците слушајќи го овој предмет во текот на две години ќе бидат оспособени за вршење на најразлични борбени задачи во евентуалната општонародна одбрамбена војна. Според тоа, наставниците на овој предмет, практично се стручни органи во училиштата во извршување на одбрамбените подготовки на училиштето.
На многуте порано одржани собири, беше речено дека училиштето, како и секоја друга работна организација, треба активно да се подготвува за одбраната на земјата.

На овој собир тоа беше уште еднаш потврдено и донекаде прецизирано, што се би работеле учениците во училиштето, и со какви одбрамбени работи би се занимавале. Исто така беше заклучено дека работата на наставниците по предметот „Одбрана и заштита“, во сето тоа е незаменлива.

Во разговорот со раководителот на семинарот, Југослав Миноски, просветен советник во републичкиот завод за унапредување на школството во СР Македонија, разбравме дека одбраната и заштитата на извесен начин ќе биде присутна во учебната програма на другите предмети (хемија, физика, телесно воспитување, историја, јазик и др.).
Наставниците по предметот „Одбрана и заштита“ во сето тоа ќе бидат раководители, иницијатори.

Покрај Југослав Миноски, за добрата работа и успехот на семинарот, се грижеа и Петар Ликоски, началник на одделението за народна одбрана на општинското собрание во Прилеп, Димче Лукароски и Живко Маркоски, секретар на Центарот за народна одбрана во Прилеп.
Низ теоретската и практичната работа, наставниците разбраа нешто повеќе за најновите достигнувања во областа на одбраната и заштитата.
На полигонот близу Прилеп, Милош Чорбиќ ги запозна наставниците со многу експлозивни средства што се употребуваат во диверзантски и други цели.

Наставниците имаа можност да ја испробаат својата вештина во уривање на пруги, телефонски централи, столбови, прекинување на челични јажиња и др.
На крајот треба да се истакне и тоа дека наставниците беа задоволни од работата на семинарот.
Тие го изнесоа мнението дека, би било добро што почесто да се одржуваат семинари, барем двапати во годината.“

Текст: Кирил Мојсиев
Снимил: Борислав Вучетиќ

Нема Коментари

Коментирај