Фреска: „Свети Никола го поставуваат за ѓакон“, јужен брод...

Манастир „Свети Никола“, село Манастир – Фрескоживопис

Манастир „Свети Никола“, село Манастир – Фрескоживопис

Црквата „Св. Никола“ во Манастир е значаен споменик на културата од византискиот период, која содржи извонредни фрески, какви што се „Св. Богородица со ангелите“ и „Св. Никола“, изработени во првиот период од византиското владеење. Ваквиот тип сликарство е многу редок и е застапен само во црквата во Курбиново и во „Света Софија“ во Охрид.
Црковниот фрескоживопис е колоритен и со стил, близок до Константинополската иконографска школа, а фреските што датираат од 1271 година се едни од најстарите фрескоживописи во Македонија.

Црквата е трикорабна базилика без нартекс која на источната страна завршува со три апсиди. Во Првата светска војна црквата била многу оштетена, особено западниот ѕид и сводот. Подоцна била доградена, но без фрескоживопис. Од написот на јужниот и северниот ѕид од централниот кораб се дознава дека денешната црква била подигната во 1266 година на темелите на старата црква подигната во 1095 година од протостаторот Алексеј, роднина на византискиот император Алексеј Комнин.

Во првата зона поставени се светиите во цел раст, меѓу кои се издвојуваат светите воини. Во втората зона насликани се попрсја, а во третата – сцени од Христовиот живот. Во јужниот кораб се наоѓаат сцени од животот на свети Никола, а во северниот – ктиторска композиција, каде е претставен еромонахот Акакиј, со моделот од црквата. фреските во централниот и делумно јужниот кораб (со апстрахирање на фреските во апсидата), носат заеднички карактеристики, додека фреските во апсидата на централниот и јужниот кораб, предадени се во изразита „ретардација“ на поранешните стилови од XI и XII век. Тоа е резултат на сфаќањата на повеќето мајстори, кои учествувале во изведувањето на живописот.

Најновите научни искажувања за фреско-декорацијата од централниот наос претставуваат нови согледувања. Имено, во натписот од 1271 година, пишува дека околу декорирањето на црквата задолжен е да повика вешти мајстори и се грижи околу живописот на црквата, ѓаконот-референдар Јован, односно, истата личност, која се именува и на струшката икона Свети Георгиј. Врз основа на овој факт, со сигурност се претпоставува дека, меѓу повиканите вешти мајстори од референдарот Јован, бил и зографот Јован. Стилските и морфолошките анализи на иконата Свети Георгиј од Струга, како и фреските од манастирот, упатуваат на тесни ликовни односи. Поконкретно, стилско-морфолошките одлики од иконата на зографот Јован, треба да му се припишат фреските во централниот кораб на црквата од село Манастир.

Активноста на зографот Јован подоцна се следела и во новооткриените фрески во западниот дел на црквата „Свети Архангел Михаил“ од Варош.
Докажувањето за активностите на зографот Јован и ѓаконот-референдар Јован, значи уште еден прилог кон осветлувањето на уметничкиот живот, што се одвивал во средниот век во Македонија.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc