Западната фасада (1368-1369 г.)... Фреска: Преображение Христово

Манастир „Свето Преображение“,Зрзе – Фрескоживопис

Манастир „Свето Преображение“, село Зрзе – Фрескоживопис

На околу 25 км. западно од Прилеп, на една рамнина обиколена со дабова шума, лежи манастирот „Свето Преображение“ – Зрзе.

Храмот „Свето Преображение“ претставува еднокорабна црква засводена со полукружен свод и полукружна внатрешна апсида. Се до ѕидањето на припратата, во втората половина на XIV век, постоел влез на јужната и на западната страна и истиот бил соѕидан. Припратата истовремено била и живописана. Од нив, делумно се сочувани фрески од кои најмногу се наоѓаат во првата зона. Врз нив се извршени потребните конзервации. Така, на јужниот, западниот и северниот ѕид се откриени претстави на светии во медалјони, како и поголем број на композиции со различни илустрации.

Фрескописот во наосот му припаѓа на периодот од XVI век. Оттогаш датираат фреските во горните зони, каде се среќаваат слики од животот на Исус Христос. Меѓу нив највпечатливи се композициите: Рождество Христово, Сретение и др.

Живописот од XIX век е со послаб квалитет. Од него се изделува со прозрачна убавина портретот на овчарот облечен во народна носија. Оттука произлегло популарното име на оваа црква од тоа време – „овчарска црква“. За портретот на овчарот постои една легенда, којашто раскажува за храброста и за трагичната судбина на едно момче-овчарче, кое застанувајЌи да им се спротивстави на заканите на арнаутите дека ќе го опустошат и уништат овој Божји храм, загинало на самото место. Поради тоа, во негова чест била изработена оваа фреска.

Црквата не била поштедена од турските грабежи и пустошења. Како резултат на тоа, значителен дел од црковниот имот исчезнал засекогаш. Сепак, не било се загубено. Манастирот во Зрзе, како да е роден под среќна ѕвезда, успеал да се спротивстави на сите оние лоши, разурнувачки духови што го следеле низ вековите на неговото постоење.

Денес манастирот „Свето Преображение“ – Зрзе е епископско седиште на епископот Хераклејски Климент.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc