Фрска на главната апсида на која е преставен еден од двата ангела кои ја нудат својата помош на Богороца...

Црква „Свeти Никола“, Варош – Фрескоживопис

Црква „Свeти Никола“, Варош – Фрескоживопис

Црквата „Свети Никола“ се наоѓа во населбата Варош, во близина на црквата „Света Богородица Пречиста“.

Во фресконатписот, што се наоѓа над прозорецот на јужниот ѕид од внатрешната страна, стои дека црквата била подигната во 1299 година. По најновото толкување, во натписот се споменува дека црквата е подигната од ктиторот Вега, синот Капза и жена му Марија, во времето на царот Андроник II, Михајло IX и царицата Ирина во 1298 година, месец ноември.

Други историски податоци не се зачувани. Според мислењето на некои научни работници, на едно старо култно место, најверојатно, најнапред била подигната мала еднокорабна црква.

Кон крајот на XII век и првата половина на XIII век, црквата „Свети Никола“ го добива денешниот изглед. Затоа се смета дека живописот во апсидата, што се истакнува со своите карактеристики што му одговараат на стилот од последниот период на сликарската епоха на Комнените, потекнува од крајот на XII и почетокот на XIII век.
Композициите во апсидата „Поклонување на Агнецот“ и „Богородица Ширшаја Небесна“, имаат сличности со живописот на Курбиновската црква „Свети Георгиј“, која е живописана во 1191 година.

Живописот во наосот потекнува од 1298 година. Црквата „Свети Никола“ претставува едноставна, еднократна црква со тространа апсида однадвор, засводена со полукружен свод. Со своите релативно мали димензии и нагласената височина, таа е блиска на црквите во Костур.

Црквата е градена од неделкан камен, а горните партии се изведени во богата керамопластична декорација. Во долната зона се насликани фигури од светии и свети виони во цел раст. Во вториот појас се сместени композициите со сцени од „Христовите страдања“, а во третиот „Големите Празници“. На сводот се претставени ликовите на пророците во цел раст, додека во нишата над западниот влез однадвор, насликан е ликот на Свети Никола, патронот на црквата. По своите композициони решенија, извесни иконографски особености, изразитиот жив и богат колорит, живописот на оваа црква се вбројува меѓу најдобрите остварувања од крајот на XIII век во Македонија. Композициите се исполнети со голем број фигури и секоја од нив делува како самостојна слика.

Во одделни композиции се гледа стремежот на уметникот за решавање на нова проблематика – како што се просторот и перспективата.

Во овој поглед, особено се истакнуваат композициите „Тајната вечера“ и „Молитвата на Маслиновата гора“. Живописот е израз на едно преодно време. Пластичноста на фигурите е постигната со моделација на топлите тонови, кои се слеваат за сметка на линијата, која не е толку нагласена. Од друга страна, очигледен е третманот, својствен на линеаризмот на постарото сликарство. За сликарството во XIV век, овој живопис го сврзуваат извесни стилски одлики, што ќе се сретнат подоцна во изразито наративно претставување. На фасадата на црквата се наоѓаат фрагменти и оштетени фрески (Богородица и Христос до градите),можеби современи со живописот во наосот. Ликот на Свети Никола веројатно потекнува од XIII век, додека другата фреско-икона, која исто така се наоѓа на западната фасада, потекнува веројатно од XVII век.

*Превземено од „Споменици на културата од Македонија“.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc