1968: Живко Ѓорѓиоски

Живко Ѓорѓиоски

ЖИВКО ЃОРЃИОСКИ: АКО МЕ САКААТ ЌЕ ОСТАНАМ ВО ПРИЛЕП, НО НЕ Е НИШТО ЧУДНО АКО ОДАМ ВО „ВАРДАР“ ИЛИ „ЗВЕЗДА“

Живко Ѓорѓиоски, моментно најдобриот фудбалер во редовите на прилепскиот второлигаш – деновиве, откако му истече договорот со неговиот матичен клуб, стана актуелна фудбалска фигура и за многумина надвор од нашата Република:
Тој во овој број на „Журнал“ е гостин на страницава и за читателите говори приватно и помалку „фудбалски службено“.

ПОБЕДА И ПРИЛЕП ПРЕД СИТЕ

Разговорот – така се договоривме – требаше да биде искрен и без заобиколување.
Тема: Неговото заминување во друг клуб!

-По натпреварот во Загреб, за твојата „мајсторска“ игра речиси сите зборуваа со воодушевување?

-„Играв одлично, иако тоа што го велам за себе е по малку нескоромно! Според оценката на сите: од 22та минута бев најдобар на теренот.
Дури и сега добро се сеќавам на зборовите на Радовиќ: „Ти малечок, ми велеше тој, еден ден ќе играш во голем тим“!?

-И токму тогаш дојдоа понудите?

-На тој натпревар во Загреб, присуствуваа голем број стручњаци и емисари. Сите тие будно ги следеа нашите квалитети. За мене рекле „убаво“. Не знам! Јас играв и толку!“

-Боба Михајловиќ, Миљаниќ, Јерковиќ…?

-Да, нивните Фудбалски „рецензии“ за мојата игра ми ласкаат, но не толку за да ме „успијат“! Јас треба уште многу да учам од фудбалскиот буквар.

-Некои весници („ЕХО“, „СПОРТ“) веќе почнаа да пишуваат дека твоето заминување е „свршена работа“?

-Тоа се само новинарски импровизации. Вистина е дека во Загреб многу новинари зборуваа со мене меѓутоа, ниту еднаш не се изјаснив за моето заминување од „Победа“. Јас веќе реков: „Победа и Прилеп пред сите, а потоа Вардар, Црвена Звезда, па Хајдук!

-Имаш ли намера да ја „уценуваш“ твојата сегашна екипа?

-Ни најмалку? На победа и Прилеп им должам за мојата фудбалска афирмација, па токму затоа не доаѓа предвид никакво уценување!

ЗА ПОБЕДА ЕФТИН ЗА ДРУГИТЕ ПОСКАП…

-Искрено: колку дава Победа а колку ти даваат другите?

-Победа се уште не рекла за мене ништо!
Ме чуди зошто молчат оние за најмногу сум заинтересиран!?
Според она што го заслужувам не барам многу – сега за сега, тоа нека биде тајна! Инаку: Црвена Звезда нуди 7 милиони стари динари, Сплитски Хајдук 6 милиони а Вардар прави комбинации со парите!

-Во Прилеп се „шушка“ околу една сума која изпесува 5 милиони?

-Незнам! Веќе реков: кога се работи за Победа, парите оставете ги настрана! Јас сум, пред се, прилепчанец!

-Ако останеш во Победа, репрезентативниот дрес ќе биде се уште далеку за тебе?

-Тоа многу ме нервира!
Во Данска и Англија во репрезентацијата влегуваат играчи и од третите лиги. Овде кај нас како традиција е да бидеш член на прволигашка екипа – уште повеќе, да бидеш член на Звезда, Партизан, Динамо…!
Зошто е тоа така? Па сепак, јас не сум толку „лаком“ иако сакам уште повеќе да се афирмирам. Еден ден верувам дека ќе го облечам „синиот дрес“ !

ЌЕ ВЛЕЗЕ ЛИ НЕКОГАШ ПОБЕДА ВО ПРВА ЛИГА?

-Ако замииеш ти, Победа ќе изгуби многу?

-Тоа веќе не е моја надлежност: јас ќе си одам само тогаш, ако не најдеме заеднички јазик со Управата, иако моето расположение и добра волја се тука!

-Ке влезе ли некогаш Победа во Прва Лига?

-Не сум јас толку „видовит“ да ја претскажувам судбината на мојот клуб, но знам дека без залагање, без сериозност во работењето нема Прва лига! Последните игри на мојата екипа го докажуваат тоа: речиси сите играме како „без душа“, како да имаме олово во нозете. Со такви игри – таквата желба е само утопија!

-Ти си најдобар и дали тоа „нај“ ти носи некои привилегии?

-Апсолутно не! Скромноста е најголемиот квалитет на фудбалерот. Сите оние што се „дуваат“ и се замислуваат „ѕвезди“ – брзо завршуваат онака како што не очекуваат!

-Имаш ли некоја прволигашка симпатија?

-Како дете навивав за Хајдук, а мој фудбалски љубимец е Боби Чарлтон! Тој е вистински „мозок“ и фудбалски витез!
Го познава Фудбалот на прсти, вистински англиски џентлемен!

Така од прилика течеше првиот поголем разговор за нашиот весник со најдобриот прилепски фудбалер Живко Ѓорѓиоски.
Ова високо и витко, кршно момче од ден на ден го разбранува и така немирниот фудбалски свет.
Неговата фудбалска амбиција е непресушна, неговите квалитети големи а неговата игра толку чудесна и мајсторска, што многумина, уште од сега во него гледаат идна репрезентативна полутка, иако тој често има обичај да каже:
-Оставете го времето и играта нека зборуваат за мене!

Тачко Локвенец

8 јуни 1968 година
„ЖУРНАЛ“

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc