Сценографијата од филмот „Јад“ во околината на Прилеп.

Снимањето на филмот „Јад“

Снимањето на филмот „Јад“

Во филмот „Јад“, Никола Лазаревски како сценограф се соочува не само со обемна работа во доменот на своите сценографски задачи, туку, пред се, се инсистира и на претходни истражувачки потфати какви што дотогаш, за реализацијата на сценографските потреби, кај нас не се правени. За проектот се правени долги и сериозни подготовки, бидејќи настаните се лоцирани во времето далеку зад нас, во средновековието коешто од материјалната култура ни остави сакрални објекти и тврдини, но затоа што се однесува до профаната архитектура сознанијата се најчесто во доменот на шпекулациите. Сепак, одредени сведоштва и информации се добиени од фреските. Според фрескоживописот се правени скици, а потоа и објекти на кои работеле исклучително искусни стари мајстори.

Секако дека се користени и цркви и манастири каде што се правени мали интервенции, но нивната автентичност не е нарушена. Во Прилеп, на пример, во карпите е направена и нова мала црква со сите специфични елементи што ја карактеризираат, како што се: кубиња, тремови, камбанарија, дворно место. Во врска со оваа црква, сценографот се соочил со дилемата дали таа треба да се патинира. Кога станува збор за средниот век, тоа значи дека црквата тогаш била релативно нова, но доколку не е направено патинирање, таа би изгледала како декор. Ова е само една од многуте дилеми со кои се соочувала екипата за време на снимањето на филмот. Што се однесува до профаната архитектура, соработката со Институтот за старословенска култура од Прилеп ги потврдила претпоставките за тоа како изгледале тогашното село и куќата, како негов сегмент со сите нејзини надворешни и внатрешни елементи. Овој проект претставувал вистинска провокација во сценографска смисла и Лазаревски со помош на фантазијата и фактографијата го транспонира духот на македонскиот среден век и за имагинарните ликови наоѓа конкретно соодветно сместување. „Јад“ е еден од филмовите каде што тој го внесува сето свое умеење и за кој Лазаревски зборува со особен респект.

Обезбедениот континуитет на македонската филмска продукција во првата половина на седумдесеттите години, нималку случајно доведува до филмот „Јад“, вториот режисерски зафат на Кирил Ценевски. Веднаш треба да кажеме дека овој филм неспорно по многу нешта претставува исклучок во дотогашната, веќе по малку стандардизирана играна продукција. Со филмот „Јад“, меѓутоа, се случува и уште нешто посебно, не само во третманот на неговата тематска материја, туку и со она што сме подготвени да го наречеме актуелизација на неговиот содржински потенцијал. Всушност, сета сериозност на неговите автори и сиот нивен креативен замав, се упатени кон тоа, во иконографските елементи и мотиви што им послужиле за инспирација, да ги откријат трагите на едно битие што се протега и го анимира и нивниот актуелен сензибилитет.

Секако, спрема ваквите креативни настојувања, работата врз реализацијата на филмот „Јад“ беше еден мошне комплексен творечки процес, но тој, во ниту еден случај не можеше да се избегне или запостави. Кирил Ценевски, веќе осведочен филмски творец по големиот интернационален успех на својот прв филм „Црно семе“, пристапи кон своето второ филмско остварување со навистина висок творечки ентузијазам. Тоа пред сè, се однесува на една, во наши производствени услови, вонредно пројавена акрибија при подготовката на самиот филмски проект. Сето ова е разбирливо кога пред себе имаме еден специфичен тематски простор којшто треба поубедливо да се реконструира и што поавтентично да го заживее својот филмски живот.

Треба да се спомне дека Ценевски е воедно и автор на сценариото за овој филм, значи во случајот комплетен автор. Ваквата ориентација, исто така, не беше сосема вообичаена во тогашната наша филмска практика. Како тематски извори за „Јад“, тој ги користи матните историски простори на далечното минато на ова поднебје. Тоа е, имено, крајот на единаесеттиот и почетокот на дванаесеттиот век, со неговите темни и сурови временски врвици. Воедно тоа е и време на падот на Самоиловото Царство, што мошне тегобно се одрази токму врз овие простори.

Византиските завојувачи тогаш како беспоштедна лавина ги преплавуваат македонските простори. Тие ја наметнуваат и својата веќе деформирана култура и својата во голема мера догматизирана вера. И при едното и при другото тие се служат само со Библијата но не помалку и со мечот. При тоа, тие исто така забораваат, а повеќето од нив и не знаат, дека секоја култура вирее од една почва, а секоја вера, пак, ги има своите корења во човековата душа.

Впрочем, филмот „Јад“, по својата жанровска позиција, не претставува историски филм, туку една судбинска и човечка драма што се одвива врз фонот на овие тревожни историски собитија за македонскиот човек. Тоа станува сосема воочливо ако ги забележиме зборовите што на некој начин послужија како мото на овој филм. Тоа е реченицата земена од оригиналниот запис од „Битолскиот триод“, во која непознатиот иконописец, откако ги напишал трите последни збора кои гласат „покои, р’ци, јад“, како свој автограф го додава и последниот збор, „простете ми“. Семантичкото значење на оваа лингвистичка констелација, секако, беше достатен инспиративен мотив за Ценевски, и таа, на некој начин креативна појдовна точка, е сосема доволна за да ги разбереме и да ги оправдаме и сите останати креативни мотиви и барања со кои стартуваше овој амбициозен филмски проект.

Филмското дело какво што е „Јад“ претставува исклучително, но не и парадигматично остварување и од страна на неговиот формален облик. Тоа е, пред сè, мошне успешната фотографија на снимателот Љубе Петковски и вонредно направените сценографски и костимографски решенија на Никола Лазаревски и Елена Дончева-Танчева. Црковната музика, пак, што го следи филмското дејство, базирана е врз дешифрираниот „Охридски неум“ (оригинален средновековен нотен запис). Актерската поделба и во „Јад“, како што беше тоа и во „Црно семе“, исклучително успешно функционира. Сепак, како протагонисти доминираат: Дарко Дамевски, Танасие Узуновиќ, Олег Видов, Фабијан Шоваговиќ, Ацо Јовановски, Нада Гешовска, Ристо Шишков, Илија Џувалековски, Сабина Ајрула-Тозија и гостинката од Полска Марга Потоцка.

Награди:

1975 ФЈИФ, Пула, Златна арена за снимателска работа на Љубе Петковски
1976 МФФ, Карлови Вари, Специјална награда
1976 МФФ, Карлови Вари, Прва награда за сценографија на Никица Лазаревски

Автори:

Режија: Ценевски Кирил
Сценарио: Ценевски Кирил
Директор на фотографија: Петковски Љубе
Снимател: Самоиловски Мишо
Монтажа: Чемчев Вангел-Лаки
Главни улоги: Ајрула-Тозија Сабина, Видов Олег, Гешоска Нада, Дамески Дарко, Потоцка Марга, Узуновиќ Танасие, Шоваговиќ Фабијан
Споредни улоги: Арсовски Петар, Бабиќ Марин, Васовски Панче-Камшик, Влахов Гоце, Зози Димитар, Јовановски Ацо, Колозов Ѓорѓи, Костовски Драги, Костовски Душко, Максут Џемаил, Милосављевиќ Ненад, Попов Киро, Псалтиров Кирил, Стефановски Ацо, Стојанов Крум, Ќортошев Кирил, Чоревски Борис, Џувалекоски Илија, Шишков Ристо
Сценографија: Лазаревски Никола
Костимографија: Дончева-Танчева Елена
Тон: Јаневски Јордан
Монтажа на тон: Јаневски Јордан
Помошник директор на филм: Ацевски Стеван-Стевче
Асистент на режија: Младеновиќ Зоран-Окан
Асистенти на монтажа: Демировиќ Османли Кемал, Тасевски Спасе
Асистенти сниматели: Салковски Драган, Стојков Слободан
Асистент тон снимател: Андреевски Варнава
Организатори на снимање: Ѓорѓиевски Ѓорѓи, Калиќ Милош
Директори на филм: Ангеловски Благоја, Ацевски Стеван-Стевче

Фотографиите се од архивот на Институтот за старословенска култура – Прилеп.

Благодарност за отстапениот материјал.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc