26 март 1990: Фељтон за Методија Андонов Ченто, објавен во „Нова Македонија“

Фељтон: „Методија Андонов – Ченто“, 1990 година (2)

Фељтон: „Методија Андонов – Ченто“

Објавен во Нова Македонија во периодот од 23 март до 12 април 1990 година 

Автор: Фиданка Танаскова

 

… Кога директорот на Гимназијата го отворил состанокот, тој, многу загрижено, луто и со прекор што бил закана, им се обратил на родителите оти „чудни времиња“ се тоа, па еве, учениците, не само дома, туку и за време на одморите дури и на часови, меѓусебно зборуваат на некој чуден друг јазик, а не на мајчиниот српски, книжевен. И што е уште позагрижувачки, дури вршат влијание и на српските деца, кои веќе, за жал го зборуваат тукашниот јазик, делејќи се на Срби и на Македонци. Со оглед на тоа што ова било раширена појава, директорот утите еднаш апелирал до родителите, дома со учениците, да не зборуваат поинаку освен српски…

 

НА СВОЈОТ МАЈЧИН ЈАЗИК

Кажал што имал да каже строгиот гимназиски раководител и кога завршил, станува Методија Андонов и пред насобраните родители, ученици, наставници и други присутни рекол: „Господине директоре, вие не можете да го барате тоа од нас. Ниту Вие, ниту кој било друг не може да им забрани на децата дома и овде во Гимназијатаа да не зборуваат на својот мајчин, македонски јазик. Ние сме Македонци и имаме свој јазик. Нашите деца имаат право да зборуваат токму на него. Исто како што ниту ние, ниту кој било друг смее да им забранува на српските деца да го говорат својот јазик. Ако ги немаме нашите политички и национални права за самостојност во една федеративна држава кои ни ги одзеде овој политички поредок, тогаш ќе дојде ден кога оваа земја нема да се вика Јужна Србија, туку тоа што е Македонија и која ќе биде самостојна држава. Југославија има повеќе покраини со разни нации и тие единствено можат да живеат заедно со федерацијата…“

Како шок, како вистински скандал одекнал тој смел настап на Методија Андонов пред насобраните родители, професори, пред писарот и доушниците во Прилепската гимназија.

- „Уште додека зборував, ќе раскажува подоцна Ченто, полицискиот писар Миливое Матиќ веќе ги загуби нервите и почна силно да ми се дере: Престани со политички и со антидржавни пропаганди… Не можејќи да  издржи и да дочуе се што имав да кажам, се нафрли и физички да ме нападне. Му се придружија и некои професори и србомани, па против сите нив веќе беше тешко сам да, излезам на крај“.

Веднаш по овој инцидент Ченто е одведен во полицијата каде што го чекала жестока тортура. Непрекинато е тепан 12 часа. Во тоа оргијање неколкупати губи свест, му кршат ребро, му корнат коса и кожа од главата, а по телото му нанесуваат повреди и рани, од кои не ќе може да стои на модрите стапала а од силните болки што го мачат од бубрезите не ќе може ниту да седне, ниту да прилегне.

 

ЦРН АРСЕНАЛ

 

Тепањето и сето друго малтретирање не изнудило покајување, а најмалку порекнување на што било од оној „црн арсенал“, што го рекол во еден здив во Гимназијата. Напротив, решен да истрпи се, тој само ги повторил веќе чуените барања за национални права што уште повеќе ја разбеснело и без тоа збеснатата полиција.

Овој скандал без преседан, добил широки димензии и Ченто одново е турнат во голема немилост кај режимот и е предаден на државниот обвинител за да подигне обвинение за сторените дела, казниви според Законот за заштита и безбедност на поредокот. Меѓутоа, за да не се случи да го искористи тоа жестоко малтретирање за лична одбрана а за напад на полицијата во идното судско соочување, на 4 јануари 1941 година одново го интернираат во Србија и тоа во Бајина Башта. Е, тогаш, ќе му ги соберат на куп и сите поранешни непослушности и гревови, паметејќи му се, а го стасува и обвинението за говорот кој своевремено го одржал во Трговско-индустриската комора кога настапува со барање да и се дозволи на Македонија да биде федерална единица во Југославија и сама да ги покрива своите расходи од сопствените приходи.

Од Бајина Башта, Андонов требало да биде одведен во Белград каде што ќе му суди државниот суд. Меѓутоа, планот (само донекаде) го нарушува нападот на Хитлеровска Германија, зашто на 15 април утрото кога било заземено Ужице, тој со уште тројца Германци е изведен на стрелање. Снаодливо и овојпат успеал некако да се извлече од жандармериските канци, но само до попладнето. Имено, приоѓа кон една група луѓе за да чуе какви било новости. Меѓутоа, бидејќи доушниците и полицајците биле на секој чекор, го поткажуваат новодојдениот, му прилепуваат оти е петоколонаш, фатен е веднаш од воената полиција, вратен во касарната и прекиoт суд го осудува на смрт.

 

ВО ПОСЛЕДЕН МИГ

 

Пресудата веќе била готова а претседателот на судот, инаку потписник на најстрогата казна и си заминува со пајтон накај градот. На патот го пресретнале група видни граѓани, инаку Чентови познајници, се распрашале што станува со Андонов и на одговорот дека му е одмерена казна смрт и можеби е веќе стрелан, тие го опколиле и настојчиво го убедувале гарантирајќи му оти станува збор за чесен граѓани, а не за петоколонаш, па затоа молат да биде ослободен. Претседателот на судот веројатно веќе убеден оти со Ченто е завршено, сепак покажал добра волја и им предал куса белешка на тие упорни граѓани и пријатели во која напишал дека го ослободува тешко обвинетиот. Ченто кој веќе бил врзан за дрво и околу него стоеле егзекуторите чекајќи да му ги врзат и очите, спасил глава во последен миг. Во тој страшен претстрелачки час дотрчале луѓето и откако капетанот го прочитал писменцето, наредил да се одврзе затвореникот, кој не можел да им поверува на сопствените очи. Па само до пред еден миг бил на работ на смртта. Восхитен од овој незаборавен гест на пријателите, тој ќе најде начин и пријателски да им се оддолжи натаму во животот.

Но ова не било крај на неговите потреси и стапици. Главата и по третпат ја извлекол, следната вечер, кога четници, преоблечени во униформи на финансиски контролори ја нападнале куќата во која имал пристан. Ченто се спасува благодарение на чесните граѓани на Бајина Башта, па таа вечер бил сместен на сигурно, кај пријатели, во блиското село Вишесава. Неколку дена потоа, па 22 април, добива објава и заминува за Македонија.

Тоа била последната од многуте пред тоа полициско – апсански епизоди, крај на еден, големосрпскиот но за жал, почеток на друг, на бугарскофашистичкиот режим кој бргу и многу агресивно почнал да ја плете својата уценувачка пајакова мрежа, атакувајќи на повеќе активисти и граѓани не избирајќи средства и начини како да ги оствари своите мрачни цели и планови.

Враќајќи се дома и овојпат доволно зло му поминало преку глава, за да не биде крајно претпазлив и доверлив, а ете, веќе е повикан на разговор, но сега во Македонскиот национален комитет и тоа по аберот на адвокатот Атанасов од Кавадарци. Не знаејќи со кого има работа, прифаќа разговор, но понудената платформа била големо разочарување за него, и уште веднаш му станува јасно какви им се намерите на тие „вредни“ активисти на Комитетот. Кои нему, инаку лично му нудат кметска функција во Прилеп и соработка со бугарската власт, бидејќи, како што непрестајно ќе го убедуваат, „Македонија конечно се обедини со Бугарија“, па и се потребни луѓе како него.

Видно огорчен Ченго реагирал многу решително, одговарајќи оти како Македонец никогаш не се борел за обединување со Бугарија и е далеку од памет да се споменува такво нешто, туку дека се бори за обединета Македонија и за националните права на својот народ. По така отсечно дадениот одговор, Атанасов останал вџашен и стаписан, и тоа бил прв и последен разговор со Македонскиот национален комитет, своевиден експонент на бугарофилската политичка пресија, кој барал и секој на македонската територија да се изјаснува за бугарска националност.

 

НАЦИОНАЛНИ ПРАВА НА СВОЈОТ НАРОД

 

Андонов не се приклонувал кон вакви и слични комитети, независно какви платформи имале и какви последици следеле за него самиот: „Јас одбив да соработувам со бугарската влада зашто бев Македонец. Се борев против окупаторите, за мене беше најважно обединувањето на цела Македонија, но, не со Бугарија, туку на Македонија, и добивање национални права на Македонците“, (26 април 1941).

Во Прилеп, бугарските гестаповци, агентите и началникот Цветан Могилански, претпоставиле дека Ченто ќе има потреба од одмазда на сите оние кои така жестоко го линчувале во Гимназијата и во полицијата, а кои толкупати пред тоа го затворале, па сега му нудат одврзани раце за вратка и за расчистување на „старите сметки“. На ваквите великодушни понуди, Ченто само одмавнал со кус коментар дека тој никогаш не бил, ниту пак сега е за некаква одмаздничка вратка и секој нека си ја гледа работата, што многу го разочарало Могилански. Конечно, пропаднал неговиот обид, по секоја цена да го врбува и да го придобие овој претставник на прилепскиот еснаф и на напредното револуционерно крило.

Интересно било секојдневието во прилепската чаршија, а бројните случки од тоа време остануваат запаметени, некои како необични други како тажни, трети како попријатни. Така едно претпладне во Чентовиот дуќан влегува Кузман Јосифовски и како што си имал обичај веднаш отишол кај радиоапаратот сакајќи да ги чуе утринските вести од Радио Лондон. Во истиот миг реагирал газдата Методија Андонов, кој застанал до Кузмана и пред очи му го затворил радиоапаратот, прекорувајќи го гласно оти, доаѓаат само за да слушаат музика, без притоа динар да поарчат. Кузман Јосифовски го погледнал изненаден од ваквиот однос и онака поприлично зачуден излегол надвор.

Каква услуга со тоа всушност, му направил Ченто, Кузман ќе дознае набргу, кога му објаснил оти морал да му го затвори радиото пред очи, зашто во дуќанот биле бугарски агенти, предупредувајќи го притоа, кога ќе влегува друг пат тука најпрво добро да извиди и да внимава дали се тука поткажувачите и агентите, зашто доколку тогаш го пушти радиото и двајцата ќе ти затворат. Ова појаснување од Ченто, Кузман го примил и со олеснување и со благодарност.

 

ПРВИТЕ ЛЕТЦИ

 

Првите летци против фашизмот, против Хитлер и против бугарските окупаторски власти во Прилеп се фрлени на Петровден, во јули 1941 година, и истиот ден Ченто е затворен, заедно со браќата Никола и Благоја Попоски, Вера Ацева и Борка Модерното. И само благодарение на тоа што калфите на Ченто – Јоска и Борка Јорданоски навреме им сториле абер дека полицијата ги бара под дрво и под камен насекаде, успевале да куртулат од апсење, Кузман Јосифовски и Мирче Ацев. По ова, Кузман, Мирче, Борка и Тарцан, заминуваат илегала.

Кога побарала Василка Андонова одговор од властите зошто е уапсен Методија, кого до вчера го затворале Србите, а денес тоа го прават и Бугарите, и било речено оти е тој водач на комунистите кои се лоши луѓе, со лоши идеи, па затоа и е зад решетки… По неколкудневните затворски испитувања и малтретирања, Ченто и другарите се пуштени на слобода освен Аспарух Јосифоски, кого го мачеле за да изнудат признание каде се крие братот Кузман.

Во тоа окупаторско време напредните младинци, граѓаните, илегалците и комунистите се повеќе се организираат, а нивната акција од ден на ден конспиративно се шири во градот под Марковите кули. Наближува Илинден и кога допираат вестите оти Бугарите подготвуваат Илинденска прослава китејќи се со туѓи заслуги, личности и настани, Во анот на Ченто веќе забрзано се испишуваат транспаренти за слобода, за демократија, за тоа дека Илинденците се Македонци, а не Бугари итн. Меѓутоа, дежурните агенти ја провалиле акцијата при што  предаден е Јоска Јорданоски, кој дознавајќи го тоа навреме, по свои канали, се скрива и оттогаш со уште неколкумина другари заминуваат во илегала, со што и овој список постојано се шири со нови, значајни имиња и борци.

 

ПЛАМНУВА ОКТОМВРИ

 

Во Прилеп станува се помасовно и посилно јадрото на отпорот против окупаторскиот режим и акциите сврзани со подготовките за оруженото востание и неговиот скорешен почеток.

На 11 Октомври 1941 година, на овој голем ден за историјата, одекнуваат слободарските истрели, се огласува првата пушка во Македонија. Пламнува Прилеп, пламнува октомври, почнува востанието и оружените акции. Во ова време Ченто не учествува директно во тие акции околу нападот на Участакот од страна на прилепските партизани, но во есенските дни, во зимските месеци и потоа ги помага борците и испраќа пари и храна снаоѓајќи се тоа да го чини на најразлични начини и по низа тајни канали и врски.

За таквите акции во 1942 година одново е провален и затворен со калфата Борка Јорданоски, додека неговиот ортак Круме Волнароски успева некако да се спаси за потоа и тој да замине во илегала. Непријателските власти наоѓаат некаков повод, прават претрес во куќата на Ченто, го пронаоѓаат Уставот на Советскиот Сојуз и тоа е нов „несоборлив“ доказен материјал за опасниот елемент“ за кого и веќе нема место во Прилеп па затоа и ќе биде однесен во битолските зандани.

И по се она што се случувало околу него, Методија Андонов малку ќе минува дома, меѓу своите. Веќе во првите месеци на есента тој одново се наоѓа на списокот на опасни те противници на бугарскиот режим, а поводот е ист, како и претходниот — ги помага партизаните. Меѓутоа, сега казната е тешка, ставен е на списокот на групата што ќе биде  стрелана кај Дабница, а го спасува единствено случајноста, што за време на апсењето не е во градот. Со оглед на тоа што при секоја акција на комунистите веќе е осомничуван и затворан, тој често заминувал надвор од Прилеп, по набавка на производи за компанијата за која работи.

 

ОДМАЗДА, РЕПРЕСАЛИИ

 

Бргу се расчуло за големото дабничко злосторство, па така, Ченто речиси месец и половина се задржува низ разни места на Тиквешкиот крај. Оттаму заминува за Скопје, каде што се среќава со Кузман Јосифовски при што овој виден активист му предлага, веднаш да оди во партизани. На Ченто пред очи му излегуваат опасните репресалии што одмазнички ги вршат жандармите над семејствата на партизаните. И, Што да се стори? Како да се заштитат сопругата и четирите деца, мисла постојано присутна кај него.

Се враќа дома, но само што пристигнува во Прилеп, одново е со синџири на рацете.

Овојпат, веднаш е одведен во Скопје, каде што продолжуваат истражните тортури и присилбата да ги признае и да ги открие врските со партизаните. Отсечното, многу решително негирање на било какви контакти или помагање на партизаните, им ги избило адутите на иследниците, па ниту соочувањата со сведоците не помагале да ја променат ситуацијата, за да биде тој конечно и обвинет. Без докази, полицијата останува со празни раце, па не можејќи да подигне обвинение, барем си игра пинг-понг со нервите, одново враќајќи го во прилепските зандани, а малку потоа, назад во Скопје.

 

ИНТЕРНАЦИЈА

 

И тоа не е се зашто, Ченто го испраќаат во озлогласните софиски и пловдивски затвори, каде што, во нив вистина останува кусо време, но апсанските одисеи продолжуваат со интернацијата дури во Родопите, на турската граница.

На 2 јануари 1943 година, тој е во гратчето Златоград, обземен од грижата за опстанокот на семејството. Еден месец, потоа добива налог за нова затворска селидба. Сега ќе биде однесен во Горски Извор, турско село на два часа одење од Златоград. Запаѓа во тешки услови за живот, се бори со глад, со вошки и со глувци, но најмачно од се е што полицијата му врши непрестајна пресија.

Кон крајот на април го пуштаат, се враќа во Прилеп, меѓутоа одгово само за кусо време. Радоста на семејството од повторната средба траела триесетина дена, зашто само толку бил со нив. Власта пак му става синџири и сега го испраќа во логорот во Чучулигово Рупел, каде што одново се соочува со неподносливи услови, со тешка работа и со глад, со групата прилепчани, издржуваат се до почетокот на август 1943, кога се извлекува од овој логорски пекол и се враќа дома.

Конспиративните врски, состаноци и јавки, продолжуваат како и сето време пред тоа, кога Ченто работи во чаршијата која, како што во неколку наврати повторуваме е се пополитизирана, а левичарско-собирниот центар – неговиот дуќан, продолжува да им биде три во окото на режимочуварите. По се она што го преживеал претпазливоста му е многу голема и веќе преку глава му е се околу него непријателско, полициско. Меѓутоа тој не попушта, ниту пред честите апсења, ниту пред суровата окупаторска одмазда. Не можат да го скршат и да го замолчат…

Продолжува…

Нема Коментари

Коментирај