23 март 1990: Фељтон за Методија Андонов Ченто, објавен во „Нова Македонија“

Фељтон: „Методија Андонов – Ченто“, 1990 година (1)

Фељтон: „Методија Андонов – Ченто“

Објавен во Нова Македонија во периодот од 23 март до 12 април 1990 година 

Автор: Фиданка Танаскова

 

ПРЕСУДА:

Од името на народот

Методија Андонов Ченто (44) се лишува од – слобода 11 години, со присилна работа и губење на политички и одделни граѓански права, освен родителските и тоа, пет години по издржувањето на казната…

Окружен народен суд во Скопје. Претседател Панта Марина, членови Лазар Мојсов и Коле Чашуле, помошен јавен обвинител Благоја Поповски. Пресудата е според Законот за кривични дела против народот и државата, а по одржаниот главен и јавен усмен претрес на 19, 20 и 21 ноември.

Во Скопје, 23.11.1946 година

Така му пресуди Народниот суд на првиот  претседател на Република Македонија. Така му пресуди, а конечно, така заврши и се изврши за Методија Андонов Ченто. Неговата жалба, адресирана до Врховниот суд на Македонија и до Окружниот суд во Скопје, беше одбиена и новопонудените аргументи не излегоа на мегдан за да можат пред лицето на правдата и пред лицето на јавноста, евентуално, да повлијаат на строгата казна – 11 затворски години со присилна работа, кои станаа и останаа Чентова судбина, а само малку подоцна и негов дефинитивен крај.

Дали тоа беше праведно одмерен аршин за грешките и сторените дела? Можеби данок за непокажаното покајание на никогаш не понудената молба за прошка?

Дали тоа беше данок кој мораше да се плати.

А кои се големите Чентови гревови, што му ја донесоа омразнатата и неславна титула на предавник, шпион, грешник, соработник со непријателите и со странските сили….

Ред до ред, најтешки, опасни, обвинувачки квалификативи, кои во тоа време, па и во други времиња, доволно се уривачки, лесно и бргу, речиси одеднаш да го збришат и избришат човека од јавната, па дури и од историската сцена, засекогаш.

Дали историјата (не) се пишува додека се хероите живи? А, како ќе се пишува кога хероите заминуваат, тоа сигурно како и досега, а и во иднина, ќе покаже и докаже времето, чиј суд низ столетијата бил некаде со променлив успех, но главно бил суд, верен и непогрешлив. Треба ли и во оваа 1990 година не само да се прави обид, туку многу настојчиво да се трга по расветлувањето (па нека е и делумно) на оние често споменувани црни петна – бели петна, на оние неразјаснети периоди од нашето минато да се одгатнуваат мистериите за одделни личности итн.

Зашто, одвреме – навреме, за последниве години позасилено, случајот на Методија Андонов Ченто ги бранува духовите, будејќи и наметнувајќи многу дилеми и прашања, отворајќи непознати простори, нудејќи непознати факти и трагајќи по нови одговори!

 

ВИСТИНАТА И КАКО ДО НЕА

Но, како да се пишува и опише, како да се допре всушност, до вистината – Ченто? И кој беше Ченто? Каков беше неговиот животен пат? Кои му беа идеалите, за што се залагаше? Дали е невина жртва, или го доби тоа што му следуваше?

Тешко и неизвесно беше повеќемесечното наше барање изворни документи, молби за контакти и средби со љубезните, колебливите, нељубезните и воздржаните соговорници. Потоа, дилемата – како да се прекине молчењето на дел од значајните сведоци. Како да се одговори на заканите и „добронамерните одвраќајња“ од вакви „жешки теми“? Конечно, малку нешто можеше да биде посилно од желбата да се трага чесно, за да се – дојде, да се допре до вистината, толку – колку што е можно, толку – колку што дозволуваа условите и околностите. Тој предизвик беше навистина голем.

Најпрво, за ѕидот на молчењето и сомничавото вртење на главата, затворањето телефони и избегнувањето на натамошни контакти, само при споменувањето на името Ченто. Така и се случуваше, претходниот договор веќе утредента да не важи, бидејќи дел од идните соговорници се премислуваа преку ноќ и сметаа дека сепак, најдобро е тие да останат подалеку од оваа тема, со шепнување и кусо возвраќатье оти нивните кажувања и записи ќе се отворат, Но, само по нивната смрт или по смртта на одделни врвни личности од тој период?

И, кога кај некои луѓе се успеа да се појде, па макар и само на консултативна средба, тогаш авторот на овие редови не ретко беше дочекуван со сомничавост и со првата и најважна резерва (или одлука) — тие не сакаа да зборуваат за весникот.

И ова не е се:

Упорноста и желбата да се допре до архивите, да се отворат досиејата, да се проверат одделни – факти, остана, сепак, повеќе желба отколку стварност, зашто и тука се немаше којзнае каква — среќа. Имено, во писмото испратено до ЦК СКМ, баравме да ни се овозможи да ги добиеме на увид документите од партиското политбиро, поточно од состаноците во почетните дни и месеци на 1946 година кога, не само што е период на најжестоки критики на Ченто, туку е време кое, практично е  и пресудно за оставката што набргу потоа ќе следува – заминување од функцијата претседател на Президиумот.

Писмото од ЦК СКМ, навистина бргу пристигна, меѓутоа, со разочарувачки одговор, зашто во тамошните архиви воошго не постојат записници или друга „употреблива“ за нас документација од тој период. Ова, истовремено, беше и логично прашање: каде се тие? Кој имал пристап и дозвола да ги земе и да ги однесе? Кому не му одговарало да останат сведоштво за генерациите? Дали завршиле (најверојатно и најголем дел) во приватни, лични депоа или, пак, намерно им е избришана секоја трага поради (не) познати причини? Дотолку повеќе што ги нема, барем не, поцелосно ниту во Архивот на Македонија како што повеќемина не упатија, а и ние со нив малку наивно верувавме оти е така.

Писмо со лична содржина, поточно со баранье да ни се стават на увид дел од досиејата на Методија Андонов Ченто, упативме и до РСВР. Меѓутоа, и тука ни беа променливи и среќата, и надежта.

 

(НЕ) ПРЕМОЛЧАНИ ПОРАКИ

 

При затворени врати и доста испразнети архиви, барем со она најважното, најнужното, при одбивања и сомничави приеми кај одделни живи и значајни сведоци, кои можат и треба да говорат и да проговорат, остануваше да се потпреме на подадената рака за соработка, разговор и ставање на увид како на расположливите материјали, така и на сеќаваньата и желбите за помош кај сведоци — директни и индиректни учесници, блиски и далечни луѓе, оние кои изразија готовност и волја да проговорат и да помогнат во настојувањето да се обелодени вистината за случајот Ченто. Случај, кој цели 44 години останува да биде, за еден голем дел, да не речеме огромен број луѓе табу – тема, под чиј превез се крие многу нешто некажано или недоискажано, нејасно, таинствено, рашомонски… До тврдењето и сомневальата, што не следеа речиси постојано, дека тоа е монтиран процес, со изманитулирани актери и сведоци, од тогаш некаква раздвижена машинерија итн. итн.

Но, како може да се премолчат пораките и прашањата што ги содржат паролите и плакатите кои осамнаа на ѕидови во Скопје, Охрид, Прилеп: „Ченто живее“, „Кој го уби Ченто“, „Вистината за Ченто“, „Прозборете за Ченто“. Потоа, плакатите што продефилираа на митинзите на младите и на еколозите: Барањето од страна на македонски организации од Торонто, од Перт и од Сиднеј,  барања чуени и од трибините на новооснованата МААК и Лигата за демократија за враќање и сместување на Ченто во оние историски рамки во кои и беше оваа личност. И најсилно, и најмасовно од сите, остана на ехо – Ченто, Ченто! што прозвучи од илјадници грла на февруарскиот собир на солидарност со Македонците од Бугарија во Скопје, кога и неколку слики на првиот претседател на Република Македонија беа наредени крај оние другите, високо издигнати револуционери и заслужни македонски дејци.

 

ТРАГАЊЕ И СТРПЛИВОСТ

Отворањето на досето на Методија Андонов Ченто, но, од оваа временска дистанца, навистина нуди една повидоизменета, подолга, интересна животна сторија, проследена низ годините на неговата младост и зрелост, како работник дуќанџија, граѓански напреден активист, видна личност на прилепската чаршија. Потоа, сторија за излегувањето во партизани, членувањето во Главниот штаб на НОВМ, за доаѓањето на тронот – прв претседател на Основачкото собрание на Президиумот на АСНОМ, прв претседател на македонската Република – па се до разногласијата, несогласуваньата и поинаквото видување, до неговите поинакви ставови за одделни потези и решенија на раководните органи и личности во тоа време и се до падот и заминувањето од политичкиот живот, апсењето, судењето, затворот и смртта.

Овој широк и знаен, но по многу нешто непознат мозаик, чие заокружување (како што споменавме) бараше доста време, трагање и стрпливост, да се надеваме дека сепак, во идните продолженија, ќе даде една поцелосна слика и ќе проговори (по) автентично за табу-темата наречена Ченто. Со отворени страници за сите оние кои би понудиле ново, неистражено, а значајно за оваа личност.

 

ТИЕ ГОДИНИ, ТИЕ ВРЕМИЊА

 

Кој е Методија Андонов Ченто?

Сепак, најдобро е да се тргне од почетокот:

Методија Андонов Ченто е роден на 17 август 1902 година, во Прилеп, во сиромашно семејство и во средина, во која мајка му Захарија (од Плетвар) и татко му Андон (од селото Лениште) се доселиле во градот под Марковите Кули, само неколку месеци пред да му се израдуваат на своето првородено машко дете. Зашто, ниту едно од трите девојчиња пред него не преживеало. Болестите, сиромаштијата и општите животни услови го земале својот суров данок.

Без покрив, без земја и без пари, фамилијата Андонови, надничарела на афионските и на тутунските прилепски полиња, заработувајќи толку, колку да може одвај да преживее. Судбината е иста и за Методија, којшто од првите дни на детството и на младоста ја почувствувал на сопствената кожа борбата за опстанок и повеќепати поради неисхранетост бил на работ меѓу животот и смртта. Многу рано морал да печали и да придонесува во семејното ќесе, главно со аргатување и чиракување, снаоѓајќи се на сите можни начини во тоа време. Но, и покрај сета суровост на животот околу него, тој имал силна желба да учи, колку што, се разбира, му дозволувале условите. Така дошол до четвртото одделение и кога била прекината наставата поради почетокот на Првата балканска војна и српската „капа“ над Македонија, учењето на туѓ јазик и се друго одново му паѓале тешко, но не го поколебале, туку напротив, па тој, по извесни прекини, и учи, и работи по бавчите и дуќаните, по железничките пруги, тунели и на изградба на патишта.

Во 15-тата година, неговото работно место е од рано наутро па се до доцните претполноќни саати. Преголемо и пресилно оптоварување за слабиот и недохранет млад организам. Меѓутоа, маките и проблемите го следеле како проклетство. По тешката таткова болест, Методија рано останува главата на Андонови. На 17-годишна возраст веќе е принуден да почука на вратата на темните, прaвливи хали на прилепскиот монопол. Работодавците го дочекуваат сомничаво. Вртат со главата и не сакаат да примаат едно од кожа и коски момче, кое и натаму упорно, со судни маки докажува дека е веќе возрасен и со многу тешка материјална положба, па некако, сепак, успева да влезе низ вратите на монополот.

Тешки времиња, живот неизвесен, евтино надничарење во правливите сали на прилепскиот монопол и по многуте тутунски полиња е разочарувачкото, но, ете неминовно секојдневие на младиот Методија Андонов, кому борбата за опстанок му се наметнува како неминовна преокупација и таа станува негова судбина. Меѓутоа, тој се ќе поднесе стоички, исчекувајќи подобри времиња и правејки планови за една поинаква своја иднина.

 

НАПРЕД ЧЕТО – НАПРЕД ЧЕНТО!

 

Отворањето на стручното Трговско училиште во градот одвај го дочекува, се запишува со голема волја и го завршува во рокот, со одличен успех. Околу 1921 година е основано и првото гимнастичко друштво во Прилеп каде што набргу станува еден од неговите најдобри членови, толку добар што честопати лично самиот ги водел редовните вежби на четата. Еден ден, при командувањето наместо да извика „напред чето“, тој направил лапсус, па наредил „напред ченто“. Другарите прснале во смеа, шегата ја престориле во вистина и од тогаш така почнале да го викаат постојано својот пријател. Во почетокот многу им се лутел на овие прилепски врсници и младешки играрии, но кога мајтапчиите го разнеле прекарот низ чаршијата веќе се било готово, Ченто се помирил и прекарот му останал засекогаш.

Во ова меѓувреме почнува со работа и Гимназијата. Методија е повикан од својот учител, кој, како на одличен ученик, му предлага државна стипендија и можност да го продолжи школувањето во Белград или во Загреб. Но, како да замине од Прилеп? Може ли да се остават на милост и немилост најблиските, домашните. Многу тешката фамилијарна состојба и низа други причини биле на крајот пресудни за конечното не, и тој останува во Прилеп. Кога е затворен и монополот, Андонов одново се враќа по заработката во чаршијата и во тамошните крчми и дуќани.

Што утре, како натаму биле постојаните дилеми на Методија особено во оние чирачко-калфиски предолги деноноќија во прилепската чаршија. Не можејќи повеќе да го издржи тоа темпо во трката за гол живот цврсто се амбицира, ја минува тогашната процедура и во 1926 година го добил првото уверение од властите за лично крчмарско право, со што почнуваат неговите мошне успешни дуќанџиски години и децении. Тој есента ја отвора својата прва, вистина скромна бакалница, но тоа е почетокот на сите оние времиња натаму, кога станува еден од виднитге личности на прилепската чаршија, а дуќанот едно е од значајните места на средби и договори, на минување и на состаноци на најнапредни, прогресивно ориентирани сили и на интелегенцијата од градот под Марковите Кули. Секако значајно место, бидејќи тука, во тој дел, речиси пулсирало срцето на еден вистински богат, интересен, несекојдневен градски живот, каде што се одигрувале многу добри и неубави случки и настани.

Инаку, уште од трговско-училишните дни тој почнува да чита социјалистичка литература, за правото на работниците, па ќе рече: „Како гимнастичари, како членови на мандолинскиот оркестар не воспитуваа да го сакаме кралот и да прифатиме дека сме јужносрбијанци“. Меѓутоа, очекувањата и резултатите на властите им беа обратни. Зашто, колку повеќе мислеа оти не убедуваат во тоа, двојно повеќе во нас буеше и себесознавањето и револтот оти не сме тоа што други ни наметнуваат и посакуваат. Членувањето во соколското друштво го прифативме за да можеме почесто да се среќаваме, да ги проверуваме идеите меѓу нас, да разговараме и да се договараме, без да страхуваме оти ќе паднеме во очи на Полицијата која забрануваше собири, посебно во вечерните часови…”

 

НЕПОМИРЛИВОСТ

 

Во оние интересни па и незаобиколни настани од неговиот живот ќе ја споменеме и брачновенчалната рашомонијада, чиј расплет траел дури шест години. Имено, по свршувачката во 1929 година, со стројната мома Василка Поп Атанасова, попска внука, му било префрлено дека, кога веќе влегува во таква фамилија не би требало да се занимава со политика и тоа со погрешна, марксистичка, која нема добри мисли за црквата. И згора на се, проповедот на некојси свештеник Грдановиќ кој бил најгласен во предупредувањето дека не чини тоа што е здружен со противници на кралот и на државата, зачинето на крајот со најсериозната закана дека мора да му е јасно оти црквата може да не му даде согласност за венчавка.

Останувајќи непомирлив со лицемерството и на свештеникот Грдановиќ, но и на други црковни лица кои, според него, проповедале еднаквост, а најмалку правеле неа да ја има, на таквата уцена за покорност, одговорил дека во бракот може да стапи и без помош на црквата и пркосно решил сепак да биде по негово: заминува во Нови Сад, се пријавува за привремен жител и таму 1930 година склучува граѓански брак со Василка Поп Атанасова, што била невидена „дрскост“ и шок не толку за попското семејство, колку за некои други во градот. Само, новопечениот младоженец и не претпоставил уште колку судски и канонски пречки и други прагови ќе го чекаат за да стекне полноважен, озаконет брачен статус. Ова невесело поглавје на стартот од новата животна заедница е окончано дури во 1936 година, и тоа со одлука на Касациониот суд во Белград.

 

ВИДНА ЛИЧНОСТ НА ПРИЛЕПСКАТА ЧАРШИЈА

 

Во тоа време фамилијата Андонови е зголемена за два сина, а Ченто доста напреднато и веќе со стекнато солидно име и реноме работи во чаршијата. Се дружи со прогресивни младинци од градот, а неговиот дуќан е место каде што се собираат напредните студенти кои имале и носеле слободољубиви и прогресивни идеи. За тоа подоцна Методија Андонов ќе рече: „Најмногу се восхитував кога дискутиравме за минатото и за новото, за подобрата и посреќна иднина, наша македонска, која мора да се избори и оствари. За великаните од овој крај Ѓорче Петров и Пере Тошев, за другите видни македонски имиња од револуционерното минато. Тоа многу ме исполнуваше и ми даваше чудесен елан и волја…“

Некаде пред крајот на 1934 година прилепските студенти ги пренесуваат директивите од Белград кои носеа порака, Комунистичката партија да се бори и да настапува против власта, преку легалните напредни опозициони партии. Се настојуваше да се формира нов македонски фронт наречен Македонски национален покрет или MAНАПО, чија платформа ќе е автономија на Македонија и нејзина самостојност во заедничка федеративна Југославија.

Нема што, младите стануваат се поактивни, носители креатори на новото и прогресивното и почнуваат да испишуваат нови страници на прилепскиот живот и македонската вистина. Почну ваат да се испишуваат и растураат и летци. Летци донеле и студентите од Белград со потписот на Драгољуб Јовановиќ за кого и Ченто верувал дека искрено ја поддржува борбата за македонската самобитност, а против Љуба Давидовиќ кој не сакал ни да чуе за Македонија и за Македонците. За учество во акцијата и за пренесувањето и растурањето на летците Ченто е поткажан и набргу потоа затворен.

 

БИТКИ И ИГРИ

 

Ова предупредување и закана на властите уште повеќе го предизвикуваат, па продолжува многу поупорно да се активира во политичкиот живот во градот. Во 1935 година, со помош на своите сомисленици и напредни граѓански претставници, е кандидиран на изборите на Здружената опозиција на Мачек, кој е за федеративно уредување на Југославија. Меѓутоа, со фалсификат и со нечесни игри, битката на изборите е загубена. Една година подоцна, врз основа на пријавата од началникот на околијата, за наводно организирање на политички собир без претходна пријава и дозвола од полицијата, Ченто е одново осуден на казна затвор и глоба од 4.000 динари. Не помогнала ниту жалбата до банската управа во Скопје, која не го погазила првостепеното решение на „ревносниот“ началник, па во август Ченто мора да ја одлежи казната и да ги плати парите. Навистина, Управниот суд од Скопје ја поништил банската пресуда, но кога веќе било доцна, дури на самиот крај 31.12.1938. Мала сатисфакција, особено што правдата стасала по цели две години влечење на тој процес.

Инаку, во текот на оваа година Ченто е се поактивен во политичкиот живот и ценет човек на чаршијата. За него своевиден предизвик се и изборите за Народната скупштина кога го чекала неизвесна битка. Тој во родниот град, пред се, морал да ја добие поддршката за пратеник на Здружената опозиција, што едновремено значело и потпора, во инаку силната трка на партискиот мегдан. Ченто го форсираат и студентите со кои одлично соработувал, со членовите на КП, чии имиња и презимиња и тогаш, а во наредните години уште повеќе ќе бидат познати и ценети, како активисти и борци во Македонија и подалеку: Кузман Јосифовски, Мирче Ацев, Борка Талески, Јоска Јорданоски, Љубен Лапе, Димче Мире…

 

ИЗБОРНО-ФАРСИЧНИ МЕГДАНИ

 

Следела друга изборна трка кога влегува на листата на Земјоделската партија, која е член на Здружената опозиција. Многу жестоко и отворено е водена битка околу тоа дали водачите на српската Земјоделска партија на чело со Јоца Јовановиќ ќе се борат за националните права на Македонците, зашто отпорите од почетокот биле огромни. Но, упорните прилепчани не мирувале и не денгубеле во исчекување на нечија милост и добра волја, па затоа и директно контактирале со лидерот Владко Мачек кој ги поддржувал националните права кои би ги добиле Македонците во федеративно уредената држава. Јовановиќ и Земјоделската партија подоцна исто така дел од тие права и барања прифатила, но со услов, да не бидат истакнувани пред, туку по победата.

Наближувањето на изборната трка претпоставувало доста договарања, работа, добро организирање и повеќе патуванье, Ченто бил двојно ангажиран и како меанџија со тоа што неговиот дуќан бил собирно место на членовите на партијата, а и како човек кој работел директно на теренот. И не случајно на изборите, речиси главна била паролата Ченто — Мачек, што во конечна сметка подразбирало очекување на уверлива победа на оваа партија и нејзиниот кандидат.

На денот на изборите просторот околу дуќанот на Ченто бил претесен да ја прими масата народ која надоаѓала од сите страни кон центарот на градот. Покрај многубројното граѓанство биле присутни и неговите другари од соколското, од велосипедското друштво, планинарите, фудбалерите на Хајдук итн.

Штотуку формираната колона со високо кренати транспаренти на кои впечатливо биле испишани паролите за демократија и за народни права и слободи, тргнале кон гласачките места, мин увајќи низ центарот на Прилеп, и натаму, по Битолското џаде пристигнале кај месноста Ѓогдере, каде што се нашле очи во очи со полицискиот и воениот кордон. Поворката се претворила во демонстрации. Учесниците извикувале пароли ,,За демократија“, „Долу владата“, но веќе биле немоќни пред бајонетите и разбеснетите жандарми па на крајот морале да се разотидат.

Исчекувањето на резултатите од изборниот дуел и носел и не носел сомневање. Пребројувањето на гласовите набргу му донело возбуда на Ченто, кој со другарите веќе бил убеден во победата, затоа што се покажало оти од 3.815 тој добил 2.113 гласа. Меѓутоа, JP3 партијата која добила мнозинство, го искористила законското право да одземе од опозицијата 40 отсто од изгубените пратенички места, меѓу кои потпаднал и Ченто. Веројатно затоа што идната владејачка гартија ЈРЗ не сакала и се плашела во Собранието да има такви противници.

По тој валкан изборен танц и по некои други нечесни подметнувања на Мачек, а подоцна и на Гавриловиќ, било повеќе од јасно и гласно оти „никој не ќе му подаде рака на Македончето“ како што запишал Ченто, туку дека без никаква помош мора сам да ја води и добива битката за правда и вистина, независно дали ќе бидат тоа изборни трки или на други начини. Зашто, за каква и да е поддршка, секогаш платената цена била превисока, а корисноста, речиси никаква.

ФЕЉТОН БРОЈ 2

 

 

 

Нема Коментари

Коментирај