НАРОДНИ КАЖУВАЊА
ЕДЕН БЕШЕ ОРДАН ПОПЕТО
(Раскажува Васка Клисуроска од Прилеп, стара 86 години)
Комитетот ко се почна во Прилеп, ко му земаа пари на чорбаџиите за да купат оружје и ко ќе дојше Бајрам, каурите и пробаа пушките и пиштолите како пукаат. Каурите и пробаа од оџак. При пукањето на Бајрам каурите пееја песна за покрстувањето на најмалата ќерка од Расима. Расим беше најлош Турчин во Прилеп. Рисјаните му е грабнале, комитите му е грабнале ќерка му на Расима и е однесле во Софија.
Мајка му на Расима му рекла:
Не седи Расим распашан,
Мартинот ти е на страна,
Мицко кумета излегол,
Твојата сестра е грабнал,
Најмалата и најличната,
Каурско име и туриле, Марија.
Не бери мајко гајле,
Чифлигот ќе го продадам,
Сестра ми ќе ја куртулам.
Сестра му вели, говори:
Не продавај си брате чифлигот,
Оваа вера е подобра,
Секој ден бела промена,
А вие брате шо имате,
Еден го Бајрам имате…
Расим од Прилеп и јадеше рисјаните. Агите агалакот го држеа. Тие беа појќето бербери и сарачи. Ко ќе појде рисјаните на бричење и ко ќе се избричеле ќе му речел берберот:
- На здравје чорбаџи!
Рисјанецот ќе го завртел лицето, ако не го за вртел лицето берберот ќе му удрел шлаканица. Мавале на рисјаните како шо рекле постарите од мене: На тапанот се мава, cè дури не пукни!
Агите за кумитите велеа: Кумита земја не презема!
Агите се излагаа. Тие беа како шо рекле постарите од мене: На јазик се како еж пред дупка. А, те боцнаа, боли до коски!
Булиман беше од Прилеп. На прилепчани му се здодеа од него. Булиман и јадеше прилепчани како леб и сол. Атанас Митревчето од селото Леништа со некои прилепчани заедно еден ден го начекале Булимана кај Ленишка Река и тука го отепале. Трупот од Булимана го клале во една вреќа и го однесле на патот кај казармите. Поганите места му и пресекле му и клале во устата и го остајле и без нозе и без раце. Агите тогаш рекле:
- Анасана, афрадана!
Прилепчани велеа:
- Аги, Булимановци, не буричкајте во туѓи бовчалоци.
После отепувањето на Булимана уште еднаш не помина Турчин во село Леништа.
Еден од кумитите му рекол на еден Турчин:
- Не се плашам од тебе, гаќите ти се посрани!
Агата му рекол: Ако ми се гаќите посрани, далјано ми е на праго.
Уште речта Турчинот не е дорекол, го грабнал далјанот и го отепал кумитата.
Кога стана Уриетот во 1908 година прилепчани се развеселија. Одеа и мажи и жени, дење и ноќе по кафаните. По чаршијата имаше веселба. Се пееше: Јашасан милет! Јашасан уриет! Јашасан султан! Веселбата беше куса. Агите и собраа сите чорбаџии на казарна. Сите таму и затворија. Никого во казармата не пуштаа. Не се знаеше кој е затворен. Агите и спрегнаа сите чорбаџии во колите да и тргаат колите за кај Заград и Варош. Сите тогаш си го изгубија здравјето. Спрегнатите чорбаџии крв промочале. Агите немаа милост, ама тие не се надеваа на она шо го рекле старите: Не дувај против ветрот оти ќе ти се врати плуканицата!
Ете каков спомен дочекаа прилепчани од Уриетот. Во казармата тогаш беа затворени и спрегнати во коли: Јон и Спиро Шабан, Аџи Поп Јон, Наум Шиндил и други. Најмногу бил измачен Наум Шиндил. Тој во тоа време беше голем чорбаџија. Тој беше бафчанџија. Бафчата е работеше со аргати.
Еден беше Ордан Попето. Сиот век и береше кумитите. Ордан Попето беше шнајдер. Тој го остај занаетот, ни работа ни сабота умо му талкаше само по кумитлакот. Ордан Попето имаше помал брат. Се викаше Ничо. Ничо бил сиот век калфа кај Киру Плочарот. Тасе дури пораснал бил калфа и заедно со Ордан Попето работеше кумитлак. Ордан Попето и Ничо се од Варошлиовци. Кај Варошлиовци со кирија седеше Панту Гордомеј. Арно ама, ко дојдоа кумитите од Бугарија, Ордан Гавазот и Стојан Чемков влегле кај Кордомеј, се префрлиле кај Белазелковци, од кај Белазелковци се префрлиле преку Шмакевци. Турските заптии и аскери бастисаа и ги најдоа кај Белазелковци. Ордан Гавазот тргнал со пиштолот и го убил Шемков, после Ордан Гавазот сам се отепал. Шемков бил отепан на скалите, а Гавазот се отепал внатре во собата. После ова турските заптии и аскери напраја голем претрес во куќата од Варошлиовци. Во претресот напред требало да оди мифтарот. Мифтарот не одел напред. Му било страв. Тој праел како шо рекле постарите од мене: Со кус стап во вода не одел!
Напред кинисал Ордан Попето. Ордан Попето за рака го водел своето внуче Петрета Варошлија. Ордан Попето на аскерот му рекол:
- Аман бре, имајте исав, да го остам детево да не се уплаши!
Секој трети ден турската власт во Прилеп праеше претрес во куќата од Варошлиовци. Ордан Попето се само задуман стоеше ни црна ни бела, само умо му беше кај кумитите. Нивната куќа секогаш беше полна со кумити и пушки и куршуми. Секогаш во нивната куќа имаше по три-четири кумити облечени во кумитски алишта. Лежеле на миндери. Еден ден дошол и Коце Ковил кај Варошлиовци. На Коцета Ковила Петре Варошлија му рекол:
- Ако го бараш чичко Попето, ене го горе!
Петре Варошлија тогаш бил мал. Кумитите го затвориле во собата, а пред тоа му дале пет пари за да си купи јаблеби-шеќер, за да седи дома и да не излегува на порта.
Петре им велеше: Не кажувам и не излегувам на порта ако ми дајте пари за да си купам јаблеби-шеќер.
Во куќата од Варошлиовци долу имаше долап, горе мусандра.
Ничо Варошлија беше затворен во Битола. Ископале неколку души канал и избегале. Тогаш од затворот избегале три-четириесет души. Меѓу избеганите биле Димко Миноски и Даме Аџикочоски. Ничо Варошлија го осудија за отепувањето на еден шпион од Кавадарци. Овој шпион го отепал во Мртоечко Сокаче кај чешмата од Башевци. Кумитите го испратиле Нича за да го отепа шпионот. Откако се ослободил Ничо заедно со другите заминал кумита, а после отишол на гурбет во Америка. Тогаш беше чортотане. На вересија се даваа пасошите.
Ордан Варошлија Попето влегол во организацијата на ВМРО во 1890 година во Прилеп. Како легален работел сè до 1903 година кога е отепан во село Чаништа, Мариово, како кумита во четата на Ѓорче Петров.
Во прво време Ордан Попето Варошлија работеше кај Никола Колаче. Колаче беше мајстор френк-терзија. После работеше како френк-терзија кај Панта Кордонбеј. Мајсторот годишно му давал на Попето триесет и шест лири.
Ордан Попето со четата со турските аскери се тепал, се тепал и едно време му се припило вода и заедно со Јован Бабин отишол кај изворот. Турските аскери биле зад ридот и обајцата се отепани тука кај изворот во село Чаништа.
Таса Варошлиоска знаеше чисто турски да зборува. Честопати одеше по турските куќи за да разбери шо мисли турскиот уќумат. И Димко Варошлија беше во организацијата. По наредба на организацијата тој стана турски џандарм. Во турската џандарма имаше десет до петнајсет рисјани. Сè шо ќе разбереа тие ќе доставеа на организацијата. Рисјанските џандарми пренесува и оружје на четите.
Во турско време во куќата на Коле Билертаџијата, карши фудбалот, до Блажета Кепески, беше кафана. Тука се збираа младите. Ордан Попето оттука го зедоа за на претрес во неговата куќа. Турските аскери го прашале:
- Шо бараш кај Колета Билертаџијата секој ден?
- Ами ага-ефенди таму ние младите се збираме и играме биларто, трупа, табла. Да мини времето!
- А, да мини времето?!
Во турско време прв панталоми клал Панта Кордонбеј. Панта бил зет на Гавазовци, а тој бил од Каранбулевци. Фамилијата на Панта Кордонбеј е затрена. Во турско време мажите носеа антерии.
Некогаш во турско време во Прилеп имало само еден доктор. Тој одел со скинати алишта, никој не одел кај докторот, туку оделе кај бајачи и гледачи. Немал работа. Ќе умрел за јадење.
Ката Варошлиоска и переше и ѝ гледаше ранетите кумити. Ката многу маки тргаше, многу маки виде. Ката на Ордана Попето му велеше:
- Убав занат учиш, си тргнал само по кумитлакот, се само задуман стојш. Доста оде по кумитлакот, вати се за занаетот.
Таса Варошлиоска беше прв доктор без диплома. Со маџуни, треви, мачкање, клавање грнина на папук, седење на болниот на бакар, џумче на папук. Ко ќе одеше Таса по куќите за да лекува болни џумчето и грнето и криела под сакото. Од сите болести лекуваше. Таја со гаранција жените и породуваше. Ако некоја жена немала дете лечеше и по таа работа. Ете тоа беше доктор. Салам доктор. Со тие пари Таса и издржаваше кумитите. Таса беше мајка на Орде Попето. И рисјаните и Турците се лекуваа кај Таса. Тие веруваа во Таса. Зет ми Диме Баше падна тешко болен, ќе умреше. Отиде во Битола кај Спанајќовци. Не можеле да му најда крајот. Ни умираше ни стануваше. Докторот Чкатров му рекол:
- Те сторивне консулато, ништо не можиме да ватиме од која болест си ватен, кој црв те гризи.
Докторот цела ноќ читал, читал од докторските тефтери и најпосле рекол:
- Ќе го лекуваме со бабини-деветини, нека донесат пијајци. Ќе видиме шо ќе стани.
Донесле пијајци. И клале. Пијајците не ваќале.
- Баше, брзо по едно коњаче, пијајците за атер не ваќаат!
Викнале бербер, Башета го избрикле кај вратот. Пијајците не ваќале од косата и од нечистотијата. Откако пијајците ватиле Диме и отворил очите.
Лекуваше болни и баба Елка. Таја беше од Какарасковци. Елка беше помлада од Таса. И таја одеше со грнето по куќите и прајше себап на болните.
Баба Ката Варошлица од комитлакот осиромаши. Таа ни велеше:
- А бре деца, а бре пилина, не можам да се зберам.
Орде и Ничо и беа девери на Ката, браќа на мажот е. Таа мака голема виде. Турците шо прат, да прат само претрес прајеа кај Ката. Ни змијата под каменот не видела толку маки како баба Ката Варошлица. Гледаше шест деца и три стари. Прва кумитска куќа беше куќата на Варошлиовци. Тука беше клучот и каналот на кумитите.
Некој пат во Стара црква во Прилеп се пеело на грчки. Диме Кусески идел овде. Грчкиот владика доаѓаше во Прилеп. Дојди, пропеј на двенатри, збери ги парите, замини си. Ние, прилепчани ништо не разбиравне. Владиката пееше на грчки. Ни се здодеваше од тоа пеење. Во Прилеп имаше малце Грци. Тие шо беа беа најбогати. Станале, се собрале сите. На грчкиот владика му носеле cè. Станале грчките попој нарачале на грчкиот владика да му донесат две прасина. На домашните им рекле:
- Ко ќе дојдат селаните убо да и пречекате, да и наручате.
На селаните им се здодеало од носење прасина. Селаните зеле две кучина, им ги врзале муцината и клале во една вреќа. Место прасина, кучина му однесле на попојте. И пречекале селаниве, и наручале. Селаниве на жените од Аџи-Поповци им рекле:
- Прасинава многу се диви. Кај да и клајме?
- Во визба.
Мажите ко си дошле веднаш прашале:
- И пречекавте селаните?
- И пречекавне.
- Донесоа прасина?
- Донесоа?
- Kaj ce?
- Во визба се затворени. Во вреќа се врзани, прасината се малку диви. Селаните ни рекоа: ко ќе дојдат мажите нека и одврзат.
Ко влегле мажите место прасина виделе кучина. Тогаш тие рекле:
- Ај, анасана бутур селани. Ти и квачиш, тие абер од пилина немаат!
Грчките попој и продајните души и мачеле селаните. На народот му се здодеа од грчкото пеење. Прилепчани сакаа славјански, и решиле да го истерат грчкиот владика од црквата. Една недела грчкиот владика ко влегол во црквата за да пее на грчки, сабајлето рано Диме Кусески отишол кај Нича Биолчета. Диме клукнал на портата од Нича Биолчета и му свикал:
- Стани Ничо, предупреди ги сите околу тебе, денеска ќе го тераме грчкиот владика од црква.
Отишле сите в црква како секјоа недела. Таман влегол владиката и Ничо Биолче свикал во црквата:
- Нејчиме грчки владика!
Сите шо биле во црквата свикале и грчкиот владика го истерале од црквата и оттогаш почнало да се пее во црквата на славјански. Грчкиот владика седеше кај Аџи Поповци.
После тоа пак сакал да дојди грчкиот владика во Прилеп и да пее во црквата на грчки јазик. Ама касапите од Прилеп се собрале и со тулумби и стапој го истерале. Шо немало во Прилеп! Уште еднаш не дојде грчки владика. Постепено сите Грци од Прилеп се иселија.
Ко станало сефте да се пее на славјански во црквата во Прилеп, некој си Ордан од Велес и удрил прилепските камбани. Тој сефте и удри камбаните. Станал сабајлето и удрил камбаните, народот се чудел и почнало да се пее на славјански јазик. Силно и удри камбаните. Ордан било селанче. Во селото имало пуста кучка од бегот, е удрил кучката по нога, таа почнала да криви. Си рекло:
- Сега бегот ќе ме отепа.
Откако Ордан и удрил камбаните, продајните души го предале. Ордана го затворија. Го осудија. На судењето му рекле:
- Еднаш тебе за вакви бели шо прајш окото ти е извадено.
Ордан бил и на заточение. Ордана тогаш го осудија и го обесија. Си го окрка.
Полека, полека Турците си го зедоа пашалакот во Стамбол. Тие беа големи јанкесеџии.
За Петрета Ацев тогаш се пееше песната:
Таму близу кај град Прилеп,
Едно мало селце Оревоец,
Таму се родил син геројски,
Блазе тебе стара мајко,
Син геројски си родила,
Геројско име си му турила…
Јас го думам Тасета, стрико на Петрета Ацев. Тасе беше брат на татко му од Петрета Ацев. Тасе беше најстар во браќата. Имаше син. Син му беше професор во Крушево. Тасе на старост од жал за родното место дојде од Софија. Овде умре. Од Турците гла не кренал.
Прв доктор во Прилеп беше Ордан Аџи-Митрески, па Јанчулев, па Ѓорѓи Чкатра. Тие беа учени доктори. Во Бугарија учеле. Јанчулев беше и
прв учител, а жена му Гена од Ракиџиовци беше директорка на училиште. Гена се мачела, го изучила и издржавала мажа си дури учел за доктор.
Од Коста Бомбол чупата се викала Санта. Санта се омажила на сила кај Карацутовци, а сакала кај Биолчевци. Тогаш излезе оваа песна:
Oj нено, нено,
Слатка нено,
Да пукниш
Слатка нено,
Да тресниш,
Шо ме даде
Кај Карацутовци,
Карацутовци гркомани,
Гркомани, ништоверци,
Јас неќам кај Карацутовци,
Јас сакам кај Биолчевци,
Карацутовци пари имаат,
Гркомани чест немаат,
Биолчевци пари немаат,
Пари немаат, чест имаат,
Православен јас си сакам,
За Бојана, за Бојана Биолчески.
Постарите од мене рекле: Животот без љубов не вреди ни за едно луле тутун!
И на крајот пиши бре дете некој збор и за брат ми Ицко Клисуроски. Брат ми уште како млад почна да работи во прилепската организација. Во организацијата и внесе сите пари од дуќанот. За организацијата збираше пари и од народот. Некој го накодоши. Турскиот уќумат го затвори. Во затворот се разболе и умре.
И во турско време имаше луѓе бери-пари, а имаше и луѓе јади-пари. Многумина прилепчани загинаа за Македонија кој од куршум, кој од болест.
(Забележал: Стојан СИЛЈАНОСКИ)
(Објавено во „Стремеж“, година XVII, мај-јуни 1972, бр. 1-2)
Коментирај