Две лубеници под една мишка

Две лубеници под една мишка

НАРОДНИ КАЖУВАЊА

ДВЕ ЛУБЕНИЦИ ПОД ЕДНА МИШКА

(Раскажува Ристе Димески, роден во село Долнени, Прилепско, сега живее во Прилеп, стар 90 години, пензионер).

Во турско време во село Долнени имаше три агалари, три чифлизи. Еден од агаларите се викаше Асан. Имаше чифлиг и полјак беше на селото. Носеше две лубеници под една мишка. За Асана беше вака. Делницата наша зеде овци на маст. На стопанот му дава на педесет овци два- триесет кила маст и полојна од волната. Асан како полјак и бркаше овците од полето, а селаните за инает на Асана не и бркаа овците од село. Еден ден се слушна пушка. Асана го отепаа. Ефтино замина во пеколот. Асан бил ноќта в поле, на бостан. Селаните му ватија метерис. На селаните шо го отепаа Асана пушки му даде еден агалар од селото кој го мразеше Асана. Асан си го окрка.

Во село Сливје, Прилепско живееше еден бег. Еден селанец, по име Цветко Попов, еден од тепачите на Асана, еден ден на Песјобрци го сретнал бегот. На бегот му рекол:

- Бегу, чекај малце! Ке слезиш малце од коњот, јас да се качам, али ќе ме личи за бег?!

Бегот одел полека и замислен. Бегот му го дал коњот и пушката. Цветко се качил на коњот, бегот одел пешки.

- Шо велиш бег сега? Али ме прилега за бег?

- Те личи како да не.

Цветко јавал на коњот колку еден саат место. Едно време го запрел коњот. Цветко на бегот му рекол:

- Бег, ела ваму!

Бегот се стрчал. Цветко му го дал коњот и пушката и на одење на бегот му рекол:

- Бег, ај сега со здравје!

Е, сега вака беше во турско време. Ако појдиш во воденица, не мојш да се вратиш, агите ќе те суредаат. Ако појдиш на пазар, ја ќе се вратиш, ја не, ќе те голтни месечината. Е, едно од Новоселани, Прилепско, двајца браќа, ед ниот се викаше Нешко, еднио Кочо, мелеа жито во водениците во село Зрзе, Прилепско за цела година. Стапчината в раце, минеле по поле, никаде чоечки глас, ниеден селанец в поле, на секаде пустелиа, стасале во воденица. Ко го сомлеле житото, го тоариле коњот, кинисале по пат и на Пречни пат од село Зрзе наваму, карши селото Долнени, и сретил еден Турчин и двајцата и отепал на место. Едниот од браќата ко терал жито за село Зрзе, се сретнал со овој Турчин. Турчинот му рекол:

- Море, еден тор пченица да ми донесиш!

- Али дојде филан селанец?

За тоа шо не му дале пченица и отепал објацата. Ама, не помина многу време и тој ага замина во пеколот.

Е, сега ќе кажам за Толе Паша војводата. Тој бил со четата во село Дуње, Мариово. Во селото имало мудур и турски аскер. Некој пошол кај мудурот и му рекол оти Толе Паша ќе оди со четата во село Будјаково и ако сакате да го суредите, јас ќе бидам со Толета Паша, ќе му кажам оти селото е сардисано, бегајте од кај реката, вие ќе ја ватите пусијата кај реката и така ќе го отепаме!

Така стана. Сите комити и отепаа. Предавникот бил од село Дуње. Тој отишол во Битола. Еден селанец од Дуње дошол во Прилеп и сторил абер оти предавникот на Толета Паша замина за Битола со три маски тоарени со волна. Волната ќе ја продава во Битола.

Шаќир, пајтонот под него, отиде во Битола на ан кај Налевчината. Во анот прашал:

- Али дојде филан селанец?

- Тука е, отиде да вечера, сега ќе се врати!

По десетина минути се вратил кодошот. Отишол в нужник. Шаќир со нагантот по него. Во нужникот го отепал. Му и зел маските и волната. Комитетот и продаде маските и волната.

Едно време една чета комити беше во село Забрчани, Приленско. Еден селанец отишол кај кајмакамот во Прилеп. Ова беше пред Велигден, на сам ден Величетврток. Селанецов, кодошов му рекол на кајмакамот:

- Ефенди кајмакам, во селото Забрчани има комити. Испратете аскер за да се куртулиме од нив.

- А бре синко, оди си, сега вие денот, на комитите дајте му јадење, ќе си одат!

- Ефенди кајмакам, ако не ми се помини овде, ќе одам на валија во Битола!

- А бре синко, арно, ќе пратам аскерот, само на тебе нека биди гревот!

Кајмакамот испратил коњаница во село Забрчани. Комитиве ко виделе, излегле од село, аскерот озгора идел. Комитиве влегле во една дупка кај шо се вадело камен за куќи. Аскерите почнале да пукаат. И комитиве пукале на аскерите. Удри едни на други. Се тепале до мракот. Во мракот престанала битката. Војводата облечен во турски офицерски алишта, сабјата е влечкал по турски по земја и по турски викнал по комитиве:

- Ојте од кај реката!

Војводата му сторил абер на комитиве. Комитиве по него. Избегале од таа стапица. Остајле комитиве една сакма на едно дрво. Турските аскери пукале на сакмата, буфтале на ветар, а комитиве заминале за манастир „Света Богородица – Трескавец“. Агите ништо не сетиле. Ко сабајлето нема ништо. Аскерите е натерале една баба да провери шо има кај сакмата, да види али се истепани комитите. Бабата отишла кај сакмата, видела оти нема загинато ниеден комита, се вратила кај агите:

- Нема ниеден комита отепан!

Агите, откако стивна борбата, нога за нога, со наведнати глај си заминале за Прилеп. На кајмакамот му светнале очите како на манастирски мачор, челото му се намуртило, брадата и мустаќите му се дигнале оти аскериве се вратиле со празни раце тој ден. Во неговата душа растела лутината како квас.

Во Крушевското востание агаларите од село Десово, Црнилишта, Пешталево и Браилово, од тие четири села собрале коњи и кревале од Крушево: арани, џумој, килими, јамболии. Во село Долнени полјакот беше Турчин од село Пешталево. На овие му велел:

- А бре кардаши, не чини ова шо го прајте и нашите ќе го креваат за бргу време! Рисјаниве не ни се плашат и тие во носот имаат волна!
И навистина така излезе. По девет години и нивните плачки се креваа така. Овај свет е една скала, едни слегуваат, други се качуваат.
Bo 1914 година станав српски војник. Прво служев во Прилеп. Од Прилеп ме кренаа за Битола, од Битола за Охрид. Ветрот ме одвеа кај летен Свети Никола на Ќефасан во Албанија. Се кренавне, удривне на Албанците во ќукус. Тука прво се удри вториот батаљон со Албанците. Јас бев во трети батаљон. Трети батаљон појде на помош. Вечерта кинисавне. Врвевне една голема планина. Местото беше сосем пусто, немаше жива душа ниту во рамнината ниту по патот ниту во планината. Цела ноќ одевне низ планината. На врвот од планината имаше една рамница. Сабајлината стигнавне во Кукус. Вативне веза со вториот батаљон. Се удривне со Албанците. Албанците мислеа оти само еден наш батаљон води борба. Слушнавне некаква свирка. Кај шо се тепавне местото беше оградено со камен, со ѕидишта од камен. Се тепавне до кај два саатот по полноќ. Ноќ, црна ноќ. Ноќта cè подлабоко навлегуваше. Многу пешачевне. Да пешачиш долго време, гладен, уморен е исто како и да умираш во секој миг. Очите пропаднати и вкочанети, изгледаа како изгаснати, уморни. Задуман и уморен. Одевне пешки по патишта кои се качуваа и се симнуваа. Пред себе падини, мошне стрмни и опасни. Од секаде те демни непријателски куршум, ела мрдај ако можиш. Нашата војска и намести топојте на реката Шкумба. Сите топовски цевки то изблуја огненото железо во ограденото место. Паѓаа шрапнелите. Околу седумдесет души мртви Албанци. Албанците избегаа. Нашиот командир нареди:

- Тројца војници една овца, колете, печете, јадете!

Бевне гладни и жедни. Здивнавне слободно и со полни гради. Водот во кој шо бев имаше шеесет војници. Одевне по една мала падина, по едно патче, мали ритчина. Седнавне да одмориме. Ко слушавне врева одозгора, а едно војниче од село Крапа, Македонски Брод разбираше албански. Ни кажа оти има во близината Албанци. Имавне еден поднаредник, се викаше Цибиќ. Наредникот нè распореди од едната страна триесет војници и од другата страна триесет на растојание од педесет метри од еден до друг војник. Албанците навалија. Таман дојде на долниот крај, ние викнавне:

- Оп! Стој! Долу оружјето!

Албанците и кренаа горе рацете, го фрлија оружјето на едно место во една ливада, стотина метри далеку. Тука и собравне Албанците. Ко видоа оти ние сме малку, почнаа да се шушкаат. По албански си велеа:

- Ај да му се тутниме, ќе му и земиме пушките и ќе истепаме!

Тие беа сто и педесет души. Еден од нив рече:

- Учени се сите на нож, ќе не истепаат, да бегаме, некого ќе отепаат, сите не, ќе избегаме!

Почнаа да бегаат. Ние клекнавне на колено, пукавне понив, отепавне стотина души, другите побегнаа, куртулија. И денеска им се валкаат глајте, никој не и закопа. Ко се вративне есента, само глајте им се тркалаа. Бре мајката шо имало од чоека! Едно торбе коски. Шо им се чинеше. Еј будали бре, умо ве лажеше, таквото ви се радуваше! Ние не седевне со скрстени нозе и раце. Го зедовне Елбасан. Сите бегаа за Елбасан. Сите избегани беа собрани на една ширина. Тргнавне за Тирана. Летно време, одевне пешки. Еден со коњ трчаше отаде. Ни рече:

- Трети батаљон да се врати во Елбасан, а другите батаљони нека одат напред!

Во Краба се окопале Албанците. Тука многу наши војници загинаа. Сега дојде мило за драго. Многу мина си го окркаа. Ко се вративне во Елбасан, одевне по претрес во албанските села. Отидовне во едно село. И собравне селаните.

- Кај ви се пушките?

- Немаме пушки!

Командирот нареди:

- Ископајте еден ендек долг десетина метри, широк едно метро. Бидејќи не кажуваат кај го кријат оружјето, сите ќе и истепаме.

Еден од селаните излезе од стројот и рече:

- Јас ќе кажам кај се пушките.

Десетина војници замина со него во една куќа на три ката. Зад куќата имало еден магацин. Во магацинот имаше двесте и осумдесет пушки и многу сандаци со муниција. Собравне магарина и коњи, пушките и муницијата и тоаривне. Заминавне со запленетото оружје и муниција за Елбасан. Оружјето го остајвне во Елбасан, пак се вративне во селото. Еден Албанец ни кажа оти имало скриено и еден митралез во шумата. Го најдовне митралезот, го тоаривне на еден коњ и го испративне и него за Елбасан. Во едно село близу до Елбасан еден бег скрил еден топ. Со топот побегнал. Со бегот избегале машките, а во куќата останале двете ќерки и мајка му од бегот. Ноќта е сардисавне куќата, излезе бежицата со девојчината. Офицерите се качија горе во куќата. Ние војниците најдовне улишта со пчели, многу кошари. Земи ја кошарата, фрлија в река. Истресија, земи си мед, наполнија торбата и јади. Тргнавне. Командиро вика по нас:

- Шо напрајвте бре?

- Господине командире, ние се најадовне мед, а вие шо напрајвте со девојките?

Од една кошара извадов петнајсет килограми мед. Сигурно беше првак медот. Сите зедовне од медот. Од Елбасан во Струга, па во Дебар, па во Мавроски Аној, на Буковик. Тука се окопавне. И чекавне Бугарите. Се удривне со бугарските војници. Во борбата ме заробија. Ме отераа во Гостивар. Не затворија во една куќа. Еден имаше од Крушево. Бугарите имаа многу војници. Нерамна борба. Пленик во Гостивар. Не затворија во една куќа. Еден имаше од Крушево. Се викаше Милан. Милан бил доброволец во битките против Турците. Стојме таму затворени. Имаше еден балкон на куќата. Помина еден бугарски поручник, Чилев, од Крушево. Чилев се познавал со Милана. И Милан беше пленик. Милан се стави со Чилев. Милан му вели:

- Чилев, що прајме ние овде?

Чилев му бил командир на Милана во војната против Турците во 1912 година. Чилев му наредува на стражарот:

- Пушти овие тројца војници!

Нè пуштија мене, Милана и еден од Прилеп. Чилев нè отера во една кафана. Во кафаната беа собрани сите бугарски офицери. Еден мајор нè праша:

- Од кај сте бре момчиња?

- Од Македонија. Двајца сме од Прилеп, а едниот од Крушево.

- Кого го познавате во Прилеп?

Ние му редевне: тој, тој, тој. Мајорот бил од Прилеп. Брат на Ордана Кралот. Јас му велам:

- Господине мајоре, не заробувате и ни ја слековте униформата!?

- Кој ви ја слече униформата?

- Вашите војници.

- Дали познаваш некој?

- Господине мајоре, познавам, еден младши подофицер.

- Како се вика?

- Не знам, господине мајор.

Мајорот прати еден војник. Го викна младшијата и мајорот му вели:

- Веднаш да му е донесиш војнишките алишта на тројцата!

Се облековне. Чилев му вели на мајорот:

- Господине мајоре, шо да прам со овие пленици?

- Дај на готвачите, нека помагаат!

По некое време се повлековне од Гостивар. Дојдовне во Кичево. Во Кичево седевне само четири дена. Се кренавне, дојдовне во Цер. Ноќта во Цер лежавне. Сабајлето офицерот седна на еден астал и ни напиша по една објава. Ни рече:

- Ојте си дома! Видете се со домашните пак ќе ве земиме војници!

Се исчепивне од пленство. Си дојдов дома зимата на сам ден Пречиста.

Бугарската власт ме зеде да работам во планината во Полчишта, во Мариово. Таму работев две години. Бичевне штици и греди за војската. Спиевне во планината.

Бев на гурбет во Аргентина, во Буенос Аирес. Таму останав три години. По море патував со еден германски параход. Параходо се викаше Кампортегал. По вода патувавне дваесет и три дена. Во Буенос Аирес копавне канали за одводнување на водата. Големо поле око да не ти го догледа. Со колички е теравне земјата педесетина метри далеку од каналот. Работата не беше лесна. Размислував дали океанот е поголем или мојата мака. Шо сакаш, животот е таков, гола сиромаштија. Во Аргентина останав три години. Отидов со стрико ми Јордан. Тој имаше брат порано појден во Буенос Аирес. Се викаше Петре, тој не подзеде. До Велес патувавне со коњи кираџиски. Плативне по десет и пол наполеони. Еден наполеон чинеше двајсет динари. Одевне со агенти. Стасавне во Базел во Швајцарија. Тука добивне шифкарта. Во Марсел се качивне во лаѓата и заминавне. Ни тераше сиромаштија и неволјата да го напуштиме крајот во кој сме се родиле и растеле.

Минатото е товар шо не се носи.

(Забележал: Стојан СИЛЈАНОСКИ)

Објавено во „Стремеж“, бр. 8, 1977 година.

Нема Коментари

Коментирај