Маркови Кули со крстот.

„Древна цивилизација“

„Древна цивилизација“

Албумот „Древна цивилизација“ е составен од слики од истоимената книга од авторот Тренчо Димитриоски.

Голема благодарност до Тренчо што ни ги отстапи сликите од неговата збирка.

Извадоци од книгата:

„Големата камена порта се наоѓа меѓу две големи карпи, под вториот по големина врв на Маркови Кули, наречен „Тапанче“. Се работи за порта висока околу 2,5 метри, формирана меѓу грамадните карпи од двете страни, со еден поголем монолит од гранит, кој се наоѓа на местото на покрив на портата“.

„При истражувањата вршени во 1978 година на највисокиот врв на Маркови Кули – Чардак, археолозите од Полска и тогашната СФРЈ констатирале сензационални откритија од праисторијата на јужниот дел од врвот на една помала карпеста тераса. Како што стои во извештајот на полскиот инженер д-р Тадеуш Полак, шефот на Полската истражувачка мисија, самиот тој открил слики на карпа, на кои се претставени воини, сцени од лов, птици и животни“.

„Некрополата, лоцирана на поголема површина од една карпа, има навистина фасцинантна форма на птица. Оваа некропола е своевидна скулптура на непознат мајстор. Таа е во сосема здрава состојба и претставува монолит, неначнат од времето, кој со продуктите на погребувањето, е еден од најатрактивните елементи на Маркови Кули“.

„Мечкина Дупка“ – аристократска гробница. Потекнува од периодот на развиеното македонско царство на просторот на Прилеп. Таа е еден од археолошките наоди од некрополите на „Калдрма“, на која се констатирани наоди од 5 до 4 век од пред нашата ера“.

„Дупен Камен“ – карпа со поголеми размери, со поголема шуплина под неа и отвор што личи на вистински прозорец, кој гледа кон југозапад. Околу оваа карпа се забележуваат остатоци од ѕидови на стара градба, какви што има и на поширокиот дел од неа. Гледана од југ, „Дупен Камен“ потсетува на заспан зајак. Оваа карпа се наоѓа по патот за Трескавец.

Карпата „Шарен килим“ претставува впечатлив природен објект во локацијата Рамниште на Маркови Кули. Има жолтеникава боја и ишарана е со темни линии од дождовите, заради што го носи и специфичното име.

Карпата „Трон“, која се наоѓа во непосредна близина на „Слонот“. Оваа карпа води потекло од времето на првите векови на населувањето на Словените, а според други претпоставки, таа потекнува уште од праисторискиот период. Според Бошко Бабиќ, „Тронот“ може да води потекло уште од времето на првите векови на доаѓањето на Словените на Балканот и на овие простори, а има и претпоставка дека „Тронот“ води потекло од некое време по започнувањето на човекот со обработка на каменот.

Ридот „Мечка“ над селото Селце, зрачи со естетика со специфичен набој на мистика, која го опкружува. Расположен јужно од селото, претставува краен дел од еден крак од планината, источно од Прилеп. Ова се највисоките карпи на „Мечка“, кои биле дел од некогашните објекти на праисториска населба, каде што се наоѓаат значителни количини на праисториска керамика, која потекнува од новото камено време.

Најатрактивниот дел на врвот „Мечка“ – карпата, која гледана од двете страни на ридот личи на наведната мечка. Таа претставува засебен гранитен монолит, поставен на горната рамна површина на една огромна карпа, која го заградува просторот на праисториската населба од север.

Карпата на ридот „Мечка“, која наизглед лесно може да падне секој момент. За време на Втората светска војна, некои германски и бугарски војници се обидувале да ја урнат оваа карпа со топовски истрели од долината, но не успеале.

Нема Коментари

Коментирај

© 2011/12 dbmc