Дреновци се наоѓа на источниот дел на територијата на општина Долнени, чиј атар се издига до сртот на планината Бабуна. Селото е ридско, на надморска височина од 770 метри. Од градот Прилеп селото е оддалечено 22 км. Атарот зафаќа простор од 12,4 км2.
Во XIX век Дреновци било село в Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Дреновче (Drenovtché) е посочено како село со 62 домаќинства, со 318 жители.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Дрѣновци е населено од 760 жители христијани.
Во почетокот на ХХ век, целото население од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Дреновци (Drenovtzi) имало 600 егзархисти и во селото работело бугарско училиште.
При избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, двајца дреновчани биле доброволци во Македонско-одринското ополчение.
Во Дреновци е роден револуционерот Крсто Наумов (1855 – 1905).
Според пописот од 1961 година, во Дреновци живееле 761 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 238. Според пописот од 2002 година, селото има 231 жители, сите Македонци.
Коментирај