Учесници на сликарската колиноија „Дрен“.

Дрен

Дрен е сместено во источниот дел на територијата на општина Прилеп, во историската област Раец, која го опфаќа сливот на истоимената Раечка река, која е притока на Црна река. Источно од селото се издигнува планината Дрен, а западно – Селечка планина. Надморската височина на селото е приближно 570 метри. Климата во селото е континентална. Од Прилеп селото е оддалечено 27 км источно. Дрен е рамничарско село, чиј атар зафаќа простор од 19,3 км2.

Селото Дрен лежи во дното на пространата изворна разделина, на терасата на левата страна на Царевиќка Река, десната притока на Раечка Река, а под преслапот Србиново. Во селото и околината има доста извори. Дрен отсекогаш било христијанско село од збиен тип, со издолжена форма во правец на реката. Во почетокот на ХХ век Дрен имало само 26 куќи, и тоа: Сизовци (11) и Крлевци (15).

Дренчани отсекогаш биле сточари и живееле „од своето“. Нивите околу селото се на рамнините на ридовите, а посевите на планините отсекогаш биле уништувани од дивите свињи. Покрај реката се градините и бавчите со свои вади. Шумите за сеча се на планината околу и над селото: Четири буки, Камена страга, Сама бука, Нежилово, Клен, Кочиште, Степанова стена, Смилова тумба, Србиново, Кошутица, Студно, а таму се и пасиштата.

Во XIX век Дрен било село во Прилепската каза, Мариовска нахија на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Дрен (Dren) е посочено како село со 32 домаќинства и 128 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Дрѣнъ имало 240 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век, населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Дрен имало 240 егзархисти и работело бугарско училиште.

Најстарите фамилии „од време“ се собрале од околните Селце или Селиште, а тие се: Сизевци, Костевци (слават Свети Никола) и Крлевци (слават Арангеловден).

Други постари доселеници се: Гусовци (дојдени од Клен, мариовско, во почетокот на XIX век, слават Свети Никола); Кашаровци (дедо им од Димовци од Царевиќ дошол домазет кај Костевци во средината на XIX век, слават Арангеловден).

Понови доселеници во Дрен се: Ризовци (побегнати од кавадареко Грбовец околу 1860 година, слават Свети Никола); Цемовци (некој Тоде од Мрамор дошол домазет кај Крлевци во 1901 година, слават по дедо му Арангеловден). Од семејството на Ризовци во 1916 година едно семејство се исселило во Прилеп.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 128; 1953 = 111; 1961 = 46; 1971 = 19. Според пописот од 1981 година, во Дрен имало 16 жители, во 1991 = 11, во 1994 бројот се намалил на само 7, а според пописот од 2002 година селото има само 10 жители, сите Македонци.

Во селото Дрен се наоѓа црквата во чест на „Свети Никола“.

Во непосредна близина на селото се наоѓа манастирот во чест на „Свети пророк Илија“. Забележано е дека во почетокот на ХХ век на ова место постоеле само темелите и престолот. Најверојатно, манастирот е разурнат за време на турското ропство.

Благодарение на пожртвуваноста на ктиторот Цветко Ѓорѓиоски, на ова место во 1950 година изградена е малечка црквичка, каде што почнале да се собираат дренчани за празникот Свети Илија, „кога се правеле покрсти до Селиште“, како и за празникот Свети Архангел Михаил. Меѓутоа, оваа црквичка била малечка и скромна, па по иницијатива на црковниот одбор изградена е поголема црква, која била осветена на 2 август 1972 година од митрополитот Методиј (Попоски).

Со анагажирање на црковниот одбор (Милан Најдоски, Блаже Недески, Диме Недески, Кире Недески и Атанас Талески), а со благослов на епархисхиот архиереј господин Петар, оваа црквичка, која не ги задоволуваше верските потреби, а беше изградена повеќе како импровизација, во 2008 година беше урната. На 7 јуни 2008 година беше извршено осветување на темелите за новата манастирска црква. Благодарение на несебичноста на иницијативниот одбор, дарежливите прилепчани и штедрите стопанственици од Прилеп, за кусо време беше изградена новата манастирска црква од делкан камен. Осветувањето на новоизградената манастирска црква се случи на 26 април 2014 година, на Светла Сабота. Чинот на осветувањето го изврши Митрополитот Петар, со бројни свештенослужители од Прилепското архиерејско намесништво.

Во манастирот „Свети Илија“ секоја година традиционално се одржува меѓународната сликарска колонија „Дрен“.

На 20 март 1905 година, во Дрен бил убиен Петар Железаров, македонски свештеник и револуционер, родум од Битола.

Нема Коментари

Коментирај